„Жените дефинитивно не се послаб пол“: Половите разлики на тест во справување со анксиозност и депресија

Добивај вести на Viber

Депресија, анксиозност, прегорување на работно место... не се само термни кои се рефлексија на современи состојби на живеењето во модерен свет, за се повеќе луѓе, тоа се секојдневни проблеми и предизвици со кои се соочуваат. 

Иако звучат како популарни фрази кои понекогаш имаат бенигно потекло и нивните последици лесно се санираат, генезата на проблематиката е многу подлабока и понекогаш е нужен професионален третман кој подразбира стручни совети и насоки. 

За тоа како да ги препознаеме симптомите на прегорување на работно место, кои често знаат да бидат причина за анксиозни напади или депресивни епизоди, но и кога да побараме помош од стручно лице, разговараме со психологот Данче Пауновска. 

Фото: Приватна архива 

-Симптомите на прегорување можат да бидат физички, емотивни и од бихејвиорална природа. Симптомите што се појавуваат се: хроничен замор, несоница, нарушување на вниманието, вртоглавица, главоболки, дерматолошки проблеми, пад на имунитетот, болки во грбот, болки во мускулите, анксиозност, депресија, промени во однесувањето, песимизам, отуѓеност, апатија, недостаток на самопочит и продуктивност, чувство на неуспех, одбивање на одговорност, одложување на активности, чувство на пораз, лутина, страв, вина, негативни размислувања за себе, испади на фрустрации, чести конфликти со другите, губење на апетитот или прејадување, намалена продуктивност и работна ефикасност, вели лиценциран психолог, гешталд и хипнотерапевт - Данче Пауновска за „Женски магазин“. 

Работното место е само една сфера од секојдневието на поединецот, поделбата на трудот по традиционалните норми, понекогаш изискува од жените поголема вклученост во домашните обврски, што дополнително го засилува ефектот на согорувањето, но и поттикнува анксиозност и депресија. 

-Анксиозноста може да се разликува кај мажите и жените дури и во смисла на знаците и симптомите, причините, но и видот на анксиозноста која најчесто ги зафаќа. Не е целосно разбирливо зошто тоа е така, но истражувањата покажале дека постојат специфични разлики. Треба да се нагласи дека симптомите на анксиозноста можат да варираат и да бидат индивидуални, како и да не зависат од пол. Жените имаат повисока стапка на заболување од скоро сите типови на анксиозни нарушувања во однос на мажите. Исклучок е социјалното анксиозно нарушување, кое се јавува во приближно ист сооднос и кај жените и кај мажите. Жените на кои им е дијагностицирано едно анксиозно нарушување исто така имаат поголеми шанси да им се приклучи уште некое проблематичнa здравственa состојба поврзано со менталното здравје.

Мажите и жените не само што поинаку го рефлектираат влијанието на факторите кои се „виновни“ за анксиозност и депресија, туку и на различен начин ги менџираат овие симптоми и бараат решение на поинакви начини. 

Фото: Приватна архива 

-Сепак, изгледа дека клучната разлика е во тоа како мажите и жените се справуваат со својата анксиозност. Членовите на „посилниот пол“ се подложни на злоупотреба на различни субстанции, додека жените во најголем дел од случаите се самоизолираат: почесто стануваат агорофобични и се повлекуваат во својот свет, вели Данче Пауновска. 

За разлика од анксиозноста која се смета за поблага форма на нарушува, депресијата е веќе состојба во која асистенцијата од стручен кадар е задолжителна, бидејќи значително ја намалува функционалноста на поединецот. 

-Депресијата е сè почеста болест на современото општество. Иако ги погодува двата пола, жените и мажите ја преживуваат депресијата на различен начин. За подобро да се разбере депресијата и ефикасно да се лекува, потребно е да се знаат тие разлики. Разликите во преживувањето на депресијата меѓу мажите и жените се потребни за разбирање на болеста. 
Најголемата разлика во развојот на болеста се гледа во тоа што жените имаат двојно поголем ризик од развој на депресија од мажите. Причините се делумно биолошки, првенствено гени и хормони. Биолошките промени за време на развојот на машкиот и женскиот фетус се различни и тие промени носат во себе запишана чувствителност за нарушувања во поведението, како што е депресијата. 
Покрај тоа, жените се склони да ги интерпретираат своите емоции и потпомагани се подобро да опишат кога се чувствуваат депресивно, додека мажите се склони да ја игнорираат својата нерасположеност, па болеста може да биде занемарена се до моментот кога нема да навлезе во сериозен стадиум. 

И во поглед на депресијата, начинот на кој двата пола одговараат на ваквите ситуации се разликуваат и покажуваат дека жените во многу случаи порационално пристапуваат кон барање на решение за својот проблем и не се срамат да побараат помош, додека мажите одат кон автодеструкција, пороци и нарушени социјални односи. 

Фото: Приватна архива

-Жените повеќе размислуваат за своите чувства кога се депресивни. Анализирање и враќање на негативните емоции почесто е кај депресивни жени, отколку кај мажи. Жените се поприлично склоните негативно да зборуваат за себе, да се обвинуват и да плачат без очигледна причина. За разлика од нив, депресивни мажи знаат како да ја заокупираат својата внимание со нешто кога се чувствуваат депресивно. На тој начин си ги олеснуваат тешките моменти. 
Депресивни мажи, за разлика од жените, најчесто се обраќаат кон алкохолни пијалаци и опијати. Ова особено важи за помладите мажи. Освен тоа се обидуваат да си помогнат и со гледање телевизија, спорт, прекувремена работа и слично. Депресијата кај мажите и тинејџерите најчесто се манифестира со испади на бес и нервоза. Постојат докази дека кога жена доживува стресно искуство, како што се смрт во семејството, губење на работа и слично, таа ги продолжува своите негативни чувства и го зголемува стресот, вели таа. 


Жените подобро го менаџираат стресот, но повеќе се изложени на истиот и кај нив побрзо доаѓа до „прегорување“

Иако факторите кои ги предизвикуваат состојбите на прегорување, анксиозност и депресија се од различна природа, социјалните фактори дефинитивно упатуваат на заклучокот дека постои нерамномерна поделба на трудот, но и полови разлики во начинот на кој се менаџираат овие состојби. 

Од друга страна мажите многу почесто се жртви на предрасудите дека треба да бидат силни, па барањето стручна помош го сфаќаат како извесна слабост и поради тоа често излез бараат во сосема погрешни механизми. 

Депресијата, анксиозноста и прегорувањето ги таргетираат сите поединци без разлика на пол, но секогаш препораката е да се почне навреме со третмани, како истите би биле успешни. Уште подобра е превенцијата, која исто така вклучува стручна подготовка за концептуализација на проблемите, нивно рационализирање и подготвени техники за справување. 

Магдалена Стојмановиќ - Константинов