Ана Ѓорѓиоска (26) избра пат низ непознатото: Денес го остварува својот сон во Минхен како научник

Добивај вести на Viber

Во време кога надежта за подобра иднина сѐ почесто се бара надвор од границите на татковината, сѐ повеќе млади Македонци се решаваат да го спакуваат својот живот во еден куфер и да заминат во странство – по образование, по работа, по живот со повеќе можности.

Таков е примерот на Ана Ѓорѓиоска, 26-годишна девојка научник-истражувач во водечка биотехнолошка компанија од областа на имуноонкологијата во Германија. Ана која е од Гостивар, во Германија се преселила на 18 години каде ги започнала додипломските студии и каде решила да остане да живее со нејзиниот вереник .

„Првпат во Минхен дојдов на викенд патување со мојот сегашен вереник и си рековме дека ако останеме во Германија после студиите ќе живееме токму тука. И така некако се случи, ја добив понудата во компанијата каде што работам сега и веќе следниот месец ние живеевме во Минхен“ - ни раскажа Ана . 

Приказната на Ана е уште еден доказ за квалитетот што Македонија го произведува. Од друга страна пак е потсетник за тоа колку младите се подготвени да си ја изградат иднината таму каде што им е дадена шанса.

А, додека државата и натаму се соочува со предизвиците на младинската миграција вие прочитајте го овој воодушевувачки разговор и запрашајте се дали сте во вистинската средина каде вашиот потенцијал е искористен до максимум.


ЖМ: Ана, Раскажи ни колку време живееш и работиш во Германија?

-Во Германија се преселив на мои 18 години, поточно во 2017 година и тука ги започнав моите додипломски студии кои траеја 3 години. Потоа се преселив во Тибинген, каде 2 години работев на моите магистерски студии. Веќе 2 години живеам и работам во Минхен како научник.

ЖМ: Како замина во Минхен - како почна твојата приказна таму како научник истражувач?

- Првпат во Минхен дојдов на викенд патување со мојот сегашен вереник и си рековме дека ако останеме во Германија после студиите ќе живееме токму тука. И така некако се случи, ја добив понудата во компанијата каде што работам сега и веќе следниот месец ние живеевме во Минхен.

ЖМ: Имаш 26 години и импресивно работно искуство. Како врвеше патот на твоето образование, дали отсекогаш имаше желба да студираш надвор од родната земја?

- Отсекогаш природните науки ми биле силна страна, а желбата за студирање надвор од Македонија се појави за време на моите средношколски денови кои ги минав во Гимназијата во Гостивар. Тогаш мечтаев да работам во голема светска лабораторија, па така и почнав да истражувам за студиски програми кои нудат многу практично искуство. Изборот падна на Универзитетот „Јакобс“ (Jacobs University, денес е Constructor University), и насоката биохемија и клеточна биологија. Мојот избор беше правилен и овие студии ми овозможија огромно практично искуство и ми отворија многу насоки за понатамошната кариера. Потоа следеа магистерските студии на „Еберхард Карлс“, еден од највисокорангираните универзитети во Германија, на насоката молекуларна биологија и имунологија. Тука ја засакав имунологијата и тука се роди желбата да ја насочам кариерата баш во тое поле.

ЖМ: Колку ти беше тежок целиот образовен пат, имаше ли можеби мигови кога си помислила да се откажеш?

-Самиот факт што на 18 години се преселив во непознато место, каде што луѓето кои ги познавав се броеја на една рака, ми претставуваше голем предизвик. Иако предавањата и целокупната комуникација беа на англиски јазик, кој одлично го говорев, сепак обемноста на материјалот и практичната работа, дополнително ми го отежнуваа секојдневието. Секако, верувам како и многу млади луѓе кои се нашле на мое место, и јас помислив да се откажам и да се вратам дома, но мојата амбиција секогаш победуваше. Имав силно зацртани цели и многу сум горда што и покрај сите потешкотии и препреки не се откажав и продолжив да го следам сонот.


ЖМ: Што е твојата сегашна професија во Минхен, и како дојде до позицијата на која си моментално. Раскажи ни што поточно работиш?

-Од март 2023 година работам како научник во одделот за Применето истражување и клиничка биоаналитика во германската биотехнолошка компанија „Каталим“ (CatalYm GmbH). Тоа е приватна компанија која развива нови, безбедни и ефикасни имунотерапии против рак. Моментално во нашите клинички испитувања се вклучени над 200 пациенти во доцен стадиум или со метастатски рак отпорни на претходни имунотерапии.

Јас и мојот тим имаме за задача да го менаџираме спроведувањето на биохемиски и патолошки анализи врз примероци од пациенти во специјализирани лаборатории. Врз основа на овие податоци постојано работиме на пронаоѓање нови биомаркери кои ни помагаат нашите истражувања да се насочат кон видови тумори на кои нашата имунотерапија има најголем ефект.

ЖМ: Лесно ли беше да се вработиш, имаше ли помош и од кого во наоѓањето работа?

-Со потрага по работа започнав веднаш по завршување на магистерските студии и потрагата за работа траеше околу 3 месеци во кои аплицирав на многу позиции. Целиот процес се состоеше од постојано аплицирање и праќање на документи и интервјуа со работодавците. После неколку понуди конечно се одлучив да ја прифатам работата во компанијата каде работам сега. Горда сум дека сама си ја најдов работата и помош за да најдам работа немав од никого, освен од најблиските кои само ми помагаа со давање сугестии за документите за аплицирање. Позитивна страна на барањето работа во странство е тоа што нема работа преку врски, туку врз личните компетенции и способности. Од голема помош ми беа препораките од професорите на факултет каде што ги работев моите додипломски и постдипломски тези.


ЖМ: Какво е германското образование, сподели ни твое искуство, колку практичната работа ти помогнала досега?

-Германското образование е доста темелно, а истовремено предизвикувачко поради големиот фокус на практичната работа. Моите студии беа главно исполнети со лабораториска практика каде навистина имав шанса да го применам сето она што не учеа за време на теоретските предавања. Мислам дека ова функционира одлично кај повеќето студенти, бидејќи најмногу знаења се добиваат со работење во лабораторија. Од моето искуство можам да кажам дека и професорите се доста строги и навистина знаат што бараат и што ти како студент треба да знаеш за да положиш еден испит или лабораториска пракса. Севкупното вакво искуство кое го нуди германското образование ме научи на многу нови работи, на истрајност и дисциплина и ми покажа дека секој вложен труд се исплати. Стекнатите знаења и вештините и ден денес ми помагаат во извршување на секојдневните предизвици на работа.

ЖМ: Што те исполнува најмногу во работата?

- Најважно е тоа што ја работам работата што ја сакам, а таа ме држи постојано исполнета. Омилен дел ми е кога после долг и напорен период ќе слушнам дека има нов пациент кој е во ремисија после нашата терапија. Чувството дека имам макар и мал придонес во тоа е непроценливо. Исто така имам среќа да работам во тим каде што работната етика и трудот се навистина ценети и признаени, со што ни се дава постојана мотивација да бидеме подобри.


ЖМ: Има ли некој од Македонија во твоја близина со слично искуство и работа каде што си ти?

- Имам неколку пријатели и познаници од Македонија со кои заедно студиравме или сме се запознале бидејќи работиме во научното поле. Иако не работат во иста област како мене или на клинички студии, повеќето од нив се исто така во Германија и се занимаваат со различни видови на истражувања од областа на биомедицината. Особено ме радува тоа што сите сме успешни во своето поле и постојано се унапредуваме во средина каде што сме вреднувани.

ЖМ: Што ти беше најголем мотив?

- Силната желба да бидам научник, иако на почетокот на студиите немав јасна слика во кое поле, ми беа најголема водилка и не ми дозволуваа да се откажам од сонот. Особено сум среќна што секогаш покрај мене го имам моето семејство, мојот вереник, кои ми се огромна поддршка во секој животен предизвик.

ЖМ: Која е твојата порака до млади девојки како тебе, како да се охрабрат на еден таков голем чекор – работа далеку од дома?

- Би сакала да им порачам на сите млади девојки на кои некогаш им поминало мислата низ глава дека можеби заслужуваат повеќе и имаат потенцијал за кој нема место во средината каде што се, да не се обесхрабруваат. Тоа од каде доаѓаме и какви можности имаме нема никаква врска со тоа кои можеме да бидеме. Можностите ги креираме самите ние со одлуките кои ги носиме и трудот кој го вложуваме. Вистинскиот труд ќе биде препознаен на вистинското место и ќе ви отвори хоризонти за кои не сте ни сонувале претходно.

Да се живее и работи далеку од дома, далеку од сите најблиски и во средина која не ви е позната е можеби најтешкиот чекор кој ќе го направите, а потоа следуваат само убави работи. Доколку се одлучите на ваков чекор, обратете се на некој кој поминал низ тоа пред вас и кој може да ви биде од помош. Не се плашете да побарате поддршка бидејќи сите сме поминувале низ истите дилеми. Би сакала да напоменам дека не за секој од нас е правилна одлуката да замине некаде далеку од дома да студира или работи, но сметам дека секој треба да се запраша дали е во вистинската средина каде неговиот потенцијал е искористен до максимум.


ИРЕНА СТАВРОВА