Најтешко ми е кога мојот седум годишен син ќе ме праша кога ќе ми пристигне лекот: Вања Андонова за тешкото детство и борбата со канцерот

Сите ние се раѓаме со свој крст. Колку тој ќе тежи само ние си знаеме кога го носиме. Тежината што Вања Андонова ја носи е преголема уште од дете, кога се соочила со голем број проблеми. Среќата и се насмевнала кога формирала семејство. Но, само по неколку години повторно ја почувствувала големата тежина на својот крст. Се разболела од канцер.
- Како девојче додека растев, ја гледав маката и тежината која се наметнуваше во нашата фамилија и ја носев со себе каде и да одев. Кога си дете растеш и излегуваш на улица и за миг забораваш сѐ. Растев, но растеа и проблемите уште повеќе, а немоќна како дете сама да се справам. Секогаш со надеж дека еден ден ќе биде подобро. Животот донесе заплети, расплети. Следуваше убавиот дел. Фамилија, деца, среќа, радост. И кога животот почна да оди по убав тек, се појави болеста - раскажува Анданова за која случувањата по угорнините во детството мислела дека се најтешки се до мигот кога се соочила со најтешката болест.
- Со канцер да живееш е тешко. Најтешко. Три години, три операции, три пати хемотерапии. Душата и срцето можеле многу да издржат. Колку може душата да издржи да се бори за да се будам и да си ги гледам децата секое утро. Колку може срцето да чука за нив. Колку можат мајчините очи да измолат и исплачат за прошка за живот. Тоа само мајка знае.Тежок е крстот на мојот грб. Но, рацете високо ги кревам и го носам товарот – вели Вања.
Таа е една од многуте која уште чека терапија од онкологија. Но, една од ретките, најхрабрите која јавно и отворено ги поставува прашања поврзани со оваа тема.
- Ќе ја дочекаме ли? Жива ли ќе сум за да ја примам терапијата? Април месец отиде. Колку месеци треба за тендери? Четири месеци се тие. Нели се прави тоа пред Нова година? Има ли абер? Животот ми зависи од тоа. Некој да размисли нешто. Барем нешто. Малку. Мајка сум. Имам деца, Ангела (12.5) и Јован (7.5). Да не бидам погрешно сфатена. Се лечам од канцер три години. Третпат сум на хемотерапија. Душа немам веќе. Не ми е гајле која партија ја води државата. Не му е битно на пациент кој чека лек кој каде седи и одлучува за тоа. Значи да се бориш со канцар е многу тешко – вели таа и додава.
-Кога одиме на онкологија докторот го гледаме со милни очи што тој ќе одлучи и ќе каже за нашата дијагноза и за лекот кој го примаме. Еве ќе кажам јавно, како стигнав до таа хемотерапија, која сега ја примам. Ниту една терапија во овие три години не покажа некој позитивен ефект кај мене. Докторката спомна дека постои молекуларно испитување, во приватна клиника во Ниш или Атина, каде ако сте подготвени си плаќате 2000 евра за да добиете точни резултати. Според туморското ткиво излегува најсоодветната терапија која ќе има ефект кај канцерот. Како последна сламка која остана за да се фатам за неа направив операција, испративме ткиво и добивме резултати за 15 работни денови.
Таму пишуваше што ми одговара мене како терапија. Кога се раѓа револтот, знаете? Кога имате резултати, гледате кој лек ви одговара. Одам на онкологија, нема лек се чека на тендер. Не чекав малку. Чекав месец и пол. Сите држави околу вас имаат лекови на клиниките, се лечат нивните пациенти, а кај нас државата немала лек. Тука е тоа што не дава мир. Знаете што значи месец и пол за канцерот, 2 пропуштени имуно или 2 биолошки терапии. Знаете колку жени починаа од такви пропусти. Знаете колку рецидиви има од месец и пол без соодветна терапија. Многу. И докторите го знаат тоа - посочува Андова.
Нејзин најголем мотив да живее се децата. Вели, за да имаат мајка може многу далеку да оди, затоа што има еден живот.
- Помалото често прашува: „А, твојот лек мама кога ќе дојде? Е, верувајте ме боли душата и не знам што да му кажам на своето дете кое ме гледа во очи. И ич не ми е гајле кој на која фотелја седи. И дали некој јавно ме прочитал. Знаете ли колку мајки и татковци и деца плачат. Многу. Затоа ќе си го барам јавно тоа што е мое и што ми следува од државата. Не за џабе се плаќа здравство. А тие претходно што правеа скандали, тие се друга тема – заклучува Вања.
С.А.Н