Џеј Ло го отвори празничниот дом: Вака изгледа кога една светска дива готви за Денот на благодарноста
Кога светската дива Џенифер Лопез реши да отвори прозорец кон својот празничен дом, резултатот е микс од топлина, гламур и вистинска домашна магија. На својот Инстаграм, Лопез објави серија фотографии со опис „These are a few of my favorite things… Happy Thanksgiving everybody“, а ние добивме ретка можност да ја видиме токму во нејзиното најспонтано и најженствено издание.

Домашна кујна со холивудски сјај
Во првите фотографии, Џеј Ло е далеку од црвениот тепих – но сосема блиску до срцето на својот дом: кујната. Облечена во елегантна, ретро престилка со нежни везови и ракави инспирирани од викторијански стил, таа со насмевка проверува дали е се во ред со тоа што се крчка во рерна, додека покрај неа помага млад член од семејството, односно нејзината ќерка. Топлината е неверојатна – бакарните тенџериња, плетената корпа, дрвените даски – сè создава сцена како од филм, но со вистински мирис на традиција.
На другите фотографии, Џенифер стои пред богата божиќно уредена трпеза: совршено печени мисирки со цитрус и свежи јаболка, кремасти салати, златно компирче, богат „stuffing“ и украсни јадења кои изгледаат како создадени за готвачко шоу.

Празнична трпеза како од списание


Нејзиниот поглед е смирен, женствен, нежно горд – како домаќинка која со љубов подготвила празник за најблиските. Исто толку впечатлива е и нејзината природна убавина: меко собрана коса, минималистичка шмника и впечатливи очи кои зрачат празнична радост.
Новогодишна бајка во свилена тоалета
Особено магичен е моментот кога Лопез го украсува своето раскошно новогодишно дрво. Облечена во долга сатенска крем тоалета што ја следи линијата на телото, таа изгледа како вистинска модерна принцеза.

Златните светилки, розовите и бакарни орнаменти и топлата светлина ја трансформираат сцената во бајка каде гламурот и домашната интимност се совршено споени.
Џеј Ло: жената која покажува дека најубавиот гламур е оној дома

Со овие фотографии, Џенифер Лопез ни докажува дека гламурот не е резервиран само за сцената. Тој живее во малите ритуали, во семејната трпеза, во моментите кога се готви со љубов и кога домот се украсува со светкави украси и многу душа.
Ова е Џеј Ло која инспирира – допир на холивудска елеганција, но и пример дека вистинската убавина е во времето поминато со најблиските.
РЖМ/ИС - ФОТО: Инстаграм официјален профил Џенифер Лопез