Утринско кафе со Ерхан Шукри: Јога, пливање и чај за старт на денот

Добивај вести на Viber

Денот го започнувам рано. Се будам некаде околу 6 часот. Утринската медитација многу ми годи, собирам позитивна енергија за денот што е пред мене. Во одредени денови комбинирам одредени вежби од јога и благ фитнес, со тоа посветувам внимание на моето тело. Ми се допаѓа и утринското пливање, па знам понекојпат да одам и на базен кога времето тоа ми го дозволува.

Утринското кафе секој ден го скокам бидејќи оддамна сум скаран со него. Чајот ми е пријатен наутро. Ги обожувам комбинациите од различни растителни чаеви, збогатен со егзотичниот мирис на каранфилчето.

Првиот чај обично го пијам дома, понекојпат на работа, а одвреме навреме може и да поминам до кај моите родители па заедно да се напиеме. 

Најповеќе од сѐ, ме мотивира насмевката кај другите луѓе. Се радувам кога ќе ги видам подотворени нивните усни како носат со себе некоја радост, некоја убава носвост и слично. Ме мотивира убава музика, професијата ми е поврзана со неа, но навистина се радувам на убава музика, посебно кога ќе ја доживеам многу длабоко.

Ме мотивираат моите ученици кога ќе видам дека сакаат да спремат некое ново дело кое нив  им се допаднало, кога ќе видиш како се залагаат и сакаат да напредуваат.

Се мотивирам кога ќе имам некоја идеја за концерт, кога е нешто несекојдневно, ново, различно, па и неизводливо,  така да целосно се вложувам во нејзината реализација.

Ме мотивираат патувањата. Многу сакам да патувам, да откривам нови места. Авантуриста сум по природа.

Ме мотивираат мали нешта, како што пред некој ден, ме мотивираше една драга пријателка-виолончелистка од Италија која самата изрази желба и ми се јави дека сака да свири на мојот јубилеен концерт на гудачкиот камерен оркестар “АРКО“ кој наскоро ќе се одржи, на 7 Октомври во МОБ. 

Еден таков телефонски повик ме подигна многу со елан, енергија, позитивност.

Да не го заборавам и музицирањето, мотивација која понекојпат со моите мали камерни состави ќе посвириме на некој прием по различни поводи и прилики.

Дневните обврски се исполнети, секојпат со густа агенда. Единствено што ми е фиксно е работното време што го имам со моите часови во ДМБУЦ “И.Н.-Луј“ каде работам како професор по виолина и камерна музика.

Во останатото време од денот, се различни средби, организирање на различни активности, проби со мојот квартет, мандолинскиот оркестар и слично. Во периодов сум многу ангажиран со подготовката на мојот концерт, пишување на аранжани за оркестарот,  видувања со многу луѓе, барање на спонзори, комуникација со учесниците кои за овој концерт ќе ги има дури од Индија и Србија.

Викендите знаат исто така да ми бидат исполнети со некои активности. Понекојпат пешачам и по падините на наше Водно.

Навечер ако нема некоја проба, сакам да возам велосипед по стазата покрај Вардар, или пак да се пешачи. Можно е да се видам на чаша муабет со драги луѓе, да се релаксирам со нив, да споделиме заеднички искуства, случувања. Одам навечер понекојпат на латино забави, сакам да танцувам, ме исполнува и релаксира танцот. 

Иако ми е густа агендата, често одам на кино, не пропуштам некој интерсен филм кој е актуелен, а сакам да погледнам и добра театарска претстава. Но ги сакам и старите класици, научната фантастика.

Читам книги кои ме инспирираат во животот со кои се пронаоѓам себе си, ја пронаоѓам мудроста која длабоко во себе секој од нас ја носи, ја пронаоѓам вистината и практичноста во денешното живеење. Една од последните ми се “Мудроста на песокта“ од Ошо и “Мисли и збогати се“ од Хил. Ги има повеќе но скромно да споменам некои од нив.

* Ерхан Шукри, виолинист, професор и диригент