Пораснала во Дом за деца без родители и родителска грижа, а денеска е кариерен дипломат и достоинствен глас на државата

Во 90тите години, тогаш мало девојче без родители и родителска грижа - Силвана Ивановска, за вработените во институцијата и дечињата позната како Силве, ги започнала првите чекори кон успехот.
Во Детскиот дом „11ти Октомври“ каде што се згрижуваат дечиња без родители и родителска грижа, Силве научила да чита и пишува, се запознала со англискиот јазик, ги совладала основите на компјутерит, во дворот често играла спортски игри во кои се истакнувала како лидер, но на особена гордост на сите вработени во домот, освоила и прво место на меѓународен натрпевар по литературно читање во Бугарија со песничката „Убави зборови“.
Денес таа е кариерен дипломат, ја претставува Република Македонија со чест и достоинство ширум светот.
Основното образование го завршила во ОУ „Кочо Рацин“, каде се истакнала како најдобар ученик – по знаење, однесување и одговорност и била пример за сите деца во установата.
Силвана уште од дете ги знаела сите македонски песни напамет. Со искрена љубов кон татковината и кон книгата, започнала да го гради својот пат. Првенец на генерација, магистер по безбедност, и политиколог.
Првото работно искуство го стекнала во Министерството за труд и социјална политика, во секторот за правата на децата. Потоа се вработила во Министерството за надворешни работи, каде веќе 13 години ја гради својата успешна дипломатска кариера, на разни позиции од Кабинетот на министерот, секторот за односи со јавност, билатерални односи, економска и јавна дипломатија, до вршител на должност амбасадор на Република Македонија во Романија.
Силвана постојано инвестира во своето знаење и се усовршува на најпрестижни академии во светот: учествивала на лидерска програма на Стејт департментот на Америка во Вашингтон и Њујорк, Виенската дипломатска академија, Руската, Француската, Британската, Кинеската, Белгиската, Азербејџанската дипломатска школа и многу други.
Наскоро ќе стане дипломатски претставник на Република Македонија во Мелбурн, Австралија.
Силвана денес е достоинствен глас на државата, но никогаш не ја заборава својата почетната точка, а тоа е Детскиот дом за деца без родители и родителска грижа „11ти Октомври“.
Посебно сме горди што таа останува активен и гласен застапник за правата на децата без родители и без родителска грижа – се залага за нивната видливост, за еднакви шанси и можности за достоинствен живот, вели Рози Влаховиќ - директорката на Детскиот дом „11ти Октомври“.
Со сопствениот пример покажува дека тие не се само статистика, туку можат да бидат идни лекари, наставници, фудбалери, уметници, дипломати, претседатели.
Децата и младите без родители не се само статистичка бројка – тие имаат име и презиме, чувства, соништа и право на достоинствен живот, вели Силвана – и низ сè што прави, ја претвора оваа порака во реалност.
Биографијата на Силвана Ивановска е полна со предизвици, а на професионален план таа успешно се справува со сите искушенија. Никогаш не го заборабвила Детскиот дом и секогаш кога има и малку слободно време, го посетува домот и носи убави спомени од од таму, има голема почит кон негувателките и воспитувачките од домот, а тие велат дека таа е една од најуспешните кадри со кои се гордеат.
М.С.К