Започна процесот на Quintaum - Мацекс сертификацијата 2025/2026

Добивај вести на Viber

Со денешниот kick-off настан, официјално започна новиот циклус на Quintaum - Мацекс сертификацијата за македонските компании што се стремат кон повисоко ниво на организациска култура, ангажман и благосостојба на вработените.

На отворањето, претседателката на Македонската асоцијација за искуство на клиенти и вработени (MACEX) и директорка на Вита Институт, Христина Велковска, истакна дека оваа иницијатива веќе создава видлива промена во деловната заедница:

 „Сѐ повеќе компании ја препознаваат вредноста на искуството на вработените како темел за раст и успех. Quintaum ни овозможува да ја измериме таа вредност и да ја претвориме во стратегија.“

На отворањето на настанот се обрати и министерот за јавна администрација Горан Минчев.


"Како Министерство за јавна администрација, денес со задоволство можам да кажам дека ќе бидеме првата институција од јавниот сектор која се приклучува на оваа програма. Ќе ја отвориме вратата за примена на оваа современа методологија и ќе го слушнеме гласот на административните службеници - гласот кој најдобро ја познава реалноста, предизвиците и потребите на јавниот сектор."

Сопственичката на Quintaum, Андреа Кодрин, потенцира дека методологијата Quintaum претставува повеќе од сертификација:

„Станува збор за процес на свесна трансформација. Преку анализа на искуството на вработените, перформансите, потенцијалот за раст и организациската култура, компаниите добиваат над 350 бизнис сигнали кои ја насочуваат нивната развојна стратегија.“

Во фокус на настанот беше панел-дискусијата со дел од компаниите досегашни корисници на Quintaum дијагностиката и добитници на сертификатите за извонредни искуства на вработените од претходните години. На панел дискусијата се обратија генералните директори: Гоце Вангеловски, КОЛА, Александар Манев, КРОАЦИЈА ОСИГУРУВАЊЕ, Стефан Николоски РСМ ИТ Македонија и Илија Јованоски FLEDGEWORKS за нивните реални искуства, на тема: Луѓето како најголема вредност: Од организациска култура кон продуктивност.

Настанот се одржа во партнерство со стопанските комори и деловните асоцијации, со поддршка од Амбасадата на Република Словенија во Скопје, која веќе неколку години го поттикнува пренесувањето на оваа меѓународно призната методологија во земјата.

Овој циклус ќе заврши со свечено доделување на националните признанија на конференцијата FIRESTARTER ’25 во мај, кога ќе бидат претставени и резултатите од сертификацијата за 2025/2026 година.