Ана Бунтеска: Сакаш да ти раскажам приказна?

Сакаш да ти раскажам приказна?
Знам неколку наизуст
И неколку на кои ќе морам да се потсетам
Сакаш со среќен крај
Или некоја во која ќе се најдеме
Сакаш онаква каква што посакавме
Или таква каква што нè снајде
Ех...
Како го реков ова
Како да беше некаква невидлива сила
Која патиштата ни ги одвои
Како да не беше до мене
Како да не беше до тебе
Како да не беше до нас
А потем ми текнува
Оти најлесно е да обвиниш сè
А себеси да се поштедиш
Та еве ме како ми се сите виновни
Времето
Просторот
Дека врнеше
Дека сонце немаше
Дека стегна мраз
Дека пролетта далеку беше
И ќе терам вака дур не се уморам
И додека не ми стане сеедно
И за тебе
И за себе
И за нашата приказна
Туку....
Сакаш да ти раскажам приказна
Некоја која не е нашата
И која не е завршена
Ами трае, уште трае
Еве...
Си беа едни двајца (како тебе и мене)
Кои знаеја како да се љубат (не како тебе и не како мене)
Кои не дозволија да се заборават еден со друг
И да ги изеде секојдневието и здодевноста
(не како тебе и не како мене)
И живееја во иста куќа (како нас)
Ама не им напукнаа ѕидовите
И не им напукна малтерот
Како во нашата дома која веќе дома не ни е
Ете...
Понатаму не знам оти тие приказни не се мои
И не знам како да продолжам
Ниту знам како без горчина да ги раскажам
Само знам дека има секакви приказни
Како твојата и мојата
И онакви кои не се како нашата
Кои се меки и топли
Кои се удобни и нежни
Кои можеби и можеа да бидат наши
Туку...сакаш?
Сакаш да ти раскажам приказна?
За Женски магазин, Ана Бунтеска