„За да ги спознаеме другите, најпрво треба да сме свесни кои сме и со што располагаме“: Утринско кафе со Енџи Николоска

Се прилагодува на утрата и утрата ги прилагодува на себе. Слободата ја црпи од актерството, од новинарството организираноста, точноста и стриктноста. Најголема мотивација ѝ е да жонглира со вештини и секогаш е подготвена да учи нешто ново.
Пред камери е професионална и објективна, во приватниот живот е уметничка душа која постојано впива инспирација и односите со другите луѓе ги гледа како креација. Кафето ѝ е момент на социјализација, а со кафето често знае и да конзумира локум, но и да го замени кафето со други алтернативни пијалоци. Зависи од денот...
Несекојдневна во секој поглед, па и кога е вкус на кафе во прашање. Не постојат два исти дена во нејзиниот живот и токму таа динамика ѝ ја создава животната магија, што совршено ѝ стои на нејзината младост и полетност.
Сака класика, но сака и модернизам. Од книги, филмови и серии никогаш не ѝ е доста. Денеска утринското кафе го испивме со Енџи Николоска, новинарка и актерка.
-Утрата ми започнуваат секогаш различно, во зависност од личните и работните обврски. Најчесто се будам околу 7 часот. Доколку имам тренинг рано наутро, следи овошје и вода, а по тренингот и утринското кафе. Уживам во мирот кој го носат утрата, па во позадина е пуштена и одредена плејлиста.
Важен ми е токму ваков почеток на секој нов ден затоа што новинарството и актерството се професиите кои се дел од мене и се динамични, слични и различни во исто време, но според мене најважно е набљудувањето и одговорноста. Двете професии ги работам со исклучителна посветеност и љубопитност и токму тој порив кој е сеприсутен, е мојот водич. Важен е начинот на изразување, исто како и во секојдневниот живот и поставувањето на петте клучни прашања.
Апсорбирањето на информациите, бирајќи методи за искажување на истите, преку различна интерпретација и поставување на јасна граница помеѓу едната и другата професија произлегува од потребата за отворање на клучни општествени теми, за нас. Преку овие професии не секогаш се случуваат крупни промени, но со отворањето на одредени прашања барем малку ако успеат некого да го натераат да подразмисли, тогаш тоа е сигналот дека сме на вистинскиот пат. Оттука произлегуваат и понекогаш непредвидени пролонгирања заради одреден настан или во одредени ситуации проби, но бескрајно сум среќна што имам вистинска поддршка од најмоите луѓе.
Вели дека утринското кафе освен тоа што ѝ помага побрзо да се разбуди, е повод за социјализација и средба со драги луѓе. Кафето за неа не е само асоцијација за утрата, туку ѝ за убавите разговори, кои се опашката на секое „Ајде на кафе“.
Утринското кафе ме расонува и на свој начин ме подготвува за денот и за сѐ што носи со себе. Често кафето го користиме како дополнителна причина да се видиме со некој, да споделиме нешто од секојдневието... Честопати, сите знаеме тие кратки разговори: „Ајде на кафе...“ да ги оставиме како такви и остатокот се поминува со друг пијалок, ама тоа е веќе друго прашање.
Пие кафе, кое не е оптоварено со дополнителни вкусови, но тајната на убавото кафе според неа е во подготвувањето.
Пијам без шеќер и направено со мерак. Можеме да претпоставиме дека во моментов се наоѓаме во Старата скопска чаршија и пијам кафе варено на песок, без шеќер, со локум и сок од ружа-мерак.
Иако уметничката страна ѝ налага да биде мечтател, смета дека идеја без реализација нема никаква смисла. Па затоа ја мотивира ден полн со заклучена листа од завршени обврски.
Ме мотивира желбата за себеистражување и поривот за жонглирање со вештини. За да ги спознаеме другите, најпрво треба да сме свесни кои сме и со што располагаме. Потребно е усовршување во неколку дисциплини, ако сакаме колективна промена, треба на виделина да се покаже индивидуалниот влог. Талент академиите, тренинг академии се исклучително важни и мотив плус.
Поставувам високи цели за личен развој, искрено, никогаш не сум била за таа прочуена комфорна зона, секогаш сум се тргнувала настрана и морам да признаам успешно ми оди досега. Предизвиците се надвор од таа зона. Моето размислување оди во насока на тоа дека трудот, љубопитноста и себедоусовршувањето на професионално ниво се секогаш во мода!
Добро е да се сонува, но уште поважно да се дејствува сега и тука. Некои ќе речат ова доаѓа од позиција на годините, јас би рекла дека станува збор за карактер и амбиција.
А еве како изгледа еден нејзин ден, кој никогаш не е предвидено како ќе заврши.
Моите дневни планови и обврски зависат од работните задачите претходно предвидени за одреден ден или период. Граница помеѓу работните задачи и времето за себе и моите најблиски-важен е балансот.
Секој ден е посебна приказна, со тоа и крајот на денот е различен. Без разлика колку денот ми бил динамичен, низ лавиринтот сепак се среќавам со моите најблиски кои по мојот поглед точно знаат што ми се случило, па крајот на денот завршува посебно на свој начин, во „од“.
Најважно од сѐ - на крајот од денот човек треба да биде задоволен и исполнет со себе и она што го направил за себе и останатите, а процесот до овој резултат е важен, осебно важен со кои луѓе се поминува низ тој процес.
Неодлучна е околу изборот помеѓу најлексиконското прашање за еден уметник кое гласи „Книга или филм“?!
Секогаш и секаде! Без разлика на обврските, секогаш одвојувам време за читање книги и гледање филмови, серии.. Секако и за поетски и филмски фестивали, како и концерти, театарски претстави, улични перформанси. Препорачувам витамин уметност и книжевност за имунитет на завидно ниво и против ограничени видици.
А ова е нејзината „Мисла на денот“
Кон крајот на овој разговор ќе ја издвојам репликата на Офелија која отвора дополнителни прашања за преиспитување:Разговорот го водеше: Магдалена Стојмановиќ - Константинов
„Боже, знаеме што сме, но не знаеме што можеме да бидеме.“ Вилијам Шекспир













