Чек да брцнам во ташнава: Безобразлукот доби на цена, а културата и фините манири, живеат некое свое современо ропство

Добивај вести на Viber

Се измешаа лончињата малку во последно време. Безобразлукот доби на цена, а културата и фините манири, живеат некое свое современо ропство. Како да се пикнати во глувчешка дупка. Да си го кажеш своето мислење, стана општа појава. Не ми пречи тоа. Напротив. Цел живот ја мотивирам отворената комуникација. Многу сакам директна размена на аргументи. Уживам во тие “вербални шаховски партии“. Давам рака, ако ти е аргументот посилен и пијачка частам и сакам рака назад ако е мојот аргумент посилен.

Она што ми пречи е “храброста“, да се “хејта“ преку социјалните мрежи. Или зад затворени врати. Таму некаде “пикнати“ во некое ќоше, од сопствениот удобен дом, седат, вребаат, хејтаат и не знам дали уживаат. Веројатно ДА!  Во тој за мене отровен сок.

Можам да најдам ронка објаснување, но не и оправдување за оваа активност, која е прилично актуелна во последно време.

Јасно е дека личните проблеми и неуспех, се потиснуваат барем за тие “три секунди“, додека се расфрлаш со критиките и успеваш да навредиш и направиш некого друг понесреќен од тебе. Ги триеш сопствените раце, ако некој ти се фати на јадицата и одиш се подлабоко и подлабоко. Се додека не стигнеш до дното. Е сега, трошејки ја сопствената сила и воља и добар дел од своите енергетски, ментални и “фокусни“ потенцијали на оваа активност, којзнае дали кога ќе стигнеш таму-до дното, ќе имаш снага да се одбутнеш и да испливаш повторно на површината. Да земеш воздух и повторно да се нурнеш во нов хејтерски подвиг. И колку пати ќе можеш така да се одбутнуваш, за да се вратиш и да земеш повторно воздух. Зошто времето истекува. А и силата истекува. На пример, ако првите неколку пати си успевал со двете нозе да се бутнеш, секој следен пат со сѐ помала површина од стапалото , ќе може да се буткаш. Во еден момент, тоа ќе биде со врвот на прстите. Бидејки неосетно си станал зависен од оваа активност, која ти го сомлела умот, ќе си речеш, ајде уште еднаш. Е тука е заебот.

Земаш воздух, почнуваш да се нурнуваш, стигнуваш до дното, но не можеш да ја допреш земјата. Ниту со врвот на прстите. Немаш како да се одбутнеш и немаш каде да се фатиш. Бидејки и сламката ја потроши последниот пат. И така остануваш на дното. Борејки се за воздух и за живот. Уште некое кратко време. И толку. Во тие “три секунди“, сфаќаш дека си го загубил животот. На хејтање. Лошо. Штета.

А секому му е од Бога дадено неколку пати во животот да испливува од сопственото дно. Дава животот шанси, да се врати човек и да почне одново.

Никого баш така, не го треска животот на прва, без можност за “поправен испит“.

Она што се нуди во тој непишан животен прирачник, како прва лекција откако ќе стасаш до некое свое дно е да седнеш наспроти сопственто огледало, да се прашаш кој сум, што сум, каков сум. Без лажење и крадење да ги исчистиш сите свои вошки. Нели така не учеа кога бевме деца. Дека тој што лаже и краде, тој мора да има и вошки.

Е сега, баш така. Сите свои вошки, ќе треба да ги исчистиш сам. Тешко оди ова, бидејки вошката може да ја фатиш само со врвот од прстите. Токму оние кои ти недостигаа последниот пат за да се одтурнеш од дното и да испливаш на површината.

А да те потсетам, вошката е паразит, која се храни од животните сокови на другите. Бидејки самата не може да ги произведува истите.

А за да ја извадиш секоја вошка која ти се пикнала под кожа, ќе треба да си ги признаеш сите свои лошотии и гомненици, да извиниш на израз, на кој им посвети толку многу време.

Ова ќе боли. Веројатно слично, или можеби малку повеќе, или можеби многу повеќе, од она со кое ти правеше и нанесуваше некому друг болка.

Што да ти правам, на тоа си ја трошеше силата. И се што ти беше од Бога дадено.

Ама ми велиш не знам како се прави тоа. Не знам како сам-а да си ги извадам вошките. Оти тоа нели обично мајките или учителките го прават. Ама глупаво е сега на овие години, пак да седнеш покрај мајка ти и да ја молиш таа да ти ги исчисти вошките. Магаре, магарица толкава си станала, а да се пикаш, пак во скутот на мајка ти. Безвезе е нели.

Ама не знам како!? Знаеш знаеш. И тоа како знаеш.

Се што им правеше на другите, сега фати преку себе да го правиш. Можеш со вжарена игла, можеш со нож да сечеш, можеш сиот-сета да се поспиеш со пепел… Имаш начини. Одбери си некој.

Ама ќе боли. Е ќе боли де.

Почни да го правиш и прави го така како никој да не те гледа. Исто така, како кога “хејташе“, кога никој не те гледаше. Сета сласт што тогаш ја произведуваше и со која се хранеше, сега ќе треба да ја исплукаш.

А колку ќе трае?

Не знам можеби три пати подолго од времето во кое ти го правеше тоа на другите.

Фер инаф нели!?

А после!?

Е после, наместо да “хејташ“ додека никој не те гледа, пушти си музика и играј, танцувај како никој да не те гледа, пеј како никој да не те гледа ни слуша, глупирај се со слатки будалаштини, како никој да не те гледа, смеј се, радувај се, скокај, прави им на другите да им биде убаво, развивај хумор, сатира, вежбај пред огледало, научи неколку вицови за да ги засмејуваш и другите и дозволи му на животот да те скокотка.

Не бегај и не се сокривај.

Ако ти успее се ова, јави се. Те носам на пијачка. 

Колумната може да ја слушате во аудио-верзија во продолжение:

За Женски Магазин, Тања Трајковска