„Војдан и Јана, ми се најголема слабост, преку нив научив дека семејството секогаш треба да биде на прво место“: Семејно интервју со Дамјан Стојаноски

Од љубовта што се пренесува од генерација на генерација, се раѓаат најубавите приказни – токму таков е и музичкиот пат на младиот пејач на народна песна Дамјан Стојаноски. Син на легендарниот македонски пејач Војо Стојаноски, Дамјан иако живее во Скопје, со гордост ги носи своите кичевски корени, поточно од селото Букојчани – крај кој изродил многу големи имиња на македонската естрада.
Во разговор за Женски магазин, Дамјан открива како уште од најмали нозе ја почувствувал магијата на народната музика преку својот татко, за поддршката што ја добивал од мајка му Евица, но и за тоа како ја балансира љубовта кон музиката со улогата на сопруг на Елена и татко на Војдан и Јана.
Иако животот го носи во метежот на Скопје, срцето на Дамјан Стојаноски секогаш се враќа во корените – во живописното кичевско село Букојчани, родното место на неговиот татко. Детството и младоста минати во овој дел од Западна Македонија оставиле длабока трага во неговата душа, а спомените од селото, природата и луѓето таму, и денес му се извор на инспирација и мир.
- Цела Македонија е прекрасна, но за мене Западниот дел е нешто посебно. Доста време поминував таму како дете, па и како тинејџер, а и сега скоро секое слободно време го поминувам таму. Сега за сега можам да одам многу често бидејќи децата ни се сè уште мали, а и понатаму ќе правам се што можам да ги носам за да си го знаат коренот и да го сакаат селото.
Кога
музиката е дел од семејната традиција, секој тон носи посебна емоција. За
Дамјан Стојаноски, спомените со неговиот татко, легендарниот Војо Стојаноски,
не се само семејни моменти – тие се музички лекции и животни патеки
испреплетени со љубов кон македонската песна. Еден од највредните спомени што
го носи во срцето е нивниот заеднички настап на „Гоце Фест“ во 2012 година,
кога за првпат застана на фестивалска сцена со песната „Виножито“.
- Целиот мој живот е поврзан со музика, секако многу имам научено од татко ми, но како посебен спомен ќе го спомнам нашиот настап на Гоце Фест 2012 година со песната „Виножито“ којашто е моја прва песна и мој прв фестивалски настап.
Зад секој успешен човек стои тивка, но силна поддршка – токму таква улога во животот на Дамјан Стојаноски има неговата мајка Евица. Како сопруга на истакнат музичар и мајка на нова музичка ѕвезда, таа со години е негов сигурен потпорен столб – и во моментите кога се градел како личност и уметник, но и денес, кога ја исполнува својата улога како сопруг и татко. Со искуството што го носи од животот покрај естрадата, Евица секогаш знае кога е потребен вистински збор и добар совет.
- Голема поддршка како и секоја мајка. Таа е секогаш покрај мене за што и да треба. Сепак голем дел од животот го поминала со татко ми и со целата музичка естрада, па така знае да даде навистина добар совет во даден момент.
Покрај мајка му, главната поддршка ја добива од сопругата Елена, со која веќе пет години го гради својот семеен живот. И покрај динамичниот распоред, настапите и професионалните обврски, Дамјан успева да ја одржи блискоста и хармонијата во домот, благодарение на разбирањето, љубовта и постојаната поддршка што ја добива од својата сопруга.
- За среќа мојата сопруга има големо разбирање за мојата работа, па така немам никаков проблем во балансот помеѓу семејството и работните обврски. Таа ми е најголема поддршка во се што работам.
Во моментите кога не е на сцена и далеку од светлата на музиката, Дамјан Стојаноски најмногу ужива во тишината и мирот што му ги нуди времето поминато со најблиските. Секој слободен ден го користи за да се поврзе со семејството, далеку од градската врева – најчесто во природа или посетувајќи цркви и манастири, каде што ја пронаоѓа духовната рамнотежа и спокој.
Улогата на татко е една од најважните и најемотивните за Дамјан Стојаноски. Иако понекогаш знае да биде строг, како и секој родител што сака да постави граници, детската искреност и љубов брзо го разнежуваат. Неговите деца Војдан и Јана, се неговата најголема слабост, а токму преку нив учел како да биде подобар човек и родител секој ден.
Животот му донел многу убави моменти, но токму бракот и татковството му отвориле нови видици за вистинските вредности. Дамјан Стојаноски вели дека најважната лекција што ја научил како сопруг и татко е дека семејството секогаш мора да биде на прво место – како темел за љубов, разбирање и хармоничен дом во кој растат здрави и среќни деца.
- Научив дека семејството секогаш треба да биде на прво место, за да се има складен брак, љубов и разбирање и за да се израснат здрави и нормални деца.
Како родител, Дамјан Стојаноски со посебна љубов зборува за своите две деца.
- Војдан и Јана се доста живи и темпераментни, но и многу поврзани со нас. За музика покажуваат интерес на периоди но сè уште е рано за тоа. Во секој случај јас нема да ги терам со сила да бидат музичари, но доколку покажат вистински талент и заинтересираност тука сум да помогнам.
Корените од кичевскиот крај длабоко се вградени во музичката душа на Дамјан Стојаноски. Тој вели дека токму потеклото има силно влијание врз начинот на кој ја доживува и интерпретира музиката – со емоција, длабочина и автентичен „шмек“ препознатлив за неговиот роден крај, кој народот го чувствува и искрено го прифаќа.
Музиката е нераскинлив дел од животот на семејството Стојаноски, каде талентот и љубовта кон народната песна се пренесуваат од генерација на генерација. Иако средбите со братучедите Влатко и Златко Миладиновски, како и другите членови на семејството, се поретки и најчесто поврзани со снимања или настапи, секоја таква прилика е исполнета со музика и радост.
- За жал почесто се гледаме кога имаме снимања или настапи, но фамилијарните седенки (кои се ретки но ги има) секако се проследени со песна. Сепак ние сме една голема фамилија тука е и нашиот братучед Дарко Стојаноски, нашиот чичко Билјан Стојаноски коишто се исто така докажани интерпретатори на народната музика, а и другите наши браќа и братучеди коишто не се занимаваат со музика се исклучително музикални.
За музичкото семејство Стојаноски, соработката не е само желба, туку веќе остварена мисија. Со заеднички проект кој се стреми кон оживување на старите македонски песни и создавање нови дела што го носат и чуваат традиционалниот македонски дух, тие ја продолжуваат борбата за зачувување на народната музика. Овој проект, кој веќе е во тек, го носи препознатливиот стил на семејството и ја слави богатата музичка традиција.
Дамјан Стојаноски е во екот на неговата музичка кариера – неодамна беше гостин на концертите на Влатко Миладиновски во Скопје и Охрид, редовно настапува на свадбени веселби и музички емисии. Но, ова е само почеток – во план се нови песни, а наскоро го очекува и четвртиот едномесечен турнеен настап, овојпат во Австралија, каде ќе настапува заедно со неговите братучеди Влатко и Златко Миладиновски.
Габриела Додевска Глигоровска