Кога ќе се каже мајка борец, се мисли на Снеже: Ниту по пет неуспешни ин витра не се откажала, денеска секојдневно ја прегрнуваат четири малецки рачиња

Добивај вести на Viber

„Мајките се нашите први учителки по безусловна љубов и истрајност,“ вака ја започнува својата животна исповед Снежана Ивановска – Трајкоски, жена која по долги години борба, болка и надеж конечно ја дочекала најубавата титула – мајка.

Нејзината приказна започнува со споменот на мајка ѝ – најсилниот потсетник дека љубовта и вербата не познаваат граници. 

Мајка ми беше мојот прв столб и најголема поддршка. Таа беше првата што ме однесе на гинеколог, заедно со сестра ми. Тогаш не знаев дека токму нејзината грижа ќе биде темел на мојата сила, раскажува Снежана.

Следуваат години полни со исчекување и страв. Шест обиди за ин витро, пет неуспешни – и секој нов како нова рана. „Првиот пат се држев за надежта како за воздух. Вториот и третиот – повторно две ембриончиња, повторно чекање, повторно солзи,“ се потсетува таа.

Четвртиот обид не успева, а петтиот го започнува неколку месеци по најголемата загуба – ја изгубила мајка ѝ. 

Верував дека ако успеам, тоа ќе биде дар и за неа. И навистина, тестот беше позитивен. Го слушнав срцето на моето бебе, но на следната контрола ми кажаа дека престанало да чука. Тој момент ја замрзна мојата душа.

Но Снежана не се предала. На шестиот обид решиле да вратат само едно ембрионче – едно мало зрно живот, кое подоцна се поделило во две. „Денес тие две срца се најубавата музика што постои. Верувам дека мајка ми ги испрати од небото. Таа го замени своето срце со нивните, за да живее преку нив и преку мене.“

Нејзините близнаци денес имаат четири и пол години, а Снежана верува дека секој обид, секоја инекција, секоја солза и секоја ноќ во молитва вределе. 

Вредеше пет пати да паднам, за на шестиот да се издигнам – со четири најубави раце околу вратот и најслаткото „мамо“ на светот.

Неделата на плодноста – порака на надеж и поддршка

Оваа недела (03–09 ноември) се одбележува Европската недела на плодноста, период посветен на подигање на јавната свест за предизвиците со кои се соочуваат лицата кои се борат со инфертилитет. 

Во Македонија, активностите ги организира Здружението „До бебе по патот на ин витро“, единствената организација во земјава која континуирано се залага за правата, поддршката и информирањето на паровите кои ја водат оваа тешка, но благородна битка.

Неделата ќе биде исполнета со три значајни настани и интензивна информативна кампања чија цел е рушење на стигмата поврзана со инфертилитетот и охрабрување на сите кои се борат за свое дете.

На 6 ноември ќе се одржи кафе-средба со Д-р Владимир Трајковски и М-р Мимоза Аџи Крстева, каде присутните ќе имаат можност во пријатна атмосфера да поставуваат прашања и да се информираат за своето репродуктивно здравје во Градската библиотека „Браќа Миладиновци“.

На 8 ноември следува свечено доделување благодарници на заслужни личности и поддржувачи на здружението кои придонеле кон унапредување на законската регулатива поврзана со третманот на инфертилитет и овој настан граѓаните ќе може да го проследат во Градската библиотека „Браќа Миладиновци“.


Главниот, завршен настан ќе се одржи на 9 ноември во паркот „Авионче“ во Општина Аеродром, со почеток во 12 часот, на кој ќе присуствуваат градоначалникот г. Дејан Митевски и пратеничката г-ѓа Катерина Крстевска, како симбол на институционална поддршка и солидарност.

Покрај овие активности, здружението спроведува и онлајн кампања во согласност со насоките на Fertility Europe, која има за цел да ја подигне информираноста за репродуктивното здравје и да им даде глас на сите кои минуваат низ овој предизвик.

Преку ваквите иницијативи, „До бебе по патот на ин витро“ потсетува дека секоја приказна како онаа на Снежана Ивановска – Трајкоски е симбол на надеж, сила и љубов. А секое родено дете по долг пат на борба е доказ дека чудата постојат – само понекогаш им треба малку повеќе време да пристигнат.

М.С.К за „Женски магазин“