БИЛЕT ЗА ЈАВЕН ПРЕВОЗ ОД 10 ДЕНАРИ, ЛЕБ ЗА 20 ДЕНАРИ: Ова се држави со ниски трошоци за живот, но далеку од идеални

Добивај вести на Viber

Ако ги споредиме податоците од Numbeo, на листата има многу држави каде животните трошоци се пониски од оние во Македонија. Во некои земји билетот за јавен превоз чини само 10 денари, лебот 20 денари, газираните пијалаци се со цена од 30 денари, килограм компири чинат 22 денари или дури и поевтино, 17 денари, килограм ориз е 33 денари. Според Numbeo, Непал, Киргистан, Узбекистан, Азербејџан, Украина и други се земји со ниски животни трошоци.

И на worldpopulationreview се наведени земјите каде трошоците за живот се ниски. На листата први се Египет, Непал, Пакистан, Либија, Бангладеш.

Сепак, овие ниски трошоци им одговараат на авантуристите од богатите земји кои сакаат да патуваат и да истражуваат нови дестинации.

„Мора сами да се уверите дека цените се ниски. Туристите сè уште доаѓаат во Украина. Но, од друга страна во земја каде што има војна, ништо не може да биде евтино и тоа пак е тешко прашање“, вели Татиана Середович од Украина.

Ирода Бахридиновна од Узбекистан која се занимава со туристичка промоција на земјата, за Фактор, објаснува дека нивните трошоци за живот се многу ниски за странците. За европските граѓани цените на храната, пијалаците, транспортот во Узбекистан се ситница.

„За еден долар кај нас може да се купат четири шишиња вода. Цените на кафето се движат од 1.5 до 2 евра. За едно евро може да се купат 2 или 3 килограми компири. За странците е поволно, но за нашите граѓани е тешко, затоа што во главниот град просечната плата е 600 долари, а киријата чини од 400 до 500 долари. Она што е скапо е месото, односно килограм чини од 12 до 14 долари“, додава Бахридиновна.

Но, ако споредиме со Македонија, во светот има многу земји каде трошоците за живот се пониски од нашите, а кириите сепак не се евтини. Непал е земја со ниски животни трошоци, но сиромаштијата ги принудува Непалците да бараат работа на Балканот. Истото се случува и со жителите на Бангладеш. Дел од нив си ја пробаа среќата и во Македонија. Земјите со ниски животни трошоци се добра опција за дигиталните номади. Од друга страна пак, и Македонија е евтина дестинација за луѓето кои доаѓаат од богатите европски земји.

Сања Атанасовска за „ФАКТОР