„Никогаш не сум се плашела да бидам различна“: Гласно говори, трпи притисоци, но никогаш не се кае за своите избори - Од најприземна до најидеалистичка верзија на Дарија Андовска

Добивај вести на Viber

Не брои колку кафиња пие. Дури и да има 5 минути слободно време, ги троши на себе. Љубител е на животни, а домот ѝ е населен со три миленичиња. Од своите родители ги добила основите на сопствената животна филозофија, затоа како што и самата вели „учи и од просјак и од генијалец“. Со студентите гради однос каков што самите одредуваат, потенцира дека секој социјален однос е „двонасочна улица“. Помеѓу одговорноста и слободата избира „златен пресек“. 

Гласна, но истовремено нежна. Трпи притисоци за тоа што го говори, како што и самата вели од најблиските, па се до невидливи и повисоки инстанци. Но, никогаш не се кае за своите искажани зборови и животни избори. Свесна е дека е различна, тоа не ја плаши, но ја чини „осаменост“. 

Сепак на крајот од денот, жена со свое секојдневие. Призната и позната композиторка, пијанистка и професорка на Факултетот за музичка уметност, каде што во моментот ја обавува деканската улога. 

Во сѐ што прави пронаоѓа уметност. Дури и во модниот приказ. Затоа нејзините јавни појавувања, често ги полнат модните магазини, а новинарите наоѓаат инспирација во нејзините зборови. 

Јавноста ја перципира како храбра и остра. Но кога побаравме одговори што ја интересираат јавноста наидовме на топла и отворена личност, подготвена да зборува на секоја тема. Од најприземната до најидеалистичката верзија, од најреалната до најутописката перцепција за „Женски магазин“ говори Дарија Андовска. 

Извор: Фејсбук

1. Кој ти е омилен период од денот или омилена активност од твоето секојдневие?

-Вообичаено ги сакам изгрејсонцата и зајдисонцата, ако успеам да ги фатам, а омилен дел од денот ми е секогаш периодот кога имам време за себе, па макар и да се само 5 минути.

2. Како го започнуваш денот? Дали кај тебе утрото е мирно или веднаш започнуваат работните обврски и кафето го пиеш ладно?

-Утрото е весело, почнува со лудориите и љубувањата од две госпојци мачки (Милица и Верче) и едно куче (Страшо). Во првите час-два не сакам да зборувам со никој, претпочитам тишина и не се втурнувам веднаш во работни обврски, освен ако нема нешто итно. Кафе пијам во текот на целиот ден, воопшто не ни бројам колку кафиња сум испила, така што не ни може да ми се олади кафето, освен ако не сум го порачала ладно.

3. Јавноста те препознава како жена со автентичен моден приказ и естетика. Колку време одвојуваш за себе во текот на денот?

-Претпоставувам дека прашањето се однесува на нега, па затоа и ќе кажам дека негата никако не смее да биде само однадвор, туку мора да биде и однатре. Подеднакво ми се важни двата аспекти, па инсистирам да одвојувам време за личниот раст, ментална, емоционална и духовна хигиена, како што тоа го правам за одржување на физикусот. Единствено добриот баланс на двата аспекти може да даде добар резултат, оти не функционира форма без содржина, а и влијанието е заемно.

4. Колку професорската дејност и работата со млади луѓе те профилираше низ животот? Што ти е најважна карактеристика кај младите луѓе и кој стандард сакаш да го постигнеш како професор кај своите студенти во смисла на градење на нивна личност?

-Професорската дејност е многу благородна, но не секогаш благодарна работа. Работата со млади луѓе е многу деликатна, особено во периодот од животот кога се профилираат и дефинираат професионално. Тука навистина мора да се внимава со секој поединечно, зашто секој си има свое „копче“ поради кое ќе профункционира. Затоа е потребна сериозно развиена емоционална интелигенција, како и социјална интелигенција, мора да се биде и мајка и татко и психолог и лекар и другар во исто време. Работата со млади луѓе само го потенцираше она што отсекогаш сум го носела со себе - to walk my talk, односно да внимавам каков пример давам, да го потврдувам сè она за што зборувам и инсистирам дека е возможно.

Најважна карактеристика која сакам секој од нив да ја развие е да се биде автентичен, искрен и свој, а дополнително да си ја ценат и чуваат слободата, да бидат одговорни и достоинствени, свесни и совесни.

5. Гласно говориш и за општествено-релевантни теми во јавноста и секогаш слободно ги искажуваш своите ставови? Си се соочила ли со притисоци од средината? Си се покајала ли некогаш за нешто што си го кажала?

-Тоа ми е најверојатно најјаката страна и најслабата точка - секогаш сум отворена и искрена, колку и да изгледа тоа брутално во моментот. Сметам дека никој од нас нема време да биде залажуван и дека е најдобро да се биде на чисто, па нека е моментално и болно. Освен тоа, секој високообразован човек, кој сака да се смета себе за интелектуалец, мора да биде активно ангажиран во општествените случувања со свој став, акција или интерпретација. Притисоци секогаш има - некогаш се од најблиските, некогаш се од колегите, некогаш се од повисоко. Претпоставувам дека проблемот е во генералниот ментален склоп, кој не дозволува прифаќање на критика, колку и да е најдобронамерна, а често и не дозволува мислење кое е различно од општото. Но јас никогаш не сум се плашела да бидам различна (иако тоа понекогаш значи и осамена), зашто, како што кажав претходно - I walk my talk - најважно е да се биде автентичен, искрен и свој, а со тоа и слободен, одговорен и достоинствен, свесен и совесен.

Не, никогаш не сум се покајала за нешто што сум кажала, а ако постои проблем, тогаш е тоа најчесто во туѓото (не)разбирање, иако сметам дека секогаш внимателно ги бирам зборовите и прецизно се изразувам.

Извор: Фејсбук

6. Кој ги поставува стандардите во твојот живот? Дали имаш личност од која си учела, ментор, идол, пример што сакаш да го следиш? Или си тип што се спротиставува на авторитети?

-Стандардите во мојот живот ги поставија моите родители, а оттаму јас си ги изградив (и континурано ги градам) навигациските системи. Од мајка ми и татко ми научив да учам од сите - од просјак до генијалец, да најдам начин да комуницирам со сите - од животинче до академик, да се борам за доброто на сите, па макар и на своја штета, да бидам внимателна, да работам на себе секојдневно, да се трудам да бидам најдобрата верзија на себе. Тоа не е идол, ама да речеме дека е некаков идеал.

Навистина сум лојален човек, но не сум некој кој се повинува на авторитет. Авторитетот мора да се заслужи, а потоа се почитува, но никако не се наметнува. Се спротивставувам на она што го сметам за неисправно, нефер, насилно наметнато, неправично.

7. Со кое знаење студентите треба да излезат од академијата каде што работиш? Одговорност или слобода?

-Односот студент - професор е двосмерна улица. Ништо на сила не може да се даде. Со колку и какво знаење излегуваат студентите од ФМУ зависи од нив, колку што зависи од професорите. Одговорност или слобода?! Едното не го исклучува другото, напротив - слободата подразибра одговорност, за да не би се престорила во анархија. Одговорност или слобода? ДА. Двете.

8. Што е пресудно за успех во твојата професија, талент или работа? Што тебе низ животот повеќе те служеше?

-За сите уметнички професии, талент без работа не значи ништо, како и работа без талент. Секоја професија бара многу работа и дисциплина, доколку сакате да сте на врвот или да го постигнете својот максимум.

Јас имав и имам среќа да среќавам луѓе кои препознаваат вредност во моите композиции, квалитет во мене, па понатаму работите некако сами си го фаќаат текот. Мојот пласман во светот не е нешто за кое јас сум се борела, туку тоа го заслужиле моите дела. Се разбира, најмалку пласман и простор имам во Македонија, оти тука важат поинакви правила.

9. Што е првата работа која би сакала да ја промениш во општеството, доколку имаш шанса?

-Да ја подигнам свеста за одговорноста кон себе, кон околината и опкружувањето. Почнувајќи од освестувањето за тоа дека имаме кратко време на планетата, кое треба да го искористиме паметно и содржајно, па понатаму грижа за природата (ве молам не фрлајте отпад на улица, на тревни површини и во природа, не кршете дрвца, не палете шуми!) и животните (уличните, домашните, дивите и питомите), развој на сообраќајна култура (на пешачки се поминува, на пешачки се застанува), култура на комуникација (слушајте и читајте внимателно), одговорност кон предците, сегашноста и иднината, итн.

Да не набројувам понатаму - одговорност, свест и совест.

Магдалена Стојмановиќ - Константинов