Чек да брцнам во ташнава: Прави што ќе правиш сите пари на патување да ги трошиш

Добивај вести на Viber

Пред некој ден се вратив од едно далечно место. Од другата страна на Планетата. Бев во Мексико.

Многу ми беше мака што му се “искаља“ името во последниов месец-два. Баш пред да тргнам. Настрана тоа што Мексико и вака и онака си има една своја не баш сјајна и саглам репутација, ама тоа си е така години, да не речам децении наназад.

Има таму и нарко-босови и картели и пукања и сe живо и диво, ама тоа си е таму во централниот дел и си се одвива под “строго определени правила“.  Туристичката приказна , свртена кон Карипското море никој не ја чепка.

Но, чудно е како тоа некои луѓе со некои свои потези, можат да фрлат таква сенка на некои места и ситуации, до таму, дури и срам да ти биде дека и ти ќе одиш таму, или дека и ти си бил таму. На истото место на кои биле и тие. Ко Боже ме прости и ти да си иста сорта ко нив. Така се чувствуваш. 

Истото тоа им го прават и на малку останати скопски кафулиња. Ќе се собереш старо друштво на по една ракија и ете ти ги и “они“ ќе дојдат. Ко крлежи се. Многу се намножија. И никој ништо не треба да каже. Сите истото го чувствуваме. Жив срам не јаде, што се тие на маса карши нас. Ќе помине некој, што не не познава, ќе не види и не сакајќи ќе не стави во исти кош. Работава кај сите Турци, таму и гол Асан.

А сè тука сакаат да се плеткаат. Кај што малку чисто е останато. Што не си направат некои свои места, па таму сите рака под рака, нека си одат.

И сеа таман се решив да тргнам во ова време никакво, убедувајки се себе си и борејќи се со своите морални принципи дека животот мора да продолжи, дека ако ти било пишано и до пазарче да отидеш, може саксија да ти падне врз глава…, дека ете прележав Ковид, ете имам анти тела, ете и други одат.. Пет шест групи се свртеа до сега и сите здрави и живи се вратија. Ми успеа, додуша со “грдни маки“, и мајка ми да ја убедам дека не е страшно, дека се ќе биде во ред, дека не е толку важно што ќе речат комшиите или роднините, оти ова време, убаво ни го покажа тоа сознание, дека секој сам за себе си одговара и дека животот баш и не функционира по оние правила за кои толку строго се држевме. Ама таа е дибидус од стариот ков, па уште му ја мисли, за тоа “што ќе рече светот“.

Не се фалев многу, многу пред да тргнам, како што јас си знам. “На сва уста“. Кажав само на “првиот ешалон“ другарки, оние кои треба да знаат кај сум и за дај Боже и за не дај Боже. И сите истото чуство го имаа. Првата асоцијација беше ТОЈ. Лелееее, пази што правиш, немој да треба и тебе цигари у зандана да ти носиме.

Од црниот хумор што сами себе си го правиме, за да преживееме некако, со толку бараби околу себе, преку глава ми е веќе. Преку глава ми е од “таквите“, кои се збогатуваат преку ноќ и кои си мислат дека се од Бога дадени и дека ќе си подвиткаат опаш и ќе спасат “дупе“.

Повеќето така и ќе поминат, со “мала гребнатинка“, а оние за кои “босовите“ ќе решат дека ќе бидат пуштени низ вода, тие курбан одат. Не знам баш прецизно како е математиката, ама си мислам дека на 100тина, еден “го јаде“. Како “кого удрам не жалам“. Како на војската на Самоила. На секој 100ти по едно око му оставаа. Или на секој иљадити беше!?. Не знам, не се сеќавам. Некои такви податоци, навистина ги “журим да заборавим“.

Оти ни тоа никогаш не ми стана јасно. Како така стоеле еден позади друг во ред и се строеле, мирно и тихо, очите да им ги вадат. Боже -Господе. Си викам таа ли карма ја живееме, па и ние до ден денешен, ко слепци, покрај очи одиме. На секој стоти по едно око. И тој секој стоти, што му остана окото, си замина од тука. Ние другиве, тука ко зомбија ќе си умреме.

Е за разлика од таквите кои со крадени пари одат натака навака и кои наеднаш “научија“ и кое виски се пие и кои пури се пушат и во кои Ресорти се оди, никако под пет ѕвзди се разбира, и кои толку многу ми се смешни ко ќе се облечат у тоа Луј Витоните, Мајкл Корсовити кој ли уште не, (па нели се гледаат у огледало, како не разбираат дека е тоа “природно стање“ и дека тоа ако не ти е природно стање, не ти стои бре брате, ко циркузант си). Е за разлика од тие истите на кои госпожите ќе им се препраат од “перчин, до мал прст“ и нокти и усни и веѓи и цел личен опис, та ко “Квазимодо“, ќе се сторат, и се тоа со крадени пари, јас сама си го платив ова патување.  Прв пат во животот. Се до сега што сум прошетала од сериозни дестинации било, правејки репортажи за на телевизија. Два-три пати додуша сме биле со маж ми улево-удесно, ама волку далеку не.

Си го изработив 8ми Март со цвеќарата поштено и си решив дека со париве од колумниве и со тие од 8ми Март, ќе си се почастам едно Мексико.

Мајка ми додуша сто пати ме прекори, дека не секој ден се заработуваат “толку“ пари и дека треба “настрана“ да се стават, ама после долгочасовно убедување, сепак му успеа да истерам по свое. Како и секогаш впрочем. Исто како што и секогаш впрочем, ќе ми даде благослов, за се што ќе речам, ама пред тоа ѕрцките ќе ми ги извади и ќе ми рече се разбира “јас да ти кажам, да не речеш утре, не сум ти кажала“!

Ама мамо 50 години имам. А ја 80. И ти мене цел живот ќе ми бидеш дете. Дур сум жива.

Како и да е. Бев. Си поминав ко Бог. За тоа што видов и како беше таму, друг пат ќе ви раскажувам. Може и репортажа ќе правам од Мексико, па ќе видите и чуете како тоа светот живее и ужива.

Мајка ми се разбира со душа ме чекаше да се вратам, оти срцето и беше стуткано. Никогаш како овој пат. Многу и се собра. Многу ни се собра на сите. Затоа и отидов. Мечка страв, мене не страв.

Кога се вратив, син ми исто одма дотрча да гледа слики и видеа. И да види што сум му донела. Нормално.

Како си помина ми вика!?

Викам, слушај синко. Прави што ќе правиш во животот, гледај да можеш да заработуваш и сите пари во животот на патувања да ги трошиш. За ништо друго немој да трошиш толку пари, колку за патувањата. И за тоа никогаш немој да штедиш.

Таа дистанца што се постигнува кога ќе се “мрднеш“ од својата “мртва точка“ и тие сознанија кои ќе ги видиш таму и кога ќе сфатиш колку си мал и колку голем истовремено немаат цена. Ама само со свои пари. Се друго е искривена свест од која после ниедни пари не те вадат. 

Колумната може да ја слушате во аудио-верзија во продолжение:

За Женски Магазин, Тања Трајковска