Во вчерашниот пожар во Карпош4 изгоре музичко студио: Останаа тапаните како неми сведоци на стотици часови свирење и создавање песни

Добивај вести на Viber

Во големиот пожар кој  избувна вчера на пладне во бараките на Макотекс во Карпош 4 покрај кејот на Вардар во Скопје, изгореа повеќе бараки кои се користеа за најразлични бизниси, од лимарија до печатење и текстил. Но, оганот „голтна“ и едно музичко студио. 

Меѓу пеплосаните остатоци, останаа само тапаните — неми сведоци на стотици часови свирење, вежби, кавги и помирувања, создавање и градење на музика.

Сите музичари, пејачи, продуценти знаат дека музичкото  студио не е само место со добра акустика. 

Тоа е  засолниште за сите што не можат да го замислат животот без музика. -Често ги гледавме музичарите со своите инструменти кои поминуваа покрај нашата зграда, а потоа звуците на нивните песни стигнуваа до нашите домови. Не го познавам сопственикот- вели жителка од зградата веднаш до бараките кои изгореа.


Во тие простории се родија првите акорди на многу песни што подоцна ја најдоа својата публика. Во тие ѕидови беа вткаени амбиции, неуспеси, почетоци и повторни обиди. Секој музичар што некогаш стапнал таму, ја оставил својата трага — низ вибрациите во воздухот, низ некој заборавен кабел, низ смеењето на пауза меѓу две проби.

Тешка е патеката на музичарот. Често невидлива, без гаранција, без сигурност. Само љубов кон звукот и копнеж да се каже нешто што не може да се изговори, туку само да се отсвири. И кога конечно се најде простор што станува втор дом — каде можеш да бидеш свој, гласен, ранлив — и тој простор згаснува во пламен, чувството е како да изгубиш дел од себе.Се обидовме да стапиме со сопственикот, но тој не е во земјава. 

Останаа тапаните. И тие ќе зборуваат. За сите што минале таму. За сите што сè уште веруваат дека вреди.

Остана емоција во воздухот, која е посилна од секој пламен. 









С.А.Н