Маичка во светли тонови, деним шорц, очила за сонце, книга и кафе на плажа: Летни муабети со Александра Јанева

Насмеана, полна со енергија и секогаш позитивна – токму така ја познава јавноста Александра Јанева, еден од најмоќните женски вокали на македонската музичка сцена. Со својот препознатлив глас и харизма, таа одамна ја освои публиката, а сега открива и како изгледа нејзиното идеално лето.
Во разговор за Женски магазин, Александра одговара на прашања поврзани со летото – открива која е нејзината омилена туристичка дестинација каде би се враќала секогаш кога ќе има можност, како изгледа еден нејзин ден на одмор, како и што прави кога целосно се препушта на релаксација и мир.
Подгответе се за една летна приказна исполнета со мирис на море, сонце и уметничка инспирација – со Александра Јанева во главната улога.
ЖМ: Како би сакале да изгледа еден ваш идеален летен ден?
-Идеалниот летен ден е ден од одмор за мене. Започнува со утринско кафе на тераса, со поглед на море. Уживам да гледам и слушам мирно и неразбранувано море, тоа ме релаксира. После тоа малку пливање во море, па повлекување дома за да се прочита некоја интересна книга или да се слуша нова музика, дури е најжешкиот период во денот. Враќање на плажа после 17ч и уживање во зајдисонцето покрај море. Вечерта би направила една голема прошетка низ гратчето каде што сум сместена, затоа што обожавам да пешачам навечер и да анализирам каков е животот во други земји, со различни култури, луѓе итн.
ЖМ: Плажа или планина – каде повеќе се гледате летово?
-Плажа дефинитивно.
ЖМ: Дали за ова лето имате план за вистински одмор или ќе помешате задоволство и уживање со работа?
-Одморот ми е закажан и се надевам дека ќе биде вистински одмор од обврски. Сѐ дури не треба да се вратам од одмор за да работам, немам никаков проблем да одвојам малку време ако треба нешто да сработам поврзано со работата. Инспирацијата е секогаш поприсутна кога ќе смениш средина и ќе си дадеш одмор неколку дена.
ЖМ: Имате ли некое омилено летно дестинациско место на кое секогаш се враќате?
-Не е толку летно место колку што ми е убава земјата и секогаш има нешто ново да се види и посети – Италија. Сум била три-четири пати и сеуште имам мноогу невидени места таму.
ЖМ: Дестинација која ви оставила најубав впечаток и зошто?
-Од работните патувања, Тел Авив – Израел. Заради искуството со Евровизија, неповторливиот тим со кој делиме преубави спомени.
Од приватните патувања – Малдиви, заради природните убавини и спокојот кој го почувствував кај локалците и истоиот како да се пренесе и на мене и баш уживав секојдневно.
ЖМ: Што не би заборавиле никогаш да понесете на плажа?
-Фактор 50 за заштита. Ако го заборавам – тешко мене.
ЖМ: Која е вашта go-to летна комбинација?
-Маичка во светли тонови, деним шорц, очила за сонце и лесни патики за лето.
ЖМ: Без кој моден додаток не излегувате летно време?
-Очила за сонце.
ЖМ: Шорцеви или фустан – што преовладува во вашиот летен гардеробер?
-Летни фустанчиња многу сакам, но немам толку многу како шорцеви. Плус, шорцевите најчесто ми се фармерски и не ги пеглам, а тоа автоматски ми влијае и помага при селекција на гардероба. Не обожавам да пеглам летно време.
ЖМ: Повеќе преферирате едноделен или дводелен костим за капење?
-Дводелен костим за капење.
ЖМ: Дали летото ви е инспирација за сценски стајлинзи?
-Повеќе ги сакам зимските сценски парчиња.
ЖМ: Како ја одржувате кожата здрава и сјајна во жешките денови?
-Веројатно ме спасува тоа што поздраво да се хранам. Во текот на летото јадам многу овошје и нешто помалку зеленчук. Инаку заборавам да пијам вода и да мачкам хидрантни креми и затоа скоро никогаш не можам да кажам дека кожата ми е доволно хидрирана. Ми треба потсетник за тоа. (се смее)
ЖМ: Дали брзо добивате тен или за тоа ви се потребни неколку одмори во текот на летото?
-Досега не ми се случило да имам неколку одмори во текот на летото. Отсекогаш бил само еден. Со еден никогаш не добивам боја каква што би сакала, ако се промени во иднина тоа, можеби ќе го добијам тенот што го сакам.
ЖМ: Се случило ли некогаш да изгорите со тенот? Како се спасувате од „сончево фијаско“?
-Се случило многу пати во минатото, спасот е бегање од сонцето и максимално хидрирање на кожата за да се зголеми еластичноста и да се олеснат болките од горење на кожата. Веќе сум доволно возрасна за да знам како ми реагира кожата на сонце и да не му приредувам такви стресови на телото за да добијам краткотраен тен.
ЖМ: Дали читате книги кога сте на одмор и што е тоа најчесто, какви книги?
-Секогаш земам книги кои се лесни и за кои не треба многу фокус, затоа што ако треба да посветам екстра внимание цело време ќе се навраќам на првите 20 страници. (се смее)
ЖМ: Што може да најдеме на вашата летна плејлиста – нешто свое, нешто класично или нови хитови?
-Обично се песни со побрз ритам, нови хитови.
ЖМ: Имате ли некоја рутина за опуштање кога сакате „off“ момент?
-Вежбањето ми помага најмногу во опуштање од стресни периоди, расчистување на мисли и ослободување од негативна енергија.
ЖМ: Кафе или пиво на плажа?
-Не сум по пивото, не сакам да имам подуен стомак на плажа. (се смее) Кафе може во секое време.
ЖМ: Активен одмор или лежалка + книга + коктел?
-Во моментот би избрала лежалка + книга + коктел, затоа што летото ми поминува пребрзо, а одмор немам сѐ до крај на август. Инаку и двете опции си имаат своја убавина.
ЖМ: Која дестинација оваа година е ваш избор за летниот одмор и зошто?
Лефкада, Грција.
Не сум била досега, а има многу пофалби за водата и плажите таму, а и некако ми е најизводлива дестинација затоа што од настап тргнувам на одмор. (се смее)
Габриела Додевска Глигоровска