1300 евра за два часа детски роденден? Фала, за тие пари ќе го однесам детето во Дизниленд

Добивај вести на Viber

Имам шестгодишно девојче. Во текот на годината одиме на околу триесет детски роденденски забави. И морам да кажам – тие стануваат сè поголеми, поскапи и полуксузни. Како да растат пари на дрвја. Игротеките прераснаа во профитабилен бизнис, а изнајмувањето на надувувачки реквизити е нов хит меѓу родителите.

Денес двочасовна забава за деца чини меѓу 350 и 500 евра – и тоа за 10 до 15 деца. Ако сакате да ги поканите сите од групата во градинка, цената оди уште погоре. Плус, уште стотина евра за пијалоци, храна и грицки или закуска за родителите додека ги чекаат.

Една загрепска игротека, која не сакам да ја рекламирам, го подигна нивото на „натпреварување“ меѓу родителите на нова димензија. Во беж-пастелна просторија, дизајнирана за совршени Инстаграм-слики, децата можат да се забавуваат два часа за 1.300 евра! И нема сомнеж дека ќе се најдат изнајмувачи. Зашто, денес покажувањето стана национален спорт. Откако возиме деца во градинка со скапи автомобили и купуваме брендирана облека што за три месеци ќе ја надраснат, луксузните роденденски забави се новиот доказ дека „можеме“.

И јас имам 1.300 евра. Но, не давам толку многу за роденден. Зашто не мислам дека вреди толку. Не можам да оправдам 650 евра по час. Тоа е чиста лудост.

А што се случува во Македонија?

Сценариото е слично, само нулите се нешто помалку.
Во Скопје, просечна роденденска забава во игротека чини околу 250 евра, покажуваат податоците. Некои пакети одат и до 500 евра, ако се вклучени кетеринг, фотограф, аниматор и декорација. Но, има и многу поедноставни опции: изнајмување простор за два часа чини од 1.500 до 5000 денари (25 до 80 евра), според платформата termin.mk.

Со други зборови – можеш да направиш убава, весела прослава и за разумни пари. Само ако не се натпреваруваш со останатите родители.

„Децата сакаат шарено, не пастелно“

Децата не бараат пастелни ѕидови и скапи фотосесии. Тие сакаат шарени балони, простор за трчање и искрена радост. Минатата година решив да ја прославиме забавата во парк. Купив костим на диносаурус од интернет за 30 евра. Кога тој „диносаурус татко“ излезе пред децата, беше момент за паметење. Целата прослава – со торта и сè – чинеше околу 100 евра, и сите зборуваа за неа со денови.

Да, беше напорно. Но беше и вистинска детска забава. Не престиж, не натпревар. Радост.

„Во оваа економија, доста е доста“

Живееме во време кога секој родител чувствува притисок да „не заостане“. Да не биде помалку креативен, помалку способен, помалку „во тренд“. Но, кога просечна плата оди за двочасовна детска забава, нешто очигледно не е во ред.

Постојат и поубави начини да се слави: во музеи, театри, па и во домашен двор или парк.
Детето нема да запомни дали имало балони во боја на шампањ, туку дали родителите беа таму, дали се смееше, дали го следеше некој диносаурус низ тревата.


Заклучок:
Во Македонија сè уште имаме избор – можеме да го задржиме духот на прославата, без да влеземе во натпревар кој ќе потроши повеќе. Родендените се радост, не ревија на статус.
Можеби е време, сите заедно, конечно да кажеме: доволно е.



РЖМ/ИС  - фото: инстаграм/фрипик