„Македонија е првата дестинација“: Земале неплатен одмор, ги организирале децата и тргнуваат на 9 месечен пат околу светот

Славица Савеска Кењереш и Александар Кењереш се родители на две ќеркички, едната е на возраст од 4 години, другата е на возраст од 10 години.
Двете дечиња се на постојани патувања со своите родители и посетиле многу места како во Европа, така и во Африка, Азија, Јужна и Северна Америка.
Како што раскажува Славица, таа и сопругот, како пар се преселиле во Норвешка пред 13 години, таму станале родители, засновале семејство, почнале нов живот далеку од својата домицилна средина, но во последните 10 години, токму поради средениот живот во Норвешка успеале да си приуштат дури 18 патувања низ земји од целиот свет.
А сега се подготвуваат за едно ново и сосема поинакво патување, кое ќе трае цели 9 месеци за кој период ќе живеат во 7 различни земји.
Идејата за долго патување ја имаме веќе неколку години. Можам да речам дека започнавме да дискутираме за нешто слично некаде пред „короната“. За време на корона и после неа станавме повеќе свесни за тоа дека не знаеме што нѐ чека утре и дека човек мора да биде проактивен и да ги брка соништата. Живееме во брзо време и сме пренатрупани со обврски и грижи. Ние згора на тоа, сме и сами во Норвешка. Дојдовме пред 13 години како пар, и сега имаме две ќерки од 4 и 10години, но никој друг роднина тука, само ние четворица, вели Савеска за „Женски магазин“.
Иако вели најтешката задача е да се организира патување во кое се вклучени деца, поради нивните специфични потреби, најдобрата инвестиција која може да се приушти за децата е токму од најмали нозе да патуваат и да го запознаваат и истражуваат светот. Не само децата, туку и родителите не треба да ги одложуваат своите патувања за подоцна, бидејќи времето минува, а со тоа и можностите се намалуваат.
Сметам дека е грешка да се чека децата да пораснат, за да се патува. Долги летови со деца не се толку страшни како што звучат. Со правилно избрани игра кои одговараат на интересите на децата се пополнуваат многу саати. И иако, може на моменти ќе биде напорно и безнадежно, децата во еден момент ќе заспијат и тогаш ќе се има време и за родителите да спијат или да изгледаат некој филм.
Авантуристичкиот живот, го отежнува претходната темелна организација на обврските, особено оние во кои се вклучени децата. Како што и самата вели една од најтешките задачи била таа да го организира образованието на својата постара ќеркичка.
-Бегството од реалноста, особено со две мали деца, не е едноставен проект. Требаше да побараме и добиеме неплатено отсуство од работа, да ја откажеме градинката за помалата ќерка како и да ги дознаеме сите детаљи за домашно школување за големата ќерка која од есен почнува во 5то одделение.
Иако вели дека ѝ недостасува нејзината средина, често мисли на Македонија и сака да разменува искуства со луѓето кои го говорат нејзиниот мајчин јазик, макар и преку социјалните мрежи, никогаш не се покајала што ја донела одлуката да се пресели во Норвешка.
Како родител на деца кои не по своја вина се наоѓаат далеку од сите роднини, живеам со доза на вина за се она што им го ускратувам бидејќи не сме во Македонија. Во Норвешка дојдовме за подобра и постабилна иднина и ниту во еден момент не жалам за одлуката која ја донесовме. Но со вината живеам секој ден, зошто им ускратувам тони љубов и внимание кои ги довиваат само кога сме во Скопје. Баш поради тоа, нашата авантура започнува во Македонија.
Секоја животна одлука има свои предности и недостатоци, секој избор е влог, во кои губиш и добиваш, важно е само да се постигне балансот и да се држи оптималната линија. Патувањата секако се најголемото богатство кое го вложуваме во нематеријални работи, а тоа се спомените. Спомените секого од нас, го прават поискусен, во конкретниот случај и посреќен.
М.С.К
