Утринско кафе со Ана Стојанова: Грижете се за себе и бидете помалку себични

Се будам некаде околку 8 часот. Денот ми започнува со вода, многу вода, еден лимон со малку ситно рендан свеж ѓумбир, заедно со турско кафе без шеќер. Се водам долго време по тоа дека не треба да го наполнам моето тело со храна во новиот ден, ако претходно не се ослободам од старата. Овој совет е половина здравје без разлика како и да звучи.
Направив ред во мојата утринска рутина кој ми дава одлична енергија и чувство дека се грижам добро за себе.
Потребна е мотивација на секое поле во животот. Не случајно го одбрав и #мотивирајМе како еден од трите хаштази кои ме опишуваат како личност. Јас сум повеќе од девојка која има пасија кон финтнесот и е длабоко навлезена во психологијата на човекот. Лично, мотивација гледам и барам во се. Барајќи мотивација и смисла на работите околу мене, се пронајдов и себеси. Сакам да бидам добар пример во секој поглед, а кога нешто сакаш бараш начини и се трудиш да го исполниш тоа. Според мене, да бидеш и по малку себичен не е страшно, напротив, добро е. Најбитно ми е да бидам задоволна од себе, само така сметам дека можам да бидам и најдобра за тие околу мене и да се грижам за нив. Работам со стотици жени и сведок сум на многу приказни. Најголемата грешка им е тоа што сакајќи да направат добро за својот сопруг, деца, родители стануваат ,,жртви" на своето време, а кога човек не наоѓа време за себе се губи секоја смисла. Вежбањето и здравиот живот се на последно место затоа што проблемите и незнаењето како да се управува со времето се убедливо долго на прво. Грижете се за себе и бидете помалку себични.
Во моментов работам со повеќе од 250жени и мислам дека треба да ставам точка на ова прашање.
Се шалам. Одговарање на пораки и мејлови е она што ми одзема најмногу време во денот. Ако случајно, од била која причина, не успеам да одговорам во првите 24 часа, следуваат нови 24 часа со дупло повеќе пораки. Ова беше делот што најмногу одзима време. Потоа следува креативата. Да останеш интересен и во фокус треба да си нонстоп полн со идеи и спремен за акција, пример да снимаш во 4 сабајле на железничка станица затоа што тогаш има најмалку луѓе.(ќе гледате видео за мојот роденден на 14 Март).
Изготвувам храна и вежби, а со тоа и носам голема одговорност, во случај некој да се повреди до тоа какви се сега резултатите на нивната крвна слика после мојата исхрана, но знам и да си земам ден, пример Четврток, најчесто Четврток, да го поминам по продавници или во град, да не правам ништо. Во тој ден обично се потсетувам дека имам слобода која сама си ја давам кога сакам и дека не треба да се жалам. Јас сум во постојана борба и објаснувања со сама себе. Нонстоп нешто ми се случува, а тоа нешто најчесто сама си го приредувам и си правам да ми биде забавно, да ме мотивира.
Немам работно време од 8 до 4 па ова вечерно време најчесто е и одговарање на пораки. Јас одговарам, Кирил ми ја средува сликата за постирање или монтира видео за на мојот јутуб канал. Одиме на тренинг, се враќаме во 22ч. Се бањам и ако имаме сила се гледа и некоја серија на Нетфликс. Телевизија не гледаме воопшто, не сме ни претплатени. Ние сме комлетно digital манијаци.
Не сум голем љубител на филмови, на серии да. Филм гледам само ако слушнам дека е правен според вистинска приказна иначе најчесто ми нема смисла. Кирил обожава филмови, а мрази серии, па успеваме да најдеме некој компромис навечер :)
Почнав да читам книги од кога започнав да работам со луѓе. Во овој распоред тешко наоѓам време ама се трудам да прочитам барем 10 страни на ден. До лани читав психолошки книги и бев воодушевена од тоа на кој начин работат нашите глави и како да ги ставиме во ред. Сега читам психолошки бизнис книги. Практична сум и сакам да го читам и гледам само она што може да ми послужи, не сакам да губам време на други работи. Можеби не знам секогаш што се случува со светот ама затоа фокусот ми е на мене и на мојата работа. Сметам дека овие неколку години треба паметно да ги искористам, за да имам многу повеќе време во иднина да го поминувам со оние што ги сакам.
(*Ана Стојанова- Фитнес инструктор, блогерка)