„Воспитувана сум да си го сакам тоа што е мое и одлучив да останам во татковината и да творам тука“: Интервју со Анета Љумаковска

Добивај вести на Viber

Баланс на вокал, талент, шарм, умереност - вака ја опишува публиката. Стана една од омилените изведувачки во Македонија, поради што, како што велат нема песна која Анета Љумаковска не може да ја отпее со душа.

Пее песни во сите можни жанрови, а нејзиниот вокал освен што ја восхитува македонската публика, ја воодушевува и публиката од регионот.  

На прашањето што е тоа што го прави еден пејач успешен и носител на престижната титула „миленик на публиката“, Љумаковска вели:

-Секогаш се во прв план вокалните способности и квалилтети, па потоа изглед, енергија, емоции... Сите овие работи се неопходни за еден пејач да биде успешен. Јас мислам дека без овие неколку работи, или да ги наречам доблести не може да се успее, бидејќи кога - тогаш ќе дојде и крај на кариерата ако е вештачко. 

За себе вели дека нема неостварени желби, денеска конечно го живее животот што го сака. Иако во животот има голем број на професионални и лични успеси, никогаш не била поисполнета. Но вели нема намера да стагнира. 

-Секој ден од мојот живот се стремам кон успех и се трудам да бидам успешна во тоа што го работам напорно и на песни и на себе, за никогаш да не сум ѝ досадна на публиката. А најголем успех ми е тоа што се изградив во добра личност и естраден уметник и сега конечно го живеам животот како што јас сакам и од мала сум сонувала да сум ова што сум денеска. Да пејам и да ги веселам луѓето, тоа ми беше голема желба и ми се оствари, истакнува Анета во разговорот за „Женски магазин“. 

Иако неодамна ја откри новината во нејзината кариера и ја исполни желбата на публиката да ја види и во руво на соло пејач, Љумаковска вели дека квалитетот е тој што го прави еден пејач истакнат без разлика дали е во бенд или е соло изведувач. 

-Кога некој е квалитетен пејач не е битно дали е соло или не. Секако дека се си има предности, но сепак кога знаеш да го работиш тоа што сакаш, нема никаков проблем. Сепак ќе кажам, ништо не може да го сокрие тоа што ти го дал Господ. 

Кога ќе запее изворна македонска песна, Љумаковска ги топли срцата на многумина Македонци, затоа и ја доживуваат како современа икона на македонската традиционална песна. Таа синергија со публиката е двонасочна, Анета имала понуда да снима песни и на други јазици, да пее за публиката низ регионот, но таа тоа го одбила. За „Женски магазин“ ја откри и причината за таа нејзина одлука. 

-Точно е дека имав понуда, но не се пронајдов на тој пазар. Сепак тука сум родена, растена, воспитувана да си го сакам тоа што е мое и одлучив да останам во мојата татковина и да творам и работам тука, вели таа. 
Иако нема песна што не може да ја отпее и секој жанр си носи своја тежина, Љумаковска вели дека го обожава секој жанр и дека пее сѐ што може, што неа повеќе ѝ лежи како песна и дека ја обожава музиката каква и да е. 

Таа нејзина посветеност на музиката и љубов кон работата, публиката ја препознава и секој нејзин настап го дочекува со радост и овации. 

Разговорот го водеше: Магдалена Стојмановиќ - Константинов