„Сум ги голтала солзите затоа што гледачите сакаат да видат силна жена на екранот - но, се случувало да ми затрепери гласот“: Разговор со Елизабета Дамјаноска Спасеновска

Добивај вести на Viber

Новинарството е нејзин начин на живот, животен повик, една од најважните улоги со кои се идентификува, новинарски прецизна, точна и со изострен светоглед. 

Иако вели дека пред екраните, на кои ја гледаме како известува за сите важни теми и теми од јавен интерес се труди да биде силна и професионална, голем број животни случки силно ја трогнале како човек, по што ги преживувала емотивно сите настани за кои информирала. Теренот ѝ е во срцето, но гледачите се согласни дека еднакво добро се снаоѓа и во студио. 

Според неа успехот на еден новинар се мери во довербата што ја создава со јавноста, иако свесна е дека новинарството во дигитално време трпи многу промени, па така и новинарите се прилагодуваат на новите текови. 

Мајка е на две деца, семејна и остварена. Постојано жонглира со сите дневни обврски кои ги има. Понекогаш се прашува дали е добра мајка или дали е добар професионалец. Но на крајот од денот, секогаш заспива со мирна совест бидејќи знае дека дава сѐ од себе. За „Женски магазин“, отворено и искрено говори новинарката Елизабета Дамјаноска Спасеновска. 

1. Кои беа најтешките моменти во твојата новинарска кариера и како се справуваше со нив?

-Најтешко ми е кога треба да известувам за трагедии – несреќи, болести, човечки загуби... Не е лесно да бидеш професионален кога пред тебе стои некој што го изгубил најмилото, а ти треба да го прашаш „како се чувствувате?“. Се справувам така што прво сум човек, па дури потоа новинар. Приоѓам со почит, молчам кога треба, и ја пуштам камерата да зборува само кога има смисла. Најтешко ми беше да известувам за трагедијата во Кочани, но нема да ги заборавам и поплавата во Стајковци, и двете автобуски несреќи во кои имаше многу жртви.

2. Дали некогаш си пуштила солзи додека известуваш – било поради емотивна содржина, стрес или лична поврзаност со темата?

-Повеќе би кажала дека сум ги „голтнала“ солзите, затоа што гледачите сакаат да видат силна жена на екранот. Но, се случувало да ми затрепери гласот. Ќе споделам со вас, утрото на 16 април, кога родителите од Кочани се уште незнаеја дали децата им се живи, и се обидуваа да ги дознат имињата на починатите, јас известував во живо, и давав се од себе да не заплачам пред целата македонска јавност. Но, кога се изгаси светлото од камерата, повеќе не морав да бидам „камен“.

3. Што повеќе те привлекува: динамиката на теренот како репортер или контролираната атмосфера во студиото?

-Теренот секогаш ќе ми биде во срцето. Таму се вистинските приказни, таму се луѓето, мирисот на животот. Адреналинот од директно јавување од терен, или чувство дека си првата што пренесува нешто важно – тоа не се заменува. На терен можеш да покажеш, наместо само да раскажеш. Од друга страна, во студио си безбеден, далеку од протести, пожари, и разни временски непогоди. Сепак, според мене, теренот е срцето на новинарството.

4. Во која новинарска техника најмногу уживаш – интервју, репортажа, анкета или нешто друго, и зошто токму тоа?

-Најмногу ја сакам репортажата. Таа ти дозволува да се нурнеш во една тема, да ја допреш суштината, да го почувствуваш ритамот на местото... Репортажата не е само пренос на информации – тоа е раскажување на живот, односно од новинарот бара да биде набљудувач, слушател, раскажувач и писател истовремено.

5. Според тебе, што е клучниот критериум за еден новинар да биде успешен – бројките и влијанието што го има, или вредностите и етиката што ги застапува?

-Бројките доаѓаат и одат, односно рејтингот може да се зголеми или да се намали, но интегритетот останува. Јас верувам дека новинар без етика е како компас без север – може да одиш, ама не знаеш каде. 

Успехот се мери и со довербата што луѓето ја имаат во тебе. А дека голем број луѓе имаат доверба во мене говори и фактот што многумина од нив стапуваат во контакт со мене и замолуваат да обработам некоја тема која што им создава тешкотија, со надеж дека на тој начин ќе дојдат до полесно решавање на проблемите, кои што најчесто се институционални.

6. Како се менува новинарството во дигиталната ера, и дали мислиш дека квалитетната содржина сè уште има предност пред брзината?

-Новинарството се трка со време, со кликови, со алгоритми. Но, верувам дека квалитетната содржина – онаа што допира, што освестува, што трае – секогаш ќе најде пат до публиката. Брзината е важна, но длабочината е она што останува.Затоа ќе кажам, иако многумина прво кликнуваат на насловот што „вришти“, кога станува збор за важни теми - луѓето бараат доверливост.

7. Која е приказната што засекогаш ќе ја паметиш – било поради предизвикот, човечката драма или професионалната гордост што ја донела?

-За време на Ковид кризата, кога заразените кои се лекуваа во болниците не смееја да примаат посети, со мене стапи во контакт човек чија мајка беше глувонема. Ми раскажа дека никој од персоналот во клиниката не го знае знаковниот јазик, а и носењето маски го отежнува читањето од усни. 

Пациентката ниту знаела како напредува нејзиното лекување, ниту пак можела да разбере што и советуваат лекарите, а бидејќи посетите беа забранети, исклучена беше информациите за пациентот да му бидат дадени на член од семејството  По обработката на темата, Комисијата донесе нов протокол во кој што посебно го регулираше начинот на известување и комуникација со семејствата на пациентите кои го зборуваат знаковниот јазик, а потоа јас добив и благодарница од здружението на глувонеми. Не беше тоа само вест – беше живот што се менува пред мои очи. Тоа не се заборава.

8. Покрај реализирана новинарка, ти си и мајка на две мали деца. Дали е тешко истовремено да се биде добра мајка и успешна новинарка?

-Не е лесно ни малку. Мислам дека не може да бидеш двете работи истовремено. Има денови кога сум добра новинарка, останувам на работа до доцна и успешно го завршувам денот, но истиот тој ден не би можела да кажам дека сум била добра мајка. Не сум прочитала приказна пред спиење, не сум проверила домашна работа... Од друга страна кога сето тоа ќе го направам чувствувам дека не сум дала сто проценти од себе во новинарската редакција.

Ова сакам да биде и порака до сите мајки кои истовремено се успешени кариеристки. Во ред е ако некогаш се чувствуваат дека некаде грешат или дека не го дале својот максимум. Тешко е да се биде 100 проценти фокусиран во сите полиња. Поддршката од најблиското семејство ми помага да се справам со работните викенди и вечерните обврски. 

Разговорот го водеше: Магдалена Стојмановиќ - Константинов