„Ние сме и среде победи и прослави, но и протести, војни каде сме напаѓани и убивани“: Разговор со Филјана Кока

Ако зборуваме за новинарство во Македонија, тогаш нејзиниот лик стои на фронталните слоеви на професионалци кои ја испишуваа историјата на новинарската професија во Македонија.
Веќе 40 години е новинар и не може да изброи колку пати, настани за кои известувала длабоко ја погодиле како човек, но вели, има и такви кои ја израдувале, особено кога информирала за некој спортски успех или успех на индивидуалец од нашата средина.
На новинарството гледа реално поради својот долгогодишно искуство ги знае сите недостатоци на статусот на новинарите во Македонија и сите појави кои директно или индирктно го загрозуваат интегритетот, угледот или поредокот на новинарската професија.
Но токму на истото тоа новинарство понекогаш гледа и низ призмата на идеализмот, верува дека целата на секој новинар мора да биде корекција на општествените девијации, вистината и слободата на говор.
За неа новинарството е многу повеќе, од еден обичен ангажман, тој е начин на живот, професија која е многу убава, во исто време кога е и многу опасна. Како новинар учествувала во сите значајни историски настани за Македонија, но како што на страниците на историјата се бележале овие значајни датуми, така оставале последица и врз неа.
Голем број новинари умираат млади, данокот на професијата е голем, но едно препознавање на обичен ден во маркет од страна на публиката е вистинско признание за секој професионалец кој е на браникот на јавниот интерес. Новинарството е пожртвувана професија, но таа жртва не смее да биде на сметка на мала група, елита или субјекти на моќ, тоа е професија со која секојдневно се поставуваат темелите и столбовите на општеството од иднината какво што сакаме да го видиме.
Филјана Кока за сите прашања кои ги интересираат читателите на „Женски магазин“
1. Како започна вашата новинарска кариера? Дали влеговте во новинарството случајно или уште од детството знаевте дека ова ќе биде вашата животна професија?
- Не сум од тие кои залутале во професијата од различни причини, но не сум и од оние кои уште како мали сакале да се новинари, ама знам дека од мала возраст бев гласна ако сметав дека нешто не е во ред во одредена ситуација. Секогаш бев подготвена да се изборам за нешто што не е праведно и сакав тоа да го знаат што повеќе луѓе за да се корегираат оие кои ги поставиле тие несоодветни правила, а кои малкумина, за жал, ги почитуваат а за други, пак, како да не важат. Бев активна во различни секции и постојано оправав некои работи.
Таа хуманост во мене се подготвуваше за медицина, не знам зошто но, сметав дека така ќе дадам се од себе за да им помогнам на луѓето. Но, иако со одличен успех не успеав да се запишам во медицинско училиште и се запишав во Гимназијата Јосип Броз Тито. Гимназијата беше повеќе од средно училиште да кажам, вистински факултет со многу авангардни професори кои не само што ни предаваа, туку и ни всадија дух за постојано усовршување и продлабочување на знаењеата, нѐ научија на активност на општетствен план со следеење на сите текови и многу влијаеа за кревање на нашата свест за вклучување во процесите поради јавниот интерес.
По завршување гимназија интердисциплинарните студии беа најблиското нешто за мојот светоглед каде се пронаоѓав... си реков ќе бидам новинар. Сведочев на распадот на поранешната заедничка држава СФРЈ, создавањето на независната држава и некако индиректно бев вклучена во сите тие процеси со многу елан и жар како и сите колеги од тоа време, но транзицијата се одолговлече, процесите тргнаа во некој друг правец.
Од една страна известувавме за плурализмот за создвањето на суверената наша држава, но од друга страна тоа беа тешки времиња со блокади, со негирања, меѓуетнички конфликти, војни и страдања кај поранешните екс републики. Да се биде новинар беше многу тешка и одговорна професија па стана и многу опасна. Еве ме и после 40 години во неа. Светот буквално гори во војни во кои гинат многу цивили пред сѐ деца и каде иднината е се понеизвесна, новинарите се честа цел и жртви што многу загрижува. Но тоа е мојата професија...
2. Се сеќавате ли на момент кога сте пренеле вест која и за вас лично била радосна и ве усреќила? А кој бил еден од најтешките моменти пред камера, кога сте морале да соопштите вест што лично ве трогнала?
- Низ сите овие години не би можела да издвојам еден единствен момент ниту на радост ниту на тага, затоа што биле секако многу повеќе. Секогаш ме радувало кога ќе информирав за успесите на одредени наши сограѓани, спортски победи, напредокот на државата, можам да ги одделам на пример, кога станавме независна држава 1991, кога заврши конфликтот во 2001 со Рамковниот договор, кога влеговме во НАТО, но и кога се завршуваа некои навидум мали нешта но, многу значајни за луѓето или одредени ранливи групи како прописи или закони, на пр. законот за бездржавјанство, за оние кои немаат во 21 век приод поради попреченост и ќе им се реши проблемот.
За многу настани кои предизвикувале чувство дека се исправа некоја неправда, кога сум можела да спречам говор на омраза, кога сум можела да ја унапредам новинарската професија преку воспоставување на тела и механизми и законски измени како што беше декриминализацијата на клеветата и навредата и основањето на Советот за етика за да се унапреди новнарската професија и да се исклучат влијанијата и цензурата во медиумите.
Веста за атентатот на претседателот Киро Глигоров, веста за падот на владиниот авион пред Мостар и загинувањето на претседателот Борис Трајковски, веста за смртта на Тоше Проески, Мигранската криза, веста за несреќите кај Ласкарце, онаа во Бугарија, модуларната болница и во кочанската дискотека „Пулс“ се меѓу најтажните настани за кои сум морала да известувам во мирнодобски услови.
Тешко секако ми било и за време на нередите на Бит Пазар во '92, за тетовскиот Универзитет, за знамето во Гостивар, за конфликтот од 2001 , нередите на Скопско Кале, петкратното убиство на Смилковско, Диво Насеље и многу други убиства несреќи и тн. Така што во сите овие секој од настаните носи своја порака, своја смисла за тажно или среќно.
3. Каде ја гледате границата помеѓу личното и професионалното во новинарството? Дали новинарот смее да дава лични проценки и коментари, и до која мера тоа е прифатливо?
-Новинарот е пред сѐ човек. Тоа не смее да се заборави. Ако некој не смета така тогаш има проблем. Но, при вршењето на оваа многу одговорна професија новинарот мора да ги има во својата глава кодексот, професионалните стандарди и етичките норми како своевиден устав затоа што веста мора да е ослободена од личните емоции, пристраснота и необјективноста.
Доколку не се водите од него, вие лесно може да се претворите во мегафон на одредени ваши лични интереси, и уште повеќе на одредени политички или бизнис интереси и тоа веќе нема ништо заедничко со професионално новинарство, што за жал го гледаме се повеќе и тоа со децении наназад.
Поради ова многу аналитичари и угледни релевантни домашни и надворешни организации не делат на професионалци и платеници во новинарството.
Според мене навистина е лошо да се најде некој во втората група. Жанрот коментар постои во новинарството и секако дека новинарот може да коментира во рамки на ваков жанр, но и тогаш е битно да се води од принципите, стандардите и нормите и пред сѐ најважно од членот 10 од Европската конвенција за човекови права (трипартитниот тест) за да го најдете одговорот дали во одреден случај јавниот интерес ќе биде поголем од правото на приватност на одредена личност за да се отвори јавна дебата по одредено прашање за кое еве новинарот решил да коментира.
4. Новинарството кога вие почнувавте и денес – што се променило? Дали професионализмот слабее и дали мислите дека вештачката интелигенција, компјутерите и роботиката би можеле да ги заменат новинарите?
- Од моите почетоци до сега се случија многу промени што од техничко-технолошки аспект, што од начинот на пласирање на информациите. Тогаш во земјава имаше само еден електронски медиум МРТ и неколку пишани како „Нова Македонија“, „Вечер“, „Фљака е Влазримит“ на албански јазик, „Бирлик“ на турски и нивните дописништва и уште некои печатени медиуми.
Потоа со плурализмот се отворија нови електронски медиуми, пишани како оние од МПМ и други, но последниве години новинарството се соочи со силниот наплив на нови медиуми и социјални мрежи каде секој човек на некој начин станува новинар зад својот телефонски или друг уред, лиферувајќи информации кои многу тешко може да се распознаат дали се лажни вести или дезинформации. И како што е правилото дека лажната вест патува шестпати побрзо од обичната секогаш лажната вест доаѓа прва.
Дезинформациите се исто толку застапени, но ако се има предвид дека лажна вест значи дека се работи за вест која е лажна тогаш треба да се разликуваат овие два вида кои на различен начин го отежнуваат информирањето и вистината. Доколку се применат етичките норми при примањето на информацијата може да се избориме да ги препознаваме подобро. Но сметам дека постојаното едуцирање на новинарите за сѐ што носат и дезинформациите и лажните вести ќе придонесат тие да се издигнат над предизвиците што ги носат со себе. Што се однесува до вештачката интелигенција и замената на новинарите од компјутери и сл.
Ќе кажам ако дојде до тоа нема само новинарите да бидат заменувани сите професии ќе бидат, што јас лично не верувам бидејќи тоа може да предизвика вистински хаос во светот, поради брзината со која ќе патуваат информациите, а со тоа и лажните вести. Човекот верувам ќе знае до каде ќе ја користи алатката која сам ја измислил, или евентуално пред сѐ ќе воспостави механизми за да има граници до кои може да дејствува. Така што и да дојде до замена можеби би било само од чисто хумани причини да се замени новинарот кој е болен во моментот не може да го користи својот глас поради засипнатост, но никако да се замени целосно.
Вториот дел од интервјуто прочитајте го на