„Македонија изгуби заслуги“: Во Охридско езеро откриени остатоци од најстариот град во Европа - Албански археолог ги обелодени деталите

Археолози веруваат дека на албанската страна од Охридското Езеро се откриени остатоци од најстарото населено место во Европа.
Според истражувањата, заедницата што живеела таму пред околу 8.000 години веќе имала организиран лов и земјоделски активности.
Тим од Швајцарија и Албанија работи на длабочина од три метри и секојдневно пронаоѓа дрвени столбови кои некогаш ги држеле куќите. Притоа се собрани и коски од диви и домашни животни, како и украсени керамички и бакарни предмети.
Професорот Алберт Хафнер од Универзитетот во Берн истакнува дека оваа населба во местото Лин е постара за околу половина милениум од слични населби во алпскиот и медитеранскиот регион.
Според него, подводната локација овозможува одлична зачуваност на органски материјал, што помага во реконструкција на животот во тоа време.
Истражувањата покажуваат дека населбата се простирала на околу шест хектари, но досега е истражен само еден отсто од теренот, и тоа по шест години работа.
Албанскиот археолог Адријан Анастаси вели дека ќе бидат потребни децении за целосно истражување.
Охридското Езеро се смета за најстарото езеро во Европа, старо над еден милион години.
Извор: eupravozato.mondo.rs