Даниела Алексовска, кимоното ќе го замени со свечен фустан за специјална пригода

Даниела Алексовска, (19) европски шампион во боречки вештини која ја освои првата европска ММА титула за Македонија во женска категорија, својот стил на облекување го опишува претежно спортски. Практикува да носи удобна и комотна гардероба, најчесто тренерки.
ЖМ: Од туѓа перспектива, боречките вештини се исклучително машки. Но, какво е размислувањето од твоја гледна точка?
-Повеќето од луѓето односно постарите генерации го гледаат овој спорт како машки но мое мислење е дека без разлика на полот доколку сме добри во одредена област, професија итн не постојат ограничувања и поделби.
ЖМ: Како би го опишала твојот спортски живот?
-Мојот спортски живот би го опишала како доста динамичен но воедно и доста возбудлив, секојдневни тренинзи, чести натпревари, остварување на нови пријателства и учење на нови нешта.
ЖМ: Од остварените резултати забележливо е дека твојот успех е склоп од напорна работа, истрајност, поддршка од најблиските. Што би дополнила?
-Поддршката од најблиските е најважна лично за мене и за постигнувањата во војата спортска кариера, тоа е она што ме турка напред ми дава храброст и ме стреми кон поголеми успеси.
ЖМ: Како би ги опишала твојот стил на живот?
-Како што напоменав мојот стил на живот е доста поразличен од останатите, бидејќи е доста напорен но исто така и целата таа работа и труд која се вложува има неверојатно убав исход.
ЖМ: За спортистките постои мислење дека не се љубителки на високи потпетици и елегантни фустани, особено за спортот со кој ти се занимаваш. Каков е твојот стил на облекување?
-Мојот стил на облекување е претежно спортски, практикувам да носам комотна гардероба најчесто тренерки но, на поголеми настани и прослави одбирам да носам фустани и понекогаш и високи потпетици.
ЖМ: Што доминира во твојот ормар?
-Во мојот ормар преовладува спортска опрема бидејќи поголемиот дел од денот го поминувам тренирајќи, располагам со разно разни маици и хеланки за тренинг исто така голем дел зафаќаат и моите кимона кои ги има во разни бои.
ЖМ: Те очекува матурската вечер. Што ќе облечеш за прославата?
-За прославата за матурската вечер се одлучив за долг двобоен фустан и високи потпетици кои се спротивни од она што практикувам да го носам секојдневно.
ЖМ: Плановите се за практичните луѓе, а со што сер поврзани твоите?
-Следен предизвик следи во јули односно семи-про борба во Србија против противничка од Ирска, во септември не очекува голем настан во Скопје и веднаш по него следи светското првенство во Грузија.
ЖМ: Кој е твојот сон?
-Мојот сон а верувам и дека на 99% од оние кои се занимаваат со боречките вештини е да го достигнат врвот односно УФЦ, но до тогаш следи многу напорна работа и предизвици кои треба да се надминат.
С.А.Н