„Македонија ми е срце и корен, но артист кој има амбиции природно е да размислува и за надвор“: Разговор со Александар Јосифовски

Добивај вести на Viber

Сигурно го знаете од популарното шоу „Ѕвездите на Гранд“. Неговите настапи беа забележани и од жирито на оваа популарно регионално шоу, но бројни овации добиваше и од публиката.

Александар Јосифовски стана миленик не само на македонската публика, туку и пошироко, поради својот талент, посветеност на сцената, но и искреност. 

Во рамките на финалната вечер, откри дека се справувал со зависност од алкохол, што успеа да ја надмине благодарение на тоа што повторно воспостави контрола над својот живот. По натпреварувањето, остана активен на музичката сцена, а публиката може да го следи на негови бројни настапи, повеќе од нив низ регионот. 

Неговото пријателство во Ѓорѓе Давид кој беше и негов ментор, остана провокација за медиумите и новинарите, бидејќи претставува одраз на вистинско менторство, пријателска рака пружена во тешки моменти. Ден денеска тие настапуваат заедно, а се чини дека вистинските насоки и совети Јосифовски ги добива токму од својот поранешен ментор и негов пријател Ѓорѓе Давид. 

За „Женски магазин“ откри повеќе за тоа како „Ѕвездите на Гранд“ го промениле неговиот живот, но и што се случува во продукцијата сега по смртта на Саша Поповиќ. 

1. Колку натпреварувањето во популарното шоу „Ѕвездите на Гранд“ го променија твојот живот? Дали може да се каже дека се доведе во ред по натпреварувањето?

-Апсолутно! „Ѕвездите на Гранд“ беше пресвртница за мене – не само што добив шанса да ме запознае поширока публика, туку и добив самодоверба, нови контакти и поддршка од луѓе кои веруваат во мојот талент. По натпреварувањето, мојот живот навистина доби нов тек – повеќе настапи, нови можности, и многу посериозен пристап кон музиката.

2. Како еден од најзабележаните кандидати од Македонија дали сметаш дека твоите капацитети и музички потенцијали можеш да ги оствариш во својата средина или сепак размислуваш за малку поширок пазар?

-Македонија ми е срце и корен, но реално, за еден артист кој има амбиции и работи напорно, природно е да размислува и пошироко. Сакам мојата музика да стигне до што повеќе луѓе, без граници – и верувам дека пазарот во регионот, па и пошироко, има место за искрена, квалитетна музика.

3. Како твојата поубава половина се носи со твојата слава и медиумското внимание? Дали ти е поддршка или понекогаш ѝ пречи експонирањето на приватноста?

-Имам огромна среќа што покрај себе имам некој што ме разбира и ме поддржува безусловно. Не е секогаш лесно, особено кога приватноста станува јавна тема, но таа знае колку ми значи ова и стои цврсто до мене. Клучот е во довербата и меѓусебното разбирање.

4. Дали „Гранд“ е ист без Саша Поповиќ според тебе и дали и ден денеска си добро пречекан во твојата „матична продукциска куќа“?

-Саша Поповиќ е несомнено легенда и има оставено голем печат во шоуто. Сепак, „Гранд“ продолжи да расте и да се развива – и покрај промените, енергијата, квалитетот и поддршката за младите таленти сè уште постојат. Да, и денеска имам одличен однос со продукцијата, и сум благодарен на секоја прилика што ја добивам од нив.

5. Зошто мораше да се појавиш на „Ѕвездите на Гранд“ за да дознаеме за твојот вонсериски талент и за тоа дека имаме бисер во Македонија? Дали се обиде и во Македонија да направиш некој успех?

-Искрено, се обидував и дома – настапував, снимав, се боров. Но, понекогаш едноставно треба поголема платформа за да се слушне твојот глас. „Гранд“ ми ја даде таа сцена и ги отвори вратите. Но, секогаш ќе имам посебно место за Македонија – тука почна сè.

6. Во кој правец се движи твојата музичка кариера засега? Дали планираш да ја израдуваш твојата публика со некоја нова песна?

-Моментално сум во студио и работам на неколку нови песни. Меѓу кои непдамна излезе песната „Стара Мајка" на српски јазик, а за неколку дена треба да излезе и македонската верзија. Сакам да издадам нешто што ќе допре до луѓето и ќе остави емоционален траг. Музичкиот правец останува балкански поп со современ звук, но со автентична приказна зад секоја песна. Наскоро следува нешто ново – и едвај чекам да го споделам со публиката!

Разговорот го водеше: Магдалена Стојмановиќ - Константинов

Фото извор: Инстаграм