„Ние сме и среде победи и прослави, но и протести, војни каде сме напаѓани и убивани“: Разговор со Филјана Кока

Добивај вести на Viber

 

5. Според вас, дали новинарството е темелна општествена професија и дали новинарите треба да имаат бенефициран работен стаж, како и некои други професии?

-Новинарството е многу важна и една од најодговорните општествени професии. Тоа е најодговорно за  корекција на властите и девијациите во општеството. Нели не бадијала се вели онаа познатата „Куче чувар“ што кажува сѐ за оваа професија. Доста е опасна исто така. Ние сме и среде победи и прослави, но и протести, војни каде сме најизложени, напаѓани, убивани. Стресна и тешка професија која може лесно да ве стави зад решетки ако не му се допаѓате на моменталниот властодржец, како колегата Кежаровски, на пример и др. 

Еднаш одамна еден колега ми рече: „Дали приметуваш што и јас дека новинарите живеат многу кратко, многу наши колеги не дочекуваат пензија?“ Навистина е така, оние кои работат во мирнодобски услови се заболуваат поради постојан стрес, од тежината на професијата... Па многу одамна јас на многу собири, семинари и конференции сум алармирала дека треба да се избориме за бенефициран стаж. 

За жал има колеги кои сметаат дека професијата новинар е професија додека си жив и дека не треба еден новинар да се пензионира со бенефициран стаж. Се обидував да го ставам на дневен ред ова прашање и додека бев член на УО на ЗНМ и како потпретседател, но некако немаше толкав интерес или можеби слух за тоа од другите. Доколку се прашувам јас, мојот одовор е да, треба да сме опфатени со бенефициран стаж.  

6. Дали на новинарите им е потребна поголема заштита и во кој домен тоа треба да биде приоритет? Безбедност, слобода на говор или синдикално здружување?

-И тоа веднаш, поголема заштита и како безбедност и како синдикално организирање и воопшто како психолошка заштита. Мојот став многупати сум го изнела јавно преку медиуми, преку дебати , панели и др. дека особено е важно новинарите да не добиваат недостојни плати и редуцирани работнички права како што тоа го прават многу сопственици на медиуми. Доколку анализирате различни истражувања ќе видите дека новинарската професија е најслабо платена. 

Во повеќето медиуми не се платени за празници, за ноќна работа за прекувремена работа. Немаат денови на одмор согласно закон, туку како што сака сопственикот. Тоа е чиста експлоатација и моите очкеувања се дека синдикално ќе се засилат и ќе си ги бараат своите права. Морам да кажам дека ова не е случај во МРТ и тоа е добро за јавниот сервис. Можеби треба овој стандард поставен во јавниот сервис да го воспостават и другите медиуми во кои, барем според сондажите, само уредниците имаат посоодветни плати и при надлежности. 

Затоа немам дилема за поголема заштита од сите аспекти. Што се однесува до слободата на говорот тоа е загарантирано со нашиот Устав, со меѓународни конвенции на кои државата е потписник и тоа е неприкосновено право се додека не поминува во говор на омраза, во невистини и други форми на неетичко и непрофесионално новинарство. Секој новинар чиј нерв е новинарски треба да се залага за ова неприкосновено право никој да не го цензурира и спречува.

7. Дали сметате дека публиката денес е покритична и подобро информирана или, напротив, е повеќе изложена на дезинформации и сензационализам?

Доколку се земе аспектот на брзината со која новите медиуми и социјалните мрежи лиферуваат информации и достапноста на интернет од страна на публиката тогаш е несомнено дека е побрзо информирана, но тоа никако не значи дека е и подобро информирана. Публиката е поизложена на мноштво информации за кои треба да се потврдува веродостојноста преку различни механизми бидејќи овие медиуми не се водат од кодексот и најчесто не подлежат на саморегулација, па се и меѓу оние кои шират дезинформација. 

Публиката апсорбира добар дел од тие дезинформации и ги пренесува. А во тие содржини сензационализмот царува. Имате наслов што одекнува како бомба и откако ќе отворите сосема некоја друга содржина која не е ни информација. И така публиката останува меѓу нивната потреба за кликови и вистината за која сакаат да знаат. Тоа е реалноста на новото време и новинарите мора да најдат решение и за овие состојби. 

Не дека нема обиди еве кај нас има регистер на портали кои подлежат на саморегулација и тие мора да се водат од етичкиот кодекс и публиката знае дека тоа што го чита кај нив е во границите на веродостојно.

8. Кој е вашиот совет до младите новинари кои штотуку започнуваат и сакаат да изградат кредибилна и долгорочна кариера?

-Прво многу е важно дали тие во себе го имаат тој новинарски нерв, дали се во професијата за да бидат коректори на девијациите во општеството и да отвораат јавни дебати за одредени проблеми во општеството. Доколку е тоа така тогаш се што треба да прават да се водат од етичкиот кодекс и меѓународните документи во однос на правото на изевстување и примање информации и правото на приватност каде најмногу се греши. Секогаш да имаат став од најмалку две страни како основно новинарско правило, а кое знаат сите да кажат: „еее па тоа се разбира“, но ако ги анализирате преставките во жалбената комисија на СЕММ ќе видите колкава бројка на преставки се однесуваат на  непочитување на правилото за втора страна во случајот. 

Треба многу да водат сметка за својот интегритет, да не прифаќаат „порачани“ прилози за да им се додворуваат на политичари, партии или бизнис елити, затоа што кога еднаш ќе го прифатат тоа, немаат интегритет, немаат професионализам, ја губат смислата на новинарството и секој следен ќе го побара тоа од нив. Знам дека е тешко да се прави тоа во медиуми каде сопствениците се со свои интереси кон одредени групи, но сметам дека како и да биде ќе биде повеќе ценет за својот став. 

На крајот на краиштата подобро е да помине во друг медиум отколку да го продаде ефтино својот интегритет. Дотолку повеќе што има и синдикални организации каде може да се обрати како и до ЗНМ за одредени притисоци. Само така ќе може да го гради кредибилитетот и професионално да расте. Мојот повик до колегите особено помладите е да не се откажуваат од мисијата да работат за јавно добро колку и да е тежок тој пат.

9. Кога ќе се свртите наназад, на што сте најмногу горда од досегашното професионално искуство?

-Горда сум за секоја моја сторија ако можела да отвори некоја јавна дебата, да придвижи некои процеси, да помогне на обичниот човек. А ги имало. Сите овие години имам видено многу беспомошни луѓе, детски очи со тага и младешка немоќ пред системските бариери секакви судбини, пожари, поплави, несреќи, страдања и мојата задача беше да ги направам видливи да ги поттикнам властите, и невладините да ја сензибилизирам јавноста дека нивните маки и проблеми се наши како нација, како држава и дека решенија мора да се бараат и да се донесуваат за да им се направи животот човечки и достоинствен. 

Секогаш си велев доколку и барем малку успеав, тогаш тоа е знак дека треба да одам понатаму. И не се откажував, некогаш заради вистината имав и реперкусии и бев казнувана, но и наградувана. Ако можам да издвојам особено сум горда на успехот со другите новинари од ЗНМ што придвиживме многу процеси во нашата земја. Од донесувањето на кодексот, декриминализацијата на клевета и навреда основањето на СЕММ, како и  нападот врз новинар да се третира како напад на службено лице... 

Горда сум што обучив генерации новинари и што до ден денешен ги обучувам и едуцирам за вредностите на професијата пред сѐ за етиката. Најмногу сум горда  што освен колегите и јавноста ме препознава по мојата професионалност и конзистентност. Ме среќаваат по институциите, на улица во пордавница каде и да е и ме поздравуваат, е тоа е што ме прави најгорда. Не заради тоа што еве позната сум, никако, туку публиката ги препознава моите напори за нивниот интерес, за  јавниот и ја вреднуваат мојата работа што значи сум била и сум на вистинскиот пат.

Разговорот го водеше: Магдалена Стојмановиќ - Константинов 


Претходна страна