Македонски дизајнер на Ф1 сцената: Стив Аоки прошета уникатни патики на Сатја Грабулоски во Лас Вегас

Добивај вести на Viber

Изминатиот викенд Лас Вегас беше центарот на адреналинот со претпоследната трка од годинешниот Ф1 шампионат, но покрај возачите, внимание украде и светски познатиот диџеј Стив Аоки. Тој настапи директно на патеката, создавајќи атмосфера која долго ќе се памети.

Американецот, кој има настапувано и во Македонија, на трката се појави со својата партнерка, но и со нешто што веднаш го привлече регионалното внимание – уникатни патики дизајнирани од македонскиот уметник Сатја Грабулоски и неговиот бренд SWithaDot.


Ова претставува петта соработка помеѓу Аоки и Грабулоски, односно петти пар 1/1 Jordan патики со потписот на SWithaDot кои ги носи глобалната музичка ѕвезда.

„На овој начин — први Македонци на Ф1 гридот, во форма на 1/1 џорданки. Стив ми е долгогодишен пријател и веќе има многу уникатни модели што сме ги правеле за разни прилики, но ова беше посебно бидејќи тој беше ѕвезда на вечерта. Дизајнот е инспириран од неговиот албум и аниме цртаната серија Hiroquest, чиј креатор е самиот Аоки. По ова, патиките ќе бидат ставени на аукција“, открива Сатја.


Уште еден доказ дека македонските креативци сè понаметливо чекорат на светската сцена.

РЖМ/ ИС