Вештачка интелигенција запеа на македонски: Проектот на Иле Спасев и Ристо Катевеновски ја крева музиката на ново ниво!
Македонската музичка сцена добива нова, современа димензија! За првпат кај нас се појавуваат АИ вокали – иновативен музички проект што обединува вештачка интелигенција и човечка креативност, создавајќи оригинални вокални изведби и модерен звук каков што досега не сме слушнале.
Музиката и телстовите се заедничко дело на Ристо Катевеновски и Иле Спасев, а аранжманот го потпишува Иле Спасев, познат продуцент кој со својот препознатлив стил и долга кариера поставува нови стандарди во македонската музичка продукција.
„Првичната идеја за овој проект е на Иле. Феноменален музичар и продуцент. Му понудив да направи аранзжман за неколку мои композиции, а тој ми понуди АИ-вокали. Прифатив и така започна се. Заедничкиот проект трае пет месеци и мислам дека е револуционерен во македонската музичка продукција.” - вели еден од авторите на песните, Ристе Катевеновски.
Во рамки на овој пионерски проект се создадени неколку оригинални песни, кои веќе се објавени на YouTube платформата. Секоја нумера носи своја енергија и порака – од современи поп ритмови, до емотивни балади што го претставуваат духот на новото музичко време.
„Технологијата напредува неверојатно брзо, а со неа и музичката АИ-технологија. Со Ристо решивме да дадеме шанса на ваквите АИ-пеачи и да видиме колку далеку може да се оди. По неколку месеци работа и илјадници проби, добивме резултат кој звучи изненадувачки реално. Слушателите сами ќе одлучат дали ќе препознаат разлика меѓу „вистински“ и „вештачки“ пеач – сè е достапно на нашиот YouTube канал „Martin & Martina.” - изјави Иле Спасев.
Очекувано, се предвидуваат различни реакции од јавноста, бидејќи станува збор за нешто сосема ново и невообичаено за нашите простори – но единственоста е токму во тоа. Овој проект ја менува перцепцијата за создавање музика и отвора врати кон иднината. Особено важно е да се истакне дека сите песни се отворени за соработка со пејачи – без разлика дали се македонски или странски изведувачи, професионалци или млади таленти кои сакаат да се занимаваат со музика. Доколку некој препознае песна што му се допаѓа, може директно да го контактира продуцентот за договор околу соработка и реализација. Целта е музиката да живее, да се споделува и да инспирира нови гласови и приказни.
Со овој проект, Македонија го прави првиот чекор во новата ера на музичката креативност, каде технологијата и уметноста се спојуваат во хармонија.