ГРИЖА ЗА ДЕЦАТА, ГОТВЕЊЕ, ЧИСТЕЊЕ: Македонија има висок процент на домаќинки
Македонија има висок процент на жени домаќинки, лица кои не биле и не се активни на пазарот на трудот.
Кај неактивното население во Македонија доминираат пензионерите со учество од 41.23 отсто и домаќинките со 23.06 отсто. Oва го покажа пописот од 2021 година. Во западниот дел на државата има повисок процент на домаќинки. Оваа мапа е слична со онаа за издржувани лица.

Во истите региони каде има голем број домаќинки, податоците покажуваат и висок процент на издржувани лица.

Најголем број издржувани лица со учество од 35.32 oтсто има во Општина Врапчиште. Жените кои себеси се дефинираат како домаќинки, велат дека со децении се без работа и сега скоро и да немаат шанси за вработување, поради возраста, но и поради тоа што долго време биле пасивни. Објаснуваат дека во текот на животот се грижеле за децата, за домот и зависеле од примањата на сопругот.
„Многу фактори влијаат една жена да биде домаќинка. Јас сум домаќинка и познавам многу жени како мене“, вели средовечна кумановка.
Друга жена која има 55 години објаснува дека веќе 30 години е домаќинка.
„Никогаш не сум работела. Се грижев за децата додека да пораснат, имаа обврски околу школото, а потоа почнав да се грижам и за старите и бев спречена да одам на работа. Сега веќе годините се проблем и никој не би ме вработил. Има многу жени што се домаќинки. Тоа има и позитивни и негативни страни. За децата си е потребна грижа. Некој треба да ги пречека од училиште, да им зготви јадење. Кој има едно дете, полесно е, но јас имам три деца. И за старите морам да се грижам, а ако не се грижам ќе треба да платам жена, така што има и позитивни и негативни страни. Сега се бараат работници, не е дека не, но во фабрика бараат брзо да се работи, а јас на овие години не можам да се споредувам со помладите и видот веќе не е како на млади години“, рече Весна П. Граѓанка.
Овие жени велат дека не стекнале вештини, а дополнително веќе имаат и здравствени проблеми.
„Веќе 39 години сум домаќинка. Тешко е да се биде домаќинка, тоа е како неплатена работа. Во приватен сектор газдите бараат работници, но кој ќе ме прими во 60 години? Сега е доцна за работа“, рече Тања Ј. граѓанка.
Социологот Лилјана Полевска вели дека мора да се работи на тоа поле и да има напредок. Според неа, денес жените не треба да останат без егзистенција и да зависат од друг.
„Секако дека тој процент треба да се намали, затоа и постои борба за женските права. Има дискриминација во поглед на вработување, меѓу маж и жена, ќе изберат маж, затоа што жената треба да биде мајка. Населението ни се намалува, треба да се поведе сметка и да се вработуваат жени, да имаат подобри услови. Од почетокот на бракот да се регулираат работите, не може жената да биде само домаќина, секој има потреба да има свои пари“, рече Полевска.
За споредба, пописот во 2002 година регистрирал 508.254 неактивни женски лица на возраст од 15 и повеќе години. Тогаш во категоријата невработени биле 112.503 женски лица. Во поголемите градови имало илјадници неактивни жени.
Сања АтанасовскаИзвор: ФАКТОР