„Хрватите имаат длабока почит кон македонската култура“: Разговор со Бранкица Богатинов - Македонка која вовела настава по македонски јазик во Хрватска

Во 2010 година се преселила во Хрватска, по еден годишен одмор во Дубровник кој ѝ го променил животот.
Хрватска веднаш ја освоила неа и нејзиното семејство со своите природни убавини. Бидејќи и таа и сопругот се големи љубители на природата, тоа за нив било љубов на прв поглед.
-Но не беше само природата – нè привлече и сличноста во менталитетот, срдечноста на луѓето, нивната топлина и отвореност кон Македонците. Иако немавме роднини таму, нè пречекаа со искрена добредојденост што ја почувствувавме длабоко. Подоцна дојдоа и професионалните можности – прво за сопругот, а потоа и за мене – и така Хрватска стана наш втор дом, вели Бранкица Богатинов за „Женски магазин“.
Бранкица е мајка на три деца, кои одлично се вклопиле во новата средина и паралелно го совладале и хрватскиот јазик, но го говорат паралелно и македонскиот.
Нашите синови го зборуваат и македонскиот и хрватскиот јазик. Постариот син Филип имаше 10 години кога се преселивме, и почетоците му беа предизвик – нова средина, нов јазик, ново училиште. Но со својата детска отвореност и храброст, за кратко време успеа да се вклопи, да стекне пријатели и со срце да ја прифати Хрватска како свој втор дом, вели таа.
Во 2015 година им се родиле близнаците Петар и Павел, и кај нив природно течело сè – од мали се учени на два јазика, и слободно и спонтано се изразуваат и на македонски и на хрватски.
-Верувам дека зачувувањето на мајчиниот јазик е од суштинско значење, особено кога живееш надвор од татковината. Јазикот не е само средство за комуникација – тоа е душата на еден народ. Во македонскиот јазик е вткаено целото наше постоење – во него се опишани, испеани и пренесени сите радости и маки на нашата историја. Тој е нашиот најсилен доказ дека постоиме и припаѓаме на еден народ со длабоки корени и богата култура, вели Бранкица.
Таа додава дека за нив македонскиот јазик дома не е само говор – тој е љубов, идентитет и жива врска со татковината.
Бранкица вели дека од мали нозе твори на македонски јазик, но сега откако се преселила во хрватска, го прифатила и хрватскиот јазик како дел од нејзиното јазично дејствување и почнала да пишува и на хрватски.
Оваа година, посебно место во моето срце зазема издавањето на мојата прва двојазична стихозбирка на македонски и хрватски јазик – „Нека биде сонце“. Овој важен чекор го направив со несебична поддршка од Хрватско-македонското друштво, особено благодарение на претседателката Јудита Реј Худечек и Лена Ѓапиќ, кои ја препознаа силата и искреноста на стиховите и ми помогнаа тие да добијат свој дом меѓу кориците, вели Бранкица.
Хрватите имаат длабока почит и наклонетост кон Македонците
Бранкица вели дека иако веднаш ја забележала наклонетоста на хрватскиот народ кон Македонците, откако се преселила во Хрватска и таму почнала да твори и работи, уште повеќе се воодушевила од тој топол и близок однос кој го имаат дури и државните институции кога се во прашање македонскиот јазик и култура.
-Можам со цело срце да кажам дека досега, на сите мои идеи, предлози и активности поврзани со македонскиот јазик и култура, сум наидувала на ширум отворени врати – како од локалната самоуправа, така и од Министерството за образование и останатите надлежни институции во Хрватска. Поддршката е постојана, искрена и видлива – не само на збор, туку и на дело, истакнува таа за „Женски магазин“.
Тоа што сме биле дел од една држава во минатото, многу е важно за меѓусебното прифаќање и чувство на блискост кај повозрасните, но и помладите се љубопитни и сакаат да учат и знаат повеќе за Македонија. Вели дека покрај огромната поддршка од самите институции, таа има одлична соработка и со хрватските медиуми.
-Сите мои активности – било да се од областа на наставата, културните настани или книжевните промоции – се редовно проследени и објавувани од различни хрватски медиумски гласила, меѓу кои телевизиски и радио-емисии, електронски портали, како и локални и жупаниски информативни сервиси. Оваа медиумска поддршка не само што ми претставува лична чест и признание, туку е и доказ дека нашата работа е препознаена како вредна и значајна. Таа ја носи пораката дека сме битна карика во градењето на едно модерно, инклузивно општество, во кое различностите не се пречка, туку богатство – инспирација, а не причина за поделби, вели таа.
За прв пат воведена е настава на македонски јазик во Загрепската жупанија
Поради огромната поддршка која ја имала, успеала да направи еден многу голем чекор за македонската заедница во Хрватска, но и да ја претстави македонската култура и тоа во рамки на образовниот процес. Уште во 2022 година, на нејзин предлог и со помош на родителите, покренала иницијатива за отворање на првото училиште во Загрепската жупанија каде ќе се изучува македонски јазик. Тоа бил почеток на еден голем и важен пат за зачувување на јазичното и културното наследство на македонското малцинство таму.
-Од септември 2022 година, со одобрение од Министерството за наука и образование на Р. Хрватска, започна спроведување на изборниот предмет „Македонски јазик и култура“ според моделот Ц, во ОУ „Иван Бенковиќ“ во Град Дуго Село. Наставата се одвива двапати неделно по два часа, и е достапна за сите ученици од прво до осмо одделение во градот. Посебноста на програмата е тоа што ученици не се само од македонско потекло – напротив, учествуваат и деца кои сакаат да го прошируваат своето знаење и да истражуваат нови култури, а оценката се запишува во сведителство и влегува во целокупниот просек на постигнат успех. Сакам да ја нагласам и соработката со Агенцијата за иселеништво на Р. Македонија со која имаме убава и континуирана соработка а пред се во снабдување со учебници и друга литература за овој тип на настав, вели Бранкица за „Женски магазин“.
Наставата по македонски јазик што ја реализира во Хрватска не е класично изучување само на граматиката и јазичните правила. Тоа е модел Ц наменет за националните малцинства и е богат и сеопфатен образовен процес преку кој учениците ја доживуваат Македонија во целина.
Во наставата се вклучени – јазикот, културата, историјата, географијата, книжевноста, музиката, традицијата и обичаите. Тоа е програма што ги приближува децата до своите корени, но и гради свест за различноста, прифаќањето и меѓукултурната размена.
Разликата во наставните програми помеѓу Македонија и Хрватска лежи главно во тоа што овде пристапот зборувам за овој модел Ц во наставата е интегративен и прилагоден на ученици кои живеат во мултикултурна средина, па акцентот не е само на јазичните структури, туку на целовитото претставување на Македонија како држава и културен простор, вели Бранкица.
Денеска таа заедно со својот сопруг Игор и нивните три деца, живее и твори во Хрватска, но се изборила тоа да го прави на македонски јазик, не само таа, туку и нејзините деца и сите деца во рамките на македонската малцинска заедница во Хрватска.
Магдалена Стојмановиќ - Константинов