Ана Бунтеска: Не ме препознаваш
Не ме препознаваш
Воопшто не ме знаеш
Без оглед колку и да се соголувам
Колку и пред тебе гола да седам
Со извадена кожа
Ставена на топлиот радијатор
Кој ја наговестува есента
Која ги пожолте нашите спомени
Не ме препознаваш
Ниту зборовите ми ги знаеш
Ниту пак се обидуваш да ги прочиташ
Оти за тебе
За тебе се само куп нафрлени букви
А за мене се тенко исечени парчиња од душава
Како месо кое се спрема за на тивок оган
За стокмена вечера за двајца
Од кои едниот никојпат не е тука
Не ме препознаваш
До толку не ме знаеш
Што почнувам во себе да се сомневам
Дали сум можеби некоја друга
Која влегува и излегува во телово
Како во евтин хотел со излижани теписони
Газени од којзнае колку и какви чевли
Со провев од кој реума се фаќа
И мирис на мемла која гуши
Не ме познаваш
Не ме препознаваш
Не ме знаеш
А мене
Мене ме боли твоето непрепознавање
Не остро и не за да ме онеми
Ами тивка болката ми е
На која почнувам полека да се навикнувам
И знам дека еден ден ако ја снема
Дури и ќе ми недостасува
За да ме потсети дека сѐ уште сум тука
Дека сѐ уште сум жива
Одамна не ме препознаваш
Како да ти се немам распостелено
Со сите стравови и сомнежи
Со сите приказни проживеани
И не ми останува ништо друго
Освен да се помирам и продолжам
Та си ја собирам кожата од радијаторот
Која од топлината се има стеснето
И која е сега еден број помала
Отколку што треба за да го спастрам телово
И сите зборови во голема вреќа ги пикам
Без ред, без никаков контекст
Ги потиснувам буквите во себе
Голтам неколку неисплакани ноќи
И полека ја отворам вратата
За да зачекорам надвор од надежта
Есента секогаш ми мириса на насобрана тага
За Женски магазин, поетесата Ана Бунтеска
**Дознајте сè за случувањата во шоу бизнисот, бидете во тек со темите за животен стил и мода. Пријавете се во нашата Вибер група