Интернационална љубов на скопско тло: Етиопјанката Нардос и скопјанецот Никола го крстија своето дете во Бигорскиот манастир

Денеска, во величествениот амбиент на Бигорскиот манастир, беше одржана крштевка на детето на Никола Јовановски од Македонија и неговата сопруга Нардос Јовановска од Етиопија.
На свечениот чин присуствуваше и семејството на Нардос, кое специјално допатува од Етиопија за овој важен духовен настан.
Љубовната приказна на оваа интернационална двојка започнала сосема неочекувано – преку „Фејсбук“. Таа од Адис Абеба, тој од Скопје, а дигиталната комуникација брзо прераснала во длабока емотивна врска.
Веќе по три месеци, Никола донел храбра одлука – да ја посети Нардос во нејзината земја, иако никогаш претходно не бил таму.
„Отидов во Адис Абеба, таа ме чекаше на аеродромот. Љубовта се роди уште првите денови на камера, но кога се сретнавме во живо – сè стана уште појасно,“ раскажува Никола во изјава за Женски магазин.
По само три дена престој, ја запросил Нардос во црква во Адис. Како што вели, духовната поврзаност била многу важен дел од нивниот однос, особено бидејќи и двајцата припаѓаат на православната христијанска вера.
Денес, со дете во прегратка и семејство кое ги поддржува, тие заедно го славеа овој важен момент – крштевање кое симболично ги обедини не само две души, туку и две култури.
Нардос, која сега го носи презимето Јовановска, успешно се вклопува во новата средина и ужива во животот во Македонија.