Дали знаете дека постои солена вода среде Македонија - посетете го ова место и уверете се во магијата на природата

Далеку од брегот, во
тивко и скриено село близу Кичево, тече еден од најнеобичните извори во
Македонија – природен извор со солена вода. Името на селото е Пополжани,
а приказната што ја носи овој извор е вистинска мешавина од наука, традиција и
малку мистерија.
Селото Пополжани се наоѓа меѓу зелените ридови кај Кичево, на неколку километри од магистралата што води кон Охрид и Битола. Локацијата можеби изгледа обично, но тука природата си има „таен рецепт“ – токму тука, од срцето на земјата, извира вода со солен вкус.
Се стигнува преку уличка, помеѓу селските куќи, каде што е недопрен и природен амбиент, а звукот на капката вода кое извира дава разновидна сцена – од романтична до мистична. Не е реновиран, но токму тоа му дава автентичен шарм.
Легендите велат дека уште од дамнина, мештаните ја користеле солената вода за лекување на кожни заболувања и за ревматски болки. Се пренесуваат приказни за нејзината „чистечка енергија“ и дека некогаш служела како место за тајни обреди и народни собирања. Денес, жителите со гордост зборуваат за своето мало чудо, кое го чуваат како дел од културното и природно наследство на селото.
-Старите мештани велат дека во минатото луѓето од целата околина доаѓале овде за да земат солена вода. Ја користеле за готвење, месење леб, па дури и за исхрана на добитокот. Исто така водата од изворот совршено ја пере облеката. За нас, посебен чин е прославата на празникот Водици, кога сите се собираме околу изворот – вели Милка Наумовска која е родена во селото, а пред неколку години се вратила да живее таму.
Изворот е редок природен феномен каде што солената вода не доаѓа од море, туку од длабоко под земја, преку геолошки пукнатини. Составот ѝ е сличен на морската вода, но никој сè уште не направил официјална хемиска анализа. Тој е еден од трите познати извори со солена вода во Македонија.
Текст и фото С.А.Н











