Брачни кавги

Понекогаш мислам дека сите брачни кавги како да имаат тајмер. Секојдневието тече мирно, секој си брка своја работа, секој си е во свјот филм и наеднаш како аларм да ѕвони. Без најава и без никакво предупредување, некоја ситница, како бомба ќе го запали фитилот. Всушност почнува како искра, а се претвора во бомба.
На пример, јас си мислам дека го обвинувам за чорапите, а тој слуша и си мисли дека го критикувам дека не е добар партнер, љубовник, маж…
И почнува. Почнува кавга.
Тоа се тие ситници што го распламтуваат кавгаџискиот оган во секунда. Бидејќи не знам за другите, ама кај нас кавгите ретко почнуваат за некои големи, или крупни теми. Ретко кој ќе „викне“, „еј, ај да седнеме да зборуваме за нашите вредности“, или да збруваме со мирен тон, за нештата што ни сметаат едни кај други. Не мора да ги прифатиме и да се согласиме, ама барем да си ги кажеме и да си ги слушнеме.
Не, скоро никогаш! Никој никогаш не седнал нормално да разговара за своите салбости, очекувања, размислувања…
Ама затоа за тие глупави ситници, од типот на чорапи, светло, ручек, пари… за тоа во секој момент сме како темпирана бомба.
А сите знаеме дека кавгите не се ниту за неизгаснатата сијалица, ниту за сметките, а уште поалку за чорапите, или лакот за нокти. Овие предмети и теми се само маски, за се она што го пикаме под тепих. Таму ги натрупуваме сите важни теми и приказни.
Таму се кријат нашите „не ме гледаш, не ме слуша, не ме сакаш, не ти е гајле за мене“. Сѐ е таму.
Под тепихот. Таму се сопуваме секој ден.
А она што всушност најмногу ме плаши кај брачните кавги е дека тие можат многу лесно да станат навика.
Почнуваш да се караш не затоа што нешто е многу важно, туку затоа што тоа полека станува модел, кој ние самите го создаваме.
Просто некако чудно, како некоја енергија да нѐ влече, во таа иста, стара сцена, тој вика, јас се бранам, или обратно. Сценариото е исто, само причината се менува.
И тоа што е најстрашно, или најиронично во целата оваа ситуација е што после само пола саат, веќе никој од нас не знае и не се сеќава поради што сме почнале да се караме. Се сеќаваме само на горчливиот вкус во устата, на таа некоја чудна неописива болка во утробата и на тишината која следи потоа.
Не пости пар, кој не се кара. Но она што ги прави кавгите опасни е ѕидот, што се гради помеѓу двајца луѓе. Тој не се гради одеднаш. Се гради цигла по цигла, кавга по кавга. Едно недоизвинување, една прекршена тишина, една заборавена прегратка, или бакнеж. Ете така се гради тој ѕид. И баш така, без да забележиме, во еден момент двајца блиски луѓе, стануваат и почнуваат да се чувствуваат многу далечно.
Најстрашно е кога тука има и деца. Тие не мора да ги слушаат нашите кавги и нашите зборови, ама секогаш го чувствуваат воздухот. Тишината после кавга е најгласниот звук, што децата можат да го слушаат.
На прашањето зошто најчесто се караме, моето искуство, од она што сум го забалежала и кај други парови околу мене, е дека караниците ретко се случуваат за конкретни нешта. Најчесто се караме, затоа што сакаме нешто што не знаеме како да го кажеме, или пак како да го побараме со убаво. Сакаме да бидеме видени, да бидеме почитувани, да бидеме разбрени…И бидејки тоа не го добиваме директно, почнуваме да го извлекуваме со прекор, со иронија, со навреди и со расправија.
Ете во тоа е парадоксот. Се караме со луѓе кои најмногу ги сакаме, само за да им кажеме дека ни треба уште малку љубов.
На прашањето пак, како да не дозволиме кавгата да ни стане животен стил, се разбира дека нема директен рецепт, ниту пак има лекција во три чекори, или пак волшебн стапче, кое наеднаш ќе ги избрише кавгите.
Но може, секако дека може да ги бираме кавгите. Не мора баш секоја ситница да ни стане тема за дискусија, односно расправија. Оти се разбира дека понекогаш е поважно да си го сочуваме мирот, отколку да бидеме „во право“.
Можеме исто така, да одбереме да зборуваме конкретно за тоа што не боли и тоа наместо да го напаѓаме другиот со „ти никогаш“…, да кажеме се чувствувам сам/а кога…, не знам, така некако…
Потоа можеме да си дадеме време. Некои кавги не мора да се решат одма и сега. Тишината и тоа како понекогаш умее да биде подобар лекар отколку зборовите кажани во афект.
Исто така не смееме да заборавиме да се смееме, бидејки еден од најубавите начини да се растопи кавгата е ако двајцата, или барем едниот се сети дека сме од иста страна.
И конечно љубовта, да љубовта е многу поважна од кавгата, бидејки ако нешто научив од моите брачни кавги, тоа е дека љубовта секогаш треба да биде поголема од потребада да се биде во право. И дека вистинската победа во кавга е кога двајцата излегувате со чувството дека сте поблиски, а не поразени.
Можеби никогаш нема да ги искорениме кавгите од нашите животи, но можеме да ги претвориме во нешто помалку страшно. На пример во потсетник дека сме различни луѓе кои се сакаат доволно за да останат заедно. А тоа, на крајот на краиштата, е поголема победа од било која расправија.
За Женски Магазин, Тања Трајковска
*Ставовите изразени во колумната се исклучиво лични ставови на авторот и тие не мора нужно да ја одразуваат уредувачката политика на Женски магазин
Колумната можете да ја слушнете во аудио верзијата подолу: