„Не молчам кога станува збор за македонската песна“ – Василија Петрова за музиката, корените и иднината

Добивај вести на Viber

Со само 22 години, Василија Петрова веќе е име што сѐ почесто се слуша – и тоа со причина. Родена во Ќустендил, како што самата нагласи во нашето интервју, Пиринскиот дел на Македонија, а со далечни корени од Кочани, таа е младата надеж на традиционалната македонска музика, која успева да внесе свежина, искреност и огромна љубов во секоја изведба.

Иако е на последна година студии за тренер по пливање и професор по физичко образование, музиката останува нејзината најголема пасија.

„Енергијата што ја имам и во спортот и во музиката ми дава посебен пристап кон сè што правам, ама можам да кажам дека сум вистински посветена на традиционалната музика,“ вели Василија.



Талент наследен од мајка ѝ, граден со труд и љубов

Својата музикалност ја открила уште од најмали нозе, благодарение на мајка ѝ, која, како што самата вели, има прекрасен глас и била првата што го препознала талентот.

Василија има посетувано часови по фолклор, пијано и солфеж, што ѝ помогнало не само да ја развие техниката, туку и да го изгради својот уникатен стил и препознатлива боја на гласот. Освен што пее, таа со огромно задоволство игра народни ора – нешто што го прави секогаш кога ќе и се укаже шанса и слободен момент, во салата на „Ансамбл Студио Фолклор“.


Од фестивалските сцени до телевизиските екрани

Василија е победник на бројни фестивали за народна музика, меѓу кои се истакнува реномираниот „Пирин Фолк – Сандански“, каде со песната „Жетварка“, дело на Спасен Сиљаноски, освои дури пет награди. Подоцна, истата песна ја однесе и на музичкото шоу „Нови и млади“, каде што го освои второто место.

„Ништо од ова не би било исто без поддршката од Спасен Сиљаноски, Златко Миладиноски и ИНТВ. Тие ми дадоа шанса да се покажам и да бидам слушната,“ со благодарност додава Василија.


Глас за вистината, но не и за политиката

Во последно време, нејзиното име беше тема на разговор и поради нејзините ставови за преработките на македонски народни песни во Бугарија. Василија храбро проговори за нешто што, како што вели, „се знае, но се молчи“.

„Не сум против никого. Јас сум родена во Бугарија и ја почитувам како земја. Но вистината мора да си го најде местото. Моја единствена цел е да ја негувам македонската традиција – тоа е мојата мисија,“ вели таа, јасно дистанцирајќи се од каква било политичка позадина.




Авторски песни и дуети што допираат до срцето

На својот YouTube канал, Василија има две авторски песни:

  • Прости му срце“ – песна под подарок од Спасен Сиљаноски, со аранжман на Златко Миладиноски

  • Ти ми требаш“ – помодерна песна со музика и аранжман на Славко Ристески, во која гостува виолинистката Сања Здјелар, а видеото го изработи ИНТВ.

Иако останува верна на традицијата, не се плаши да експериментира и да се доближи до поширока публика.


Нови песни, дует со Благоја Грујовски и... турнеја во Австралија!

Во моментов работи на неколку нови песни со Златко Миладиноски, а веќе на 25 мај ќе настапи на Фолк Фест Валандово со својата прва дуетска песна „Што си ветивме“ заедно со легендата Благоја Грујовски.

„Тоа е голема чест за мене. Верувам дека нашата песна ќе допре до срцата на публиката,“ додава Василија.

Но, тука не запира – на 14 јуни ќе настапи на „Македонски ден“ во Швајцарија, а потоа следат концерти во Италија, Германија и уште неколку држави. Кулминацијата ќе биде на есен, со голема турнеја во Австралија, заедно со Благојче Стојановски – Туше, Сања Здјелар и други уметници, како дел од музичкото шоу „Имат – Немат“.

На оваа фотографија Василија заедно со пејачот Дамјан Стојаноски снима спот за песната „Благуно дејче“ која ја испеаа заедно.

Балансот меѓу сцената и секојдневието

И покрај густата агенда, Василија се труди да најде време за своите родители и за себе. Пливањето ѝ е форма на ресетирање, а духовната сила ја наоѓа во верата.

„Верувам дека со Господ на моја страна, со чисто срце и мисли, патот ќе ми биде осветлен.“


ИРЕНА СТАВРОВА