Каде одат сите разговори што не сме ги имале

Добивај вести на Viber

Постојат зборови што ги носиме со себе цел живот.

Некои ги чуваме во грлото, некои во мислите, некои во срцето како мали камчиња што тешко се тркалаат и постојано не боцкаат. Сме сакале да ги кажеме, ама не сме собрале храброст. Сме чекале “погоден момент“, кој никогаш не дошол.

Сите чуваме по некој таков разговор, кој никогаш не се случил.

Со мајката, на која не сме и кажале извини. Со татккото на кого никогаш не сме му признале дека сме го сакале повеќе отколку што сме му покажувале.

Со другарката, која што сме ја изгубиле после некоја си глупа кавга.

Со партнерот на кого сме сакале да му кажеме дека нешто недостасува, ама сме се плашеле да не го изгубиме, ако ја кажеме вистината.

Животот е полн со тие неизречени реченици.

И кога ќе помине време, ти почнуваат да ни ѕзвонат во главата - како ехо од нешто што не сме имале сила да го изговориме.

А понекогаш, токму тоа “нешто“, тежи повеќе од сите зборови што сме ги изговориле.

Неодмана сретнав една жена, комшика од старо маало. Седнавме на клупа да си помуабетиме и ми раскажа како не стигнала да му каже на својот татко колку и недостасувал кога била мала. Умрел пред неколку години и сега, сега секогаш кога ќе види некој постар човек  во парк и доаѓа да му рече: Тато, ајде малку да седнеме.

И додека го зборуваше тоа, во очите и се гледаше нешто што сите ние го носиме - жалба за разговорите што не сме ги направиле, а требало.

Зошто молчиме?

Можеби затоа што се плашиме. Од реакцијата. Од емоцијата. Од тоа што може да се отвори, ако еднаш ја тргнеме таа тешка капија од зборови.

Но секое молчење, порано, или подоцна има цена. Која скапо ја плаќаме. Затоа што неизреченото не исчезнува. Никогаш. Само се претвора во тежина, што ја носиме со себе, како солза која не знаеме зошто ни се појавува во сон, сон кој никако не можеме да го протолкуваме.

А најтешки се оние разговор што повеќе не можат да се случат.

Кога човекот со кого сакавме да разговараме веќе не е тука. Е тогаш зборовите нема каде да одат. Се враќаат назад, се таложат и се претвораат во тивка болка. И можеби дури тогаш сфаќаме колку е важно да зборуваме се додека можеме.

Некои мислат дека времето лечи, ни вистината е дека само кажаното лечи. Она што не сме го изговориле, останува, за да не прогонува.

Затоа е важно да не го чекаме вистинскиот момент, оти вистински момент не постои. Постојат само луѓе кои заслужуваат да слушнат дека ги сакаме, дека сме им благодарни, или дека ни недостасуваат.

Кога последен пат сме кажеле некому дека ни недостига? Кога сме и кажале на мајка ни, дека ни е жал што сме и одговориле нервозно и критички.

Кога сме му напишале порака некому со кого животот не оддалечил? И ова, не за да вратиш нешто старо, туку за да ослободиш нешто што се таложи внатре во себе.

Можеби некои разговори нема да донесат помирување. Некои ќе бидат кратки, некои ќе завршат во тишина. Но и тоа умее да биде доволно.

Затоа што кога зборуваш, ти кажуваш - “еве ме, не сум рамнодушна. Се секирам.“

Понекогаш си мислам дека можеби сите тие разговори, што не сме ги направиле, одат некаде. Во некое невидливо место каде што душите се допираат, дури и кога зборовите не можат. И таму, во тој тивок свет на некажаното, можеби конечно се слушаме.  Сакам да е така.

Но додека сме тука, додека имаме глас, додека некој ни е жив, додека има кому да кажеме “извини“, или “фала“, да не молчиме.

Затоа што кога еднаш ќе замине некој, единственото нешто што останува е тишината…., и прашањето, што нема одговор. 

За Женски Магазин, Тања Трајковска

*Ставовите изразени во колумната се исклучиво лични ставови на авторот и тие не мора нужно да ја одразуваат уредувачката политика на Женски магазин

Колумната можете да ја слушнете во аудио верзијата подолу: