Чек да брцнам во ташнава: Само малку љубов

Добивај вести на Viber

Станот во кој што живеам беше сопственост на еден декица, кој немаше деца. Го викаа Цобе, од Слободан. Кога умрела жена му, останал сосем сам. Во недостаток на друштво, почнал да собира се и сешто, за да може себе си, за некако да си ги оплемени деновите и животот полн со здодевност и неизвесност.

Другарите комшии, сите до еден му умреле, па немал ниту со кого да прозбори. Од сето она што го најдов во станот, сфатив дека какво било хоби, за него бил вистински спас за неговата душа. Инаку немам друго објаснување за кутиите кои ги најдов полни со авионски макети, возови, стари банкноти и монети поштански марки, стрипови и географски карти.

Велат дека умеел со часови да седи на подот и да си игра со своите возови, а потоа да излезе, за да се види со филателистите и нумизматичарите, во потрага по некој посебен примерок поштенска марка, кој не успеал да го набави.

На тераста најдов неколку саксии, во кои посадил по некоја билка. Имал желба нешто да одгледува.

Растенијата кои ги затеков беа сосем суви, безживотни и изгледаа како да молат за капка вода која би им вдахнала малку живот. А јас своите градинарски вештини ги ставив на страна, откако ја напуштив куќата во Тафталиџе. Немав веќе своја градина, туку парче бетонска тераса, која ми ја додели животот.

Во тој момент бев “доктор“, кој се нашол на местото на несреќата и единствено тој, може да го спаси човекот кој умира.

Ги извадив нежно од запечената, сува земја, им ставив нова и ги полеав.

Ги наместив таму, каде што секое сабајле пиев кафе, за да можам да го следам нивното опоравување.

Љубовта и малку Сонце си го направија своето.

Билкиве почнаа срамежливо да ѕиркаат и да се вртат кон мене. Секое сабајле по малку. Ми се заблагодарија и со цвет, кој едно сабајле сосем неочекувано се појави.

За возврат, им ја украсив земјата со школкички и кеменчиња, што сум ги собирала по разно-разни мориња.

Си помислив можеби се осамени, па им треба друштво. На пазар си купив неколку нови расади и прекрасни мали саксиички.

Брзав дома, да ги посадам додека не опекло Сонцето.

Земјата под нокти, калливите раце, песокот и водата го разбудија заспаниот градинар во мене. Два дена ги гледав како стојат едни покрај други и се прашував дали си разговараат едни на други. Дали е цело ова цвеќе среќно како јас, или му е сеедно!? За некој ден повторно добив цвет и повторно потреба да засадам повеќе. Ми треба уште цвеќе, ова е дефинитивно малку. Си помислив. Уште само неколку и толку.

Само уште нешто да одгледам, да видам како цвета, како му светат листовите на утринското Сонце како се врти околу самото себе и како се растегнува и шири.

Веќе не застанав. Купував цвеќе наместо ручек за себе.

Набавував ретки видови, специјални сорти, посебна земја, семе од Кина, читав литература, се распрашував кој има мали шарени градини, шверцував расади преку граница, го давав последниот денар, за некој посебен примерок-расад.

Станав целосно обземена со нивната убавина,  и посебност.

Бетонската тераса се претвори во мала оаза на која живееше цвеќе од далечните земји. Верував дека тоа цвеќе не ни претпоставувало дека своето патешествие ќе го заврши во моите калливи раце и на мојата тераса.

Чичко Цобе, би бил воодушевен кога ми можел сега од некоја страна да си ги види билките и саксиите. Понекогаш имам чувство дека само седи тука, потпрен на својот бастум, мирен, спокоен бидејки цвеќето му е здраво и живо. Ќе воздивне задоволно, ќе се насмее и ќе исчезне.


Колумната може да ја слушате во аудио-верзија во продолжение:

За Женски Магазин, Тања Трајковска




*Ставовите искажани во колумната не се ставови на редакцијата