Совршена викенд дестинација: „Бел рај“ во Миравци –Природен базен, чист воздух и мир

Добивај вести на Viber

Доколку размислувате каде да заминете за викендот и сакате да избегате од градскиот метеж, бука и асфалт, а притоа да останете во рамки на Македонија – имаме идеја за вас. Скриен во срцето на природата, далеку од гужвите, се наоѓа „Бел Рај“ – место што сѐ повеќе го освојува вниманието на љубителите на авантури, чист воздух и мир.

Сместено над гевгелиското село Миравци, во југоисточниот дел на државата, „Бел Рај“ е излетничка локација што се наоѓа во кањонскиот дел на Стара Река. Природата тука нуди исклучителна слика – карпести предели низ кои минува реката, создавајќи мали природни базени идеални за разладување во жешките летни денови.

До локацијата се стигнува релативно лесно – преку асфалтен пат од селото Миравци во насока на селата Петрово и Габрово. Иако територијално припаѓа на атарот на Петрово, оваа природна оаза се наоѓа веднаш под мостот на реката што минува покрај патот.

Покрај освежувањето во природните базени, посетителите имаат можност да кампуваат, а местото е познато и по опуштените дружби и забави. За оние што сакаат удобност, на самите карпи е изграден мал локал каде што можете да се освежите со пијалак и да уживате во погледот.

Иако досега оваа локација беше главно позната на жителите на Гевгелија и околината, нејзината убавина и автентичност заслужуваат поширока препорака. Особено ова лето, кога многумина ќе изберат да патуваат во рамките на државата, „Бел Рај“ е идеална дестинација за еднодневен или викенд излет.

На крај, потсетување – природата ни нуди многу, но и ние треба да се однесуваме со почит. Доколку ја посетите оваа убавина, не заборавајте да го соберете отпадот и да ја оставите недопрена за следните посетители.

Фото: Википедија/ Инстаграм
РЖМ - Г.Д.Г