Од српски идол до грчки жител: Ѓоковиќ со семејството се сели во Атина?!
Новак Ѓоковиќ ги запиша своите деца во грчко приватно училиште, додека неговото семејство се движи кон нов живот во Грција, по извештаите дека е цел на српската влада поради поддршка на студентските протести, пишува Дејли Меил.

24-кратниот шампион на Гренд слем, долго време сметан за национален херој, се соочи со жестоки критики во последните месеци од медиумите лојални на претседателот Александар Вучиќ откако покажа солидарност со демонстрантите.
Овие протести избувнаа минатиот декември по уривањето на настрешницата на железничката станица во Нови Сад, во кој загинаа 16 лица, а студентите ја обвинуваат наводната корупција и бараат политички промени.
Ѓоковиќ ја објави својата поддршка на социјалните мрежи, пишувајќи: „Како некој што длабоко верува во моќта на младите и нивната желба за подобра иднина, верувам дека е важно нивниот глас да биде слушнат. Србија има огромен потенцијал, а нејзината образована младина е нејзината најголема сила. Она што на сите ни треба е разбирање и почит. Новак е со вас.“

Фото: EPA IMAGE
Подоцна тој посвети победа на Отвореното првенство на Австралија на студент повреден за време на демонстрациите, присуствуваше на кошаркарски натпревар во Белград носејќи џемпер на кој пишуваше „студентите се шампиони“ и сподели слики од масовните собири со натпис „Историја, неверојатно“. Српските таблоиди одговорија нарекувајќи го „лажен патриот“ и обвинувајќи го дека поддржува таканаречена „шарена револуција“.
Грчките медиуми пак пишуваат дека не само што ги запишал децата на училиште во Атина, туку и дека тој веќе има купено имот во овој град.
„Според извештајот на Tennis24, Ѓоковиќ ги запишал својот 11-годишен син, Стефан, и 8-годишната ќерка, Тара, во колеџот „Сент Лоренс“, британско независно училиште во Атина. Семејството, исто така, обезбедило постојан дом во јужните предградија на градот, а Ѓоковиќ неодамна бил виден како игра тенис со својот син во локален клуб“, пишува Greekreporter.
Информацијата дека Ѓоковиќ се сели во Атина, ја пренесесе и Nikara.gr, инстаграм профил кој постојано информира за новости во Грција.
„Новак ја избра Грција за свој нов дом! Според грчките медиуми, Новак Ѓоковиќ се преселил во Атина, каде што ќе живее со своето семејство во наредниот период. Тој купил куќа во јужниот дел на Атина, во населбата Глифада, и добил „златна виза“ од властите за да престојува и работи во Грција“, стои во објавата.
Фото: EPA IMAGE
Извор: Dailymail/Greekreporter