Утринско кафе со Коста Петров: Станувам во пет и работам во четири временски зони

Денот најчесто ми започнува во пет часот наутро. Потребни ми се тие час, час и половина, да бидам сам и да ги средам моите мисли. Деновите ми се исполнети со многу обврски и ретко наоѓам време за себе.
Денот ми започнува до 5 часот наутро а веќе во 9 или 9.30 најкасно сум во кревет. Живеам пензионерски живот.
Активностите во денот најмногу зависат од тоа дали сум дома или на пат. Кога сум на пат најчесто се исполнети со многу состаноци а кога сум дома, со сите дневни активности околу водењето на нашата компанија. Само две работи ми се константни во денот. Знам дека секое утро во 8.30 ја носам ќерката на училиште а во 16.30 ја земам и ја носам на пијано. Без разлика што и да ми се случува во денот, ова се две работи за кои секогаш наоѓам време.
Пред месец дена го завршив мојот двонеделен маратон на „Игра на тронови“. Одбивав да ја гледам серијата неколку години и минатиот месец решив конечно да изгледам една епизода. И така една по една, две недели поминав во маратонско гледање на серијата.
* Коста Петров, основач на Пи Ворлд и автор