Почина менаџерот Марио Липша, сопругот на Сашка Петковска: Повеќе се грижеше за луѓето, отколку за себе

Вчера во Скопје, на 78 годишна возраст почина Марио Липша, познатиот моден и музички менаџер, пионер во организацијата на Мис на Македонија. Липша ѝ беше сопруг на трагично загинатата Сашка Петковска, еден од најдобрите женски гласови во нашата популарна музика. Марио и Сашка имаа две ќерки, Леа и Сандра.
Петковска загина на 31 август во 1983 година во сообраќајна несреќа заедно со уште тројца членови на нејзината балетска група „Авона", патувајќи на концерт во Свети Николе. Тогаш имаше само 32 години. Спомени за Липша, за Женски магазин сподели Тимчо Апостолов, познат новинар, долгогодишен уредник на ревијата „Екран“.
-Марио Липша беше добар човек кој повеќе се грижеше за луѓето со кои соработува отколку за себе. Секогаш имаше разбирања за нивните хирови како уметнички души, затоа што ги ценеше нивните уметнички вредности. Но, бидејќи беше преголем перфекционист, не извршувањето на договорените работи, па макар тие биле и безначајни ситници, страшно го нервираа.
Апостолов нагласува дека заради таквиот негов однос, оние што го ангажирале за некој концерт, приредба или модна ревија, биле сигурни дека настапот ќе биде реализиран на врвно ниво.
-Од таа страна нарачателите беа задоволни, но и актерите кој тој ги ангажираше затоа што секогаш се бореше за нивното учество да обеезбеди што поповолен хонорар. Затоа и тие сакаа да соработуваат со него, бидејќи знаеја дека нема да се посрамотат пред публуката и дека притоа и добро ќе заработат. Таков човек и менаџер ретко се раѓа!“, ни изјави Тимчо Апостолов за својот пријател.
Липшадолги години беше на чело на најпознатата естрадна институција во Македонија, здружението на естрадни уметници „Естрада".
М.Џаровска
Фото: Фејсбук/Славе Димитров