„Кафана нема, ама затоа има чувство на општа правичност и финансиска сигурност“: Јана од Македонија е една од најуспешните архитектки во Швајцарија

Сѐ почесто нѐ изненадуваат резултати од анкети на кои младите децидно се изјаснуваат дека иднината ја гледаат надвор од Македонија.
И додека едни тоа го гледаат како општествен и системски пораз на еден народ, другите миграцијата ја разбираат како нормален и секојдневен феномен.
Сѐ во природата, па и во светот мигрира, особено во време кога технолошко-техничките пронајдоци го згуснаа просторот и времето. Светот станува едно „глобално село“ каде што се воведуваат страндардизации и унифицирања на производството, но и животните навики.
Швајцарија често се зема како еклатантен пример за општество во кое важат правила без никаков исклучок, а способноста на еден народ да создаде такви општествени услови се рефлектира токму во примерот на Швајцарија. Една од најцитираните изреки помеѓу граѓаните е дека „Македонија не е Швајцарија“, а за тоа што е толку различно помеѓу овие две општества, ја прашавме д-р Јана Константинова, која подолго време живее и работи токму во Швајцарија.
Refuge Albert Premier, Chamonix, Фото: Јана Константинова
Како млада, перспективна и амбициозна студентка заминала на студии во Швајцарија каде што се стекнала со највисоката академска титула - доктор на науки. Денеска е една од најуспешните кадри во областа на архитектурата во Швајцарија. Ја прашавме дали ги преиспирува своите одлуки и дали истиот успех ќе го постигнеше доколку останеше во Македонија, за „Женски магазин“ откри токму Јана.
-Во дваесеттите години светот ви станува тесен – имате силна потреба за нови искуства, за излез од познатото. Моето патување со Швајцарија започна на еден романтичен начин, но подоцна стана и професионално значајно. Тоа беше период кога сакав да истражам нови хоризонти, и токму тука ги најдов можностите што ги барав, вели таа.
На прашањето кои се главните предности, а кои недостатоци на Македонија и Швајцарија во поглед на општествено уредување, кои се рефлектираат во животот на еден поединец и обичен граѓанин, Јана вели дека секоја држава има свои предности и недостатоци.
-Имам и критики и пофалби за двата општествени модели – на крајот на денот, сите живееме на иста планета и ги делиме многу заеднички предизвици, иако со регионални нијанси.
Сепак вели дека Швајцарија ѝ обезбедува чувство на сигурност, пред сѐ финансиска, но и системот функционира за сите еднакво поради што се обезбедува општа правда и чувство на задоволство кај поединецот. Кога правилата на игра се исти за сите, самиот начин на функционирање станува многу пофер.
-Она што особено го ценам во Швајцарија е чувството за општа правичност. Кога системите функционираат, имате простор и мир да се посветите на она што навистина го сакате – и што навистина е потребно. Исто така, сигурноста што постои тука, особено во денешниот турбулентен свет, е навистина вредна, вели таа.
На прашањето дали е вистина дека во Швајцарија постојано се работи и дека луѓето кои живеат таму се презафатени за водење на социјален живот, каков што е вграден во нашиот балкански менталитет, вели:
-Сепак, концентрирањето на капиталот во неколку центри носи и притисоци, што може да создаде нерамнотежи. Оттука потекнува и впечатокот дека на Западот се работи премногу, а животот често се врти околу работата. Но, Швајцарија не се развива во вакуум – таа постојано се менува, и сум сведок на многу трансформации од кога живеам тука. Парите сами по себе не гарантираат социјален развој – но нивното отсуство е исто така ограничувачко и не треба да се романтизира. Професионално се занимавам токму со овие теми – развојот е моја академска и практична преокупација.
Голема недоумица е дали Балканците се однесуваат на идентичен начин на Запад, како што се однесуваат тука, каде што важат други норми и правила. Особено дали кафаната како една од важните институции која асоцира на социјален живот, слобода и време за безделничење, е омилено место за луѓето кои потекнуваат од Балканот, Јана вели дека секој менталитет си има своја специфика и не може да се најде пандан на оваа „културна“ институција во Швајцарија, но има други алтернативи за социјализација.
-Кафаната како концепт е автентична и длабоко вкоренета во нашата култура – и токму затоа тешко се пренесува на друго место. Во таа смисла, убавината на различните региони лежи токму во нивните уникатни форми на заедништво, вели Јана и додава
-Не знам точно како се снаоѓаат сите Балканци, но оние со кои се дружам тука не се баш типични. За себе можам да кажам дека уживам во книги, во езерото, и во спектакуларните планини што ги имаме на дофат. Социјалниот живот тука е различен – но токму во тие разлики се отвора простор за нови навики и внатрешни задоволства.
Дека Македонија не е Швајцарија е очигледно од примерот на наши млади кадри, кои заминуваат од државата во потрага по подобро образование, функционален систем и други услови за живеење и дејствување. Но на крајот од денот не е ни поентата во тоа сите држави да изгледаат идентично, утопизмот е уточиште за мечтаење и тој може да постои само како книжевен жанр, во реалноста светот е полн со разноличности, а мултикултурализмот и културниот релативизам денеска се на цена.Магдалена Стојмановиќ