„Парите се отепувачка“: Имотно-правните односи се најчеста причина за нарушени семејни односи

Добивај вести на Viber

„Парите се отепувачка“ е наслов на една од најпознатите битово-социјални драми во Македонија, напишана од великанот на драмското перо - Ристо Крле. 

Иако таа е рефлексија на едно дамнешно време, фактите и социјалната констелација во Македонија покажува дека сѐ уште парите се доминантен фактор за нарушени семејни односи. 

Неразрешените имотно-правни односи во семејството, кои се поврзуваат со наследното право или со стекнат имот и правото на сопственост најчесто граѓаните ги решаваат пред суд. 

Судските постапки се секогаш тешки и обременувачки, а се чини и дека не можат да ја достигнат правдата, бидејќи секогаш една страна останува незадоволна што е причина за пролонгирање на агонијата и нарушените семејни односи. 

-Имотно-правните односи претставуваат исклучително сложена и чувствителна област, особено кога се поврзани со семејни прашања. За жал, кај нас сè уште постојат застарени стереотипи и перцепции кои не се во согласност со законските одредби, што често води до тензии и недоразбирања, особено во моменти кога ќе се јави потреба за формално-правно уредување на имотот, вели Софија Волчевска - адвокатска приправничка, за „Женски магазин“.

Низ нејзиното работно искуство се потврдило дека имотно-правните односи доколку завршат на суд, најчесто продуцираат атмосфера на конфликтност која води до ќорсокак и непоправливи семејни односи. 

Софија Волчевска, адвокатски приправник 

Причините за нерасчистени имотно-правни односи таа ги лоцира во предрасудите, стереотипите и застарените верувања кои не соодветствуваат со законската слика во нашето општество. Така некогаш странката смета дека нешто ѝ припаѓа природно, иако законот не го вели тоа, или пак, дури и да има право на наследство се откажува во корист на друг член од семејството, бидејќи уверувањата се дека некој друг заслужува повеќе.

-Недостатокот на свест и иницијатива за навремено регулирање на овие односи отвора простор за дополнителни конфликти и нарушување на семејната динамика. Праксата покажа дека многу случаи завршуваат во суд, тогаш односите меѓу странките веќе се сериозно нарушени. Советот секогаш е да се проба да се разрешат спорните прашања пред да се отиде на суд, со цел да се намалат тензиите и да се зачувува семејната кохезија, но за жал не е секогаш тоа е возможно. На крајот на судските постапки имаме правна разрешница, но во најголем случај непоправливи семејни односи, вели Волчевска. 

И по судска пресуда, се поведуваат нови спорови 

Генерално, Основниот граѓански суд во Скопје е познат како судот со најголем број случаи во земјата, но официјални податоци за имотно‑правните спорови не се јавно презентирани како посебна категорија. Имотно‑правните и други спорови често се вклучени во поширока група, како што се „обврски“ или „комерцијални спорови“.

Податоците од Годишниот извештај на Народниот правобранител (Омбудсман) за 2022 година укажуваат на тоа дека од вкупно 3.209 поднесени претставки, 208 претставки или 6,48 % се однесувале на имотно‑правни односи.

Тоа покажува дека иако имотно-правните спорови не се меѓу најчестите теми, сепак претставуваат значаен сегмент во активностите на Омбудсманот.


Решение во промена на свеста и застарените сфаќања преку општа едукација на населението

Едно од најсилните средства за надминување на застарените сфаќања и предрасуди во општеството е систематска и долгорочна едукација на населението. Таа едукација не подразбира само формално учење во училиштата, туку и:

  • Јавни кампањи и медиумска едукација – преку телевизија, радио, интернет и социјални мрежи да се пренесуваат позитивни пораки и информации кои ќе ги рушат старите стереотипи.

  • Неофицијални форми на учење – работилници, јавни трибини, културни настани и волонтерски активности кои ќе го поттикнат критичкото размислување.

  • Мултигенерациски пристап – промена на свеста не треба да се врзува само за младите; потребно е и возрасните генерации да бидат опфатени со програми за постојано образование.

  • Примери од праксата – покажување успешни приказни од луѓе и заедници кои ги надминале застарените сфаќања и постигнале развој.

На тој начин, преку постепена, но континуирана едукација, се гради нов менталитет кој ја поттикнува еднаквоста, модерното размислување и општествената кохезија.

Магдалена Стојмановиќ - Константинов