Ана Бунтеска: Убавиот збор сите порти ги отвора

Добивај вести на Viber

Одамна не зборувам многу

Некојпат оти и немам

Навистина немам што да кажам

Некојпат пак и не сакам

Оти знам дека зборовите се ветар

Ако зад нив човек не може

Или не знае да застане

Одамна молчам кога немам

Нешто убаво некому да кажам

Или крила да му дадам

Чунки зборот или сабја е

Или знае иљач да биде

Та сѐ уште верувам

Оти убавиот збор сите порти ги отвора

Дал дрвени или железни, сеедно

А најмногу оние од душата човечка

И ќе видам некој немтур да е

Па ко за инает ќе му се насмеам

Кротко и нежно

Со поглед питом и бистар

И низ уста ќе ми се истркала медовина

Од која гледам

Ах, како гледам

Дека сиот мраз во него се топи

И како окото друг сјај му има

Та портите од душата му се отвораат

За да ти ја пушти убоста внатре

И секојпат како друг човек да станува

Како да воскреснува нешто

Што однатре закопано било

И на мегдан му излегува

Засветува однадвор

Станува убав и исправен

Со гордо крената глава

Одамна знам дека зборот е оружје

Одамна знам дека зборот е лек

И пазам

Секој пат пазам што ќе изустам

Оти кревки сме ние луѓето

Или ѕверот или човекот се буди

Или ѕверот или човекот ќе победи

Та си мислам

Колку ќе е поубаво

Сите да се гоштеваме со љубов

Ред разбирачка

Ред почит

И знам

Ете некако во себе знам оти малку треба

За да ни цвета душата

За да ни пее срцето

Одамна...

Одамна кога ќе проговорам

Дел од себе давам

Дел од душава раздавам

Оти чуму ти е душата

Ако скржаво ја чуваш само за себе

Одамна...

Одамна љубовта на грамови не ја мерам

Дури и тогаш кога за себе ја немам


За Женски магазин поетесата Ана Бунтеска