„Тишината ми беше најгласниот крик кога преку ноќ останав сама“: Рената Костовска за битката што ја претвори во жена-лавица

Добивај вести на Viber

Понекогаш животот за миг ја менува насоката и те фрла во најтешките води – без предупредување, без подготовка. Така се случи и со Рената Костовска, жена која активно учествува и е општествено ангажирана, граѓански и политички, за општо добро за препознавање и законско дефинирање на терминот еднородителско семејство во Македонија, која за една ноќ остана без својот сопруг и најголема потпора. Болката беше длабока, тишината прегласна, а патот пред неа непознат. Но, наместо да потоне, таа реши да научи да плива во новите бранови.

Четири години подоцна, таа зборува за патот на жената што морала одново да го гради својот идентитет, да ја пронајде внатрешната сила и да стане и мајка и татко во исто време. Во ова искрено интервју открива што значи да се издигнеш од најтемните денови, како се гради доверба кон животот кога еднаш сè се распаднало, и зошто верува дека вистинската женска сила е тивка, но непоколеблива.
Рената Костовска ја споделува својата искрена и сурова приказна за патот од болка до внатрешна слобода. Не зборува само за преживување, туку за повторно раѓање, за борба која не завршува со пораз, туку со нова цел и достоинство.


ЖМ: Четири години откако остана без сопруг – што научи за себе како жена, мајка и личност во тие години?

- Кога жена ќе остане без својот сопруг – без разлика дали поради смрт, развод или разделба тоа за неа е длабоко животно искуство што носи болка, но и можност за голема лична трансформација. Лично јас научив дека сум имала сила што не сум знаела дека ја имам, колку и да звучи клише за мене е најважно да секоја една ја пронајде силата. Поминав низ низа трасформации како независност, нов идентитет, почнав повторно да се запознавам себеси, станав посвесна и посвртена кон себеси, тука не мислам посебична, туку повеќе посветена на себе и своето здравје. Загубата ме научи  почесто да се потсетувам колку е животот непредвидлив, да го ценам секој ден, љубовта кон себе стана многу важна, сето тоа ме донесе до едно ново ниво на самоисцелување кое ми даде можност да продолжам понатаму во животот.

ЖМ: Како се менува една жена кога ќе го загуби партнерот со кого градела живот – и што останува неуништливо во неа?

Ние луѓето кога ќе останеме сами по природа сме осамени, уплашени, збунети, несигурни, едноставно кажано не сме комплетни од причина што сме социјални битија, но во денешницава не така ретко повеќето од нас се соочуваат се некој животен предизвик. Мојот предизвик беше како преку ноќ  да научам да живеам коплетно нов живот. Пред загубата не сум ни помислила дека мене ќе ми се случи нешто што од корен ќе ми го промени животот, никој од нас не знаеме што ни носи утрешниот ден. На прашањето како се менува една жена..само ќе кажам дека мора да се смени, колку и да не сака колку и да е во некоја рутина, комфор зона и сл, мора да излезе пред светот со нова цел, многу храброст, помалку и пркос,превeнствено да се посвети на своето ново животно мото, а тоа сами треба да си го поставиме како цел секој од нас без разлика дали сме сами со партнер или не, многумина се прашуваат и сега што.... Јас само ќе им порачам , нема назад болен е целиот тој процес на заздравување, но мора да се изборат прво за себе. Само така и никако поинаку ќе можат да се носат со сите нови предизвици како самохрани родители. Повеќепати го повторив зборот мора, кој мене лично многу ми смета, мора, мора, мора, ништо немораме. Но во овој случај ова зборче морам дава некоја сила , која понатаму се трансформира во желба за нов живот, поубав, посреќен, дајте си шанса без “грижа на совест“ за среќа.

Какви ти се мислите, таков ти е животот

ЖМ: Кога велиш „Некои битки не се вредни за вашето време“, што те научи животот што претходно си се борела, а денес не би ни се обидела?

Некои битки и не се вредни за вашето т.е. моето време, во филозофска смисла подразбира разликување од суштинско и тривијално, ова е блиску до егзистенцијализмот. Во животот има ситуации кои изгледаат важни, но се всушност апсурно празни. За себе можам да кажам дека научив кога е моментот да се откажам од борба што не води никаде, од борба што не води кон лична афтетичност и најбитното внатрешниот мир. Јас би рекла накратко, доста е!

Да се откаже некој од непотребна борба не значи пораз, туку емоционална зрелост и мудрост.

Кога велам некои битки не се вредни за вашето време, во суштина мислам дека го бирам своето спокојство и вредностите, над потребата за победа по секоја цена. Одамна ми е доста од пирова победа.

ЖМ: Што значи за тебе „женска сила“? Дали си ја препознала кај себе пред да бидеш ставена на вистински животен тест?

Женска сила после преживеан животен бродолом е тишина што станува гласна, таа не вика- таа свети, не се правда -таа чекори. Секоја сила родена од болка не се срами од лузните. Жена што доживеала бродолом, онаа која научила да плива во водите во кои другите се плашат и да зачекорат, после голем животен пад е храброст да продолжи и кога се, се чини изгубено, мудрост да ги препозне границите, смиреност во бура, мека но непокорна, не мора да биде груба за да биде силна, способност да сака и верува повторно. Што се однесува на моето јас, делумно да, ја имам препознаено женската сила, ама имам уште да чекорам за да го заокружам кругот.

ЖМ: Во моменти на болка, што те враќа на вистинскиот пат – тишина, семејство, верба или нешто сосема друго?

Лично мене со еден збор би рекла ВЕРБА, верба прво во себе и основно желба за живот, син ми ми е sвезда водилка.


ЖМ: Што би ѝ рекла на жената која денес се наоѓа во мракот низ кој ти веќе си поминала?

Секоја една жена е своја на свој начин, малку е дикутабилно што јас би упатила како порака а да не е некоја веќе кажана. Мојата порака е да секој човек, не битно дали е маж или жена да не се откажува од себе од животот, патот до исцелување е трнлив, тежок, секое искушение да се откажеме понекогаш ни изгледа помалку болно од самата битка. Една изгубена битка не значи дека сме ја изгубле војната. А, победата сама доаѓа со дадено време сами на себе, упорност,сила која секоја жена ја има само треба да си ја најде во себе. Впрочем ако зборуваме лично за мене, јас излезот од безизлес го најдов вклучувајќи се во активности за општествено добро. Со самото тоа што се заложив за себе, вложувајки се себе за општо добро се тек на времето се чуствував се подобро, посилно, поодговорно, попосветено. Дојдов до момент кога сакав сето тоа да го споделам, со самото тоа и да помогнам на луѓе со слична судбина. Така дојдов до мојот личен мотив за политички активизам и делување во политиката, а тоа е исклучиво лична интензивна приказна , но и полна со болни загуби, но поради погрешни толкувања на мојот идентитет, како жена без сопруг морав да скршам многу бариери и да дојдам до слободата на заслужена почит. Така со текот на времето сфатив, дека голем товар тежи на плеќите на многу луѓе во државата кои се самохрани родители. Мојата кауза е подостоинстен живот на самохраните родители и нивните деца, од еднородитрелските семејства, и помош во надминување на нивните предизвици. Но, да не го политизираме интервјуто за ова повеќе во друга прилика.


ЖМ: Која улога ја има мајчинството во твојата сила? Дали твојот син е твојата најголема мотивација?

Овој одговор ќе ми биде најкраток,  ДА.

ЖМ: Кои се најчестите предрасуди со кои се соочуваш како вдовица – и дали си научила да ги игнорираш или да ги срушиш? (Ако сметаш дека е премногу ова прашање може да се избрише)

 Како жена и мајка за да стигнам до ова ниво на саморазбирање и самопчит изодев трнлив пат во нашето општество. Тоа подразбира многу предизвици, искушенија, самоанализа, борба за своето јас. Како учесник во општеството од оваа дистанца можам слободно да кажам дека сум  добила еден дел од моите животни битки. Но, тоа што мене ме плаши е наративот од општеството за самохраните родители, тука би ги издвоила жените. Самохрана мајка честопати се соочува со низа непријатности како потценувања, стигматизирање, дискриминација и сл. Причината ја гледам во самото општество, за жал ние се уште живееме во општество каде е потребно менување на менталниот склоп кај одредена група граѓани во поглед на нивното гледиште на самохраноста. Понекогаш некои поединци не се ни свесни дека секој нивни збор претставува удар зададен на низок, навредлив, уценувачкиначин кон родителот кој се бори со сите сили да живее.

ЖМ: Кој е твојот најмоќен женски ритуал – нешто што те враќа кон себе секој пат кога ќе почувствуваш слабост?

Мојот женски ритуал повеќе е духовен. Тихување со занимација околу моите цвеќиња, во тишината се пронаоѓам, ми се прочистува и умот и телото и потоа следат нови идеи и предизвици и така се отпочеток.

ЖМ: Ако мораш да опишеш една слика што го претставува твојот живот денес – како би изгледала? 

Како многу кривулеста мала река што тече по рамница, повремено околу ридови и села, опкружена по течението со цвеќиња и цвркот од птици и на крај завршува со водопад, не како пад туку како извор на сила.

ЖМ: Кога последен пат си плачела и си си дозволила да бидеш слаба – и зошто веруваш дека во тоа има сила, а не слабост?

Уф, јас многу ретко плачам што не го гледам тоа како големина, напротив понекогаш ми доаѓа да вреснам од плачење но, мојот мозок таа команда ја има негде потскриено. Ама, ако се расплачам можам три дена и три ноќи да си плачам, Плачете луѓе, само човек со душа плаче.

ЖМ: Што ја прави жената убава – после сè што си видела и преживеала?

Душата, ако ја изгубиме или ја изгрдиме бесмислено е се, цело  е кога и однадвор и одвнатре сјаеме.

ЖМ: Дали жената мора да избере помеѓу срцето и разумот – или токму животот учи како тие да танцуваат заедно?

По мене после се што ми помина во животот јас се повеќе го користам разумот, но во план сум и на чуствата да им дадам малку можност. Се шегувам, изборот дали срце или разум е деликатна тема има ситуации кај што и тоа како е потребно да се вклучи разум. А, срцето да го оставиме да ни шепоти.

ЖМ: Која е твојата дефиниција за женственост – и дали некогаш си се чувствувала дека мора да ја потиснеш за да преживееш?

Никогаш не сум сакала да ја потиснам мојата женственост и за ништо не морам да го направам тоа затоа што за мене женственост е хармонија меѓу нежност и сила, тоа не е само изглед туку комбинација од енергија, движење , внатрешни вредности итн. Ако сето ова го потиснам, ќе нема поголем дел од мене.

ЖМ: Како се гради повторно доверба – кон животот, кон луѓето, кон себе – кога сè што си верувала, еднаш се распаднало?

Јас си дадов шанса и само така може да се продолжи понатаму. Памтете го минатото како поука не како болка и продолжете напред. Од мое искуство има многу зошто да го направиме тоа. Еве на пр. Израснав син кој е веќе полнолетен, стана човек со доблест, цврст каратер, емпатија и амбиција за големи успеси. Нема нешто поубаво и порадосно од тоа да си го видите своето дете како здрав, прав млад човек.

Вреди борбата, верувајте!


ЖМ: Кој комплимент најмногу те допира – оној за изгледот или оној за душата?

Комплимент даден за изгледот е површен, денес сум во една кошула која нели, леле што убаво ми стои, но таа оди на перење. Душата, а јас би додала и комплимент даден за мојот каратнер, за моето јас ,секако дека не само што ме допира туку и се памти.

ЖМ: Што ја прави една жена лавица – и зошто понекогаш токму тишината ѝ е најгласниот рев?

Жена лавица е жена која знае колку вреди и не и е потребно одобрување од другите за нејзините постапки, таа е непоколеблива кога станува збор за семејството, вредностите и честа, истрајноста и најбитно од се внатрешниот мир. За неа тишината не е слабост, туку контрола- таа не мора да вика за да биде слушната. Нејзината тишина зборува за самодоверба.  Кога една жена молчи тоа не е празнина тоа е густина од достоинство, сила, завршност односно свест дека е нешто решено, завршено и дека нема потреба да се каже ништо. Така е кога некој драг човек си оди .. останувате во тишина и без зборови. Понекогаш токму тишината е најгласниот крик. За мене тоа беше откако останав сама. “Веќе не сум дел од нечиј живот“. Сега друг е дел од мојот живот, а тоа е моето дете.



ИРЕНА СТАВРОВА

ФОТО: Приватна архива