Катерина Крстевска има 33 дипломи, зборува 5 јазици, патувала во над 40 земји и не планира да запре со образованието

Кога образованието станува пасија, дипломите веќе не се бројат. Тие доаѓаат како спонтан резултат и потврда за трудот.
И покрај тоа што има 33 државно признаени уверенија и постојано се усовршува во својата дејност, Катерина Крстевска не планира да застане тука. Таа живее по принципот дека „Образованието е доживотен процес“ и доследно го спроведува оваа начело во својата пракса.
Иако на број 33 дипломи се многу, вели дека некои блиски луѓе шеговито ја прашуваат „Дали има доволно простор дома, само да ги собере“, но, процесот на образование за неа воопшто не бил макотрпен, напротив со многу љубов, истрајност и посветеност вложувала во своето образование.
На нашето прашање дали се исплати да се имаат 33 дипломи, Крстевска вели дека релативно е што поединецот подразбира под „исплатливост“. Таа е среќна бидејќи образованието ја направило своја, независна и несекојдневна.
Во оваа средина каде што луѓето наоѓаат различни креативни начини да се истакнат во индивидуалистичкото општество, класичната „карта за успехот“ - образованието, сепак треба да е нешто највредно.
-Прво дипломирав на Економскиот факултет во Скопје, но незадоволна од просечност, продолжив да се дообразувам и стекнав вкупно 33 државно признати уверенија, меѓу кои се издвојуваат: сертификат за ревизор, лиценца за судски вештак во областа на финансиското работење и лиценца за финансиско менаџирање. Исто така зборувам пет јазици: германски, кинески, грчки, руски и англиски, вели Крстевска за „Женски магазин“.
Покрај образованието, страст ѝ е и патувањето
Како страствен патник, Катерина има посетено над 40 земји на четири континенти – од Европа, преку Азија и Африка, до Централна Америка. Посетила бројни културни и историски знаменитости, меѓу кои и светски чуда како од модерниот така и од античкиот свет во кои се вбројуваат: Големиот Кинески Ѕид, Петра во Јордан, Колосеумот во Рим, Таџ Махал, Чичен Ица во Мексико, како и пирамидите во Египет, Зевсовата статуа во Олимпија, Храмот на Артемида во Ефес, Колосот од Родос Стоун Хенџ во Велика Британија и други.
Набрзо ја планира и својата посета на Јужна Америка, каде ќе ги заокружи посетите на сите седум светски чуда со Мачу Пикчу во Перу и Христос Спасителот во Бразил.
Духовноста како водилка
Освен како научник и патник, Катерина е длабоко посветена и на духовниот развој. Таа има посетено преку 400 светители и свети мошти на сите свети места во Русија, Украина, Белорусија, Грција, Израел, Романија, и други земји. Од Ерусалим, Витлеем, Капернаум, Галилеја до Валаам, Киевска Печерска Лавра Почаевската лавра, св.Сергиевата Лавра, Лаврата на св. Александар Невски, од манастирите во Егина, Кефалонија, Андрос, Тинос, Метери до Острошката светиња Св. Всилије Острошки нејзината вера е дел од нејзиниот личен и професионален идентитет.
М.С.К

















