Чек да брцнам во ташнава: Ми иде да врискам од тоа како дојдовме до ова дереџе

Добивај вести на Viber

Си велам некни, еј гледаме ли ние луѓево, или начисто ослепевме. Толку ли миц по миц “им успеа“, да нѐ заспијат будни. Да нѐ ослепат покрај очи, да нѐ оглуват покрај уши!?

Мајко моја мила!! Ми се иде да врискам.

Не знам више нит дал сум тажна, нит дал сум бесна, немоќна, збунета, оглупавена, разулавена. Уплашена. Тоа најмногу. А, најмалку сакав.

Мислам дека не знам више ништо.

Дојдовме ли до “сега знам дека ништо не знам“, ама од другата страна. Не од страната на мудроста. Од страната на глупоста.

Маме му ебам, кој прв почна а!?

Како дојдовме до ова дереџе а!?

Кој тоа во никулецот на добрината и чесноста го најде отровот за човештвото.

Кој тоа прв се сети дека ако разделиш, ќе владееш.

Кој тоа прв поради сопствената грдотија ја запали убавината, за да му биде полесно нему!? Ах!

Кому ли тоа добрината и наивноста му беа “мека“, за да ја распостеле сета своја злоба, лошотија, похлепа.

Кој тоа во човечката лабораторија го создаде овој вирус. А!? Кој!?

Не мислам на Короната. Да не грешам душа, ама колај работа да беше само Короната.

Велам колај работа, оти човекот по природа, по нагон, по инстинкт, има срце и душа да се справи со сите “недаќи“, што велат. Умее човекот да си го подвитка опашот, да си ја стутка душата, да си ја скрати чергата…, за да преживее. Умее. Сетиќи умее.

Се покажало тоа милион пати досега низ опстаноков наш човечки. Колку ли само пати досега, безброј катастрофи го навјасале човека. Пепел ќе се стори и туку наеднаш ете ти цвет од карпа.

Затоа велам, не е само Короната. Сите мутации и подмутации за да дојдеме дотука.

До вирусот на злобата од една и вирусот на стравот од другата страна. Нема полошо и од едното и од другото.

Заедно!, заедно ја создаваат веројатно најопасната “хемиско-биолошка-човечка експлозија“.  Да! Експлозија.

Ти во злобата ги имаш најопасните состојки, најопасниот отровен рецепт. Една капка ти е доста за да ти се раскрварат очите.

И во стравот исто така.

Само помисли на страв, одма ти рипа и притисок и срце. Ко разулавен си. Улица не можеш да пројдеш. До продавница не можеш да отидеш. Ноќе сам, едвај чекаш да се раздени. Душа немаш во душата.

Само помисли на злоба истото, ко под индиго ти се случува. Душа немаш во душата.

Зошто бе мајку му стара!? Зошто!?

Кому тоа му беше малку изгрејсонцето, зајдисонцето, реките, планините, небото морето, птиците, цвеќињата, пеперутките… Кому!? На човека. Зошто!?

Е ајде де зошто!? Баба ми ќе речеше “за да прашаш“. Па еве прашувам! За чисто брашно. Не бе бабо. За пари. Ме слушаш ли бабо таму горе!? За пари е бабооо. За парииии.

Некња Меси отиде од Барселона у Париз, абе мислиш светот наопаку се преврти. Главна вест на сите портали, весници телевизии.

Ај што тој плаче на прес конференција. Не велам оти се лигави. Емоции се тоа. Знам! И разбирам. Човек. Веројатно е ѝ добар човек Така ми личи. Се си велам, не е тој крив што знае да игра фудбал. Се родил така. Му се заломило.

Ај што фановиве исто така се утепаа од плачење. Не велам ни тоа дека е лигавење. Можда малку, ама не е толку страшно. И тоа е страст. И љубов. Емоции. Знам! И разбирам. Човек. И тоа се сигурно добри луѓе. Си го сакале и жал им е. Почнале од маалско навијање, ко мали, па стасале до таму “да живеат за тоа“.

Ама тоа што за 24 часа се направија “милијарди“, по повод оваа тема!? Е тоа ми е многу тешко да разберам.

Како тоа толку многу луѓе, како под команда истрчаа да купат дресови, за толку многу пари. Тоа стварно не разбирам. Не се тоа двајца-тројца. Не бе. Илјадници души. Ич не ми е јасно. Па нели до вчера не беше нивни. Нели контра банда беше. Како сеа така!? Наеднаш, одма преку ноќ!? Абе утредента.

Па почекај малце, покажи достоинство, не покажувај слабост на прва топка. Што сакаш да кажеш со ова!? Дека ова твоево до вчера беше балавурдија!? Дека пет пари не вредеше!?

Абе респект малку према твоиве од вчера.

Или пак за инат на другиве. Демек, еве ви го земавме.

Ама има нешто уште пострашно. Како тоа овие другиве знаеја дека токму тоа ќе се случи!?

И како тоа секогаш знаат.

Можда не би се кладела ол ин, дека шанси нема за такво нешто, ама би ставила некој денар на таа опклада. И ете би изгубила.

Многу ме плаши тоа. Ме плаши прецизноста, со која неколку души, прават математичка формула, со која точно, речиси до децимала, го погодуваат масовниот резултат.

За што!?

За пари!

За колку пари!?

За многу пари.

А зошто!?

За да трчаат по тоалет хартија и макорони у првата секунда коа ќе згусти.

Е за тоа. 


Колумната може да ја слушате во аудио-верзија во продолжение:

За Женски Магазин, Тања Трајковска

*Ставовите искажани во колумната не се ставови на редакцијата