Ана Бунтеска: Нема ден без тебе во мисливе

Добивај вести на Viber

Нема ден

Ниту еден ден нема

А да не ми забега умот накај тебе

Од нигде никаде

Како удар од гром среде ведро небо

Од кој косата ти се накострешува

И кожата ти се наморничува

Та подзастанувам

И гледам како над мене облаци темнеат

Небаре ќе истури дожд пороен

И длабоко воздух земам

Како да ќе можам да те потиснам

Пред да ми стасаш до срцево

И со железна тупаница

Да ме удриш до снеможување

Или да го стиснеш толку силно

Што ќе престане да топоти

Нема ден

Ниту еден ден нема

А да не ми пролеташ низ мисливе

Колку и да не сакам

Колку и да избегнувам

Колку и да се обидувам да те заборавам

Колку и да сакам да нѐ преболам

Ама пусто не одело тоа така

Оти мисли по нарачка нема

Не стасуваат по пошта

За да ги навреш на себе како руба везена

И да се перчиш со неа пред непознати

Нема ден

Еден проклет ден нема

Во кој можам на раат да подишам

Без твојот мирис да го вдишам

И да се вратам три животи наназад

За уште еднаш да те проживеам

Уште еднаш да те преживеам

Уште еден бод на срцево да ставам

Да го закрпам како ново да е

И озгора три раце боја да премачкам

За да му се врати сјајот

Да го исполирам како старо сребро

Со меко крпче кое мириса на лимонова вода

Нема ден

Еден ден нема

А толку сакав да може, да има

Во кој минатото не ќе е сегашност

А сегашноста нема да е иднина

Без тебе во здивот

Без тебе во главава

Без тебе во утробава

Без тебе...

Без тебе, а за никаде

За Женски Магазин, поетесата Ана Бунтеска