„Пред камера класичен стил, зад неа спортски - фармерки, патики и неизоставен детаљ - марамата“: Интервју со „мадам метео“ - Анкица Јосифовска Ангелковска

Добивај вести на Viber

Ведра, позитивна и со специфичен глас секојдневно ја гледаме на телевизиските екрани кога треба да слушнеме какво време ќе нè очекува во тековните денови.

Анкица Јосифовска Ангелковска е дел од метео тимот на Телевизија Сител која сосема случајно се нашла во овој проект и кој веднаш го засакала. Верува во тоа дека се што се случува е со причина, па така и за тоа што е дел од Мето на Сител.

Иако новинарството и титлувањето е нејзината прва љубов, тоа што денес е презентер на метео вестите е комфорна зона која не би ја менувала со ништо.

Растена е во Париз, како тинејџерка, но и подоцна за време на студентските денови. Францускиот јазик го говори како нејзин втор мајчин, а растењето во две различни култури само го надградиле нејзиниот карактер и личност.

Анкица за Женски магазин искрено зборуваше за нејзината кариера, детство, тинејџерски години поминати во Париз, за женската убавина, специфичноста на Французинките, но и за тоа дека во моментов ужива во уште една животна улога, како баба на Анисија.

ЖМ: Јавноста ве препознава како телевизиски лик кој ги презентира можеби и најважните информации, а тоа е „какво време ќе нè очекува“. Колку често ве препознаваат во секојдневието и што најчесто ве прашуваат?

- Изминативе неколку години веќе и по ликот ме препознаваат бидејќи првите години (а помина повеќе од една деценија) ме препознаваа по бојата на гласот кои сите велат дека е специфична. Она што сите го велат е дека воопшто не личам како на телевизија: сум изгледала многу повисока, многу „пополничка“ и многу повозрасна. Напротив, не сум висока (едвај 1,60), изгледам помлада од годините и тоа сите го велат но што се однесува до килажата тука и не така грешат (се смее).

ЖМ: Како започна приказната со тоа да бидете дел од временската прогноза на Телевизија Сител и дали ова беше прво ваше појавување пред камера?

- Еден од колегите (Љубиша) којшто веќе работеше на проектот спомена дека бараат презентерки за проектот и тоа еден од „условите“ беше да се биде на возраст од над 50 години. Дојдов на аудиција и така почна приказната со „мадам метео“.

ЖМ: Во моментов сте дел од екипата која работи на овој проект, но имавте ли претходно искуство со медиумите или пак новинарството?

- Да. Долги години работев во МРТВ како надворешен соработник, најпрво како преведувач (и титлување) на француски филмови и документарци. Потоа и во Македонското Радио, најпрво како преведувач од француски на дневните вести што пристигаа од Агенцијата Франс Прес (за потребите на телевизијата, радиото и спортската редакција), а и како преведувач на дневните вести од македонски на француски јазик за потребите на сателитската програма на националната ТВ, програма во склоп на која како последен проект ми беше како радиоводител на ноќната програма наменета за дијаспората со гостување на луѓе од разни области.

ЖМ: Како изгледа еден ваш работен ден во Сител Телевизија?

- Кога одиме прва смена во рамките на утринската програма е станувањето рано наутро (4.30), што за мене лично и не претставува некаков проблем бидејќи по природа сум ранобудник. Се доаѓа рано бидејќи следуваат доста подготовки: Најпрво менување гардероба, потоа шминка и фризура и подготовка на материјалот којшто ни го испраќа екипа професионални метеоролози. Она што е карактеристично за оваа (сменска) работа е што се работи и за викенди и за празници.

ЖМ: Како ја одржувате позитивната енергија пред камерите, дури и кога временските услови се мрачни?

- Убаво е чувството кога луѓето ве перцепираат како позитивна личност (а таква сум и по природа) но уште поубаво чувство е кога ширите позитивна енергија со тоа знаете дека барем малку (а дај Боже и многу) ќе придонесете за да некому измамите една насмевка, па и му го смените расположението. Скоро сите ме препознаваат по таа позитивна енергија којашто ја имам и пред но и зад камерите. Тоа е нешто што го имате во себе, природно. И морам да признаам дека многу ретко „тмурното“ време лошо влијае на моето расположение.

ЖМ: Дали сте оние типови на луѓе на кои им влијае времето на расположение, но и врз здравјето?

- Не, не сум метеопат. Веројатно и благодарение на генетиката што ја наследив од мојата мајка, многу, многу ретко ги чувствувам временските промени во однос на моето здравје па и расположение (можеби со годините тоа полека ќе се смени – се смее …). Веројатно и мојот начин на размислување придонесува во сето тоа, затоа што според мене во сẻ треба да најдете убаво и позитивно, дури и во негативното. Наше е да најдеме начин како тоа да го „преиначиме“ за токму да не влијае лошо на нас.

ЖМ: Имате ли некоја анегдота од емисија во живо која ја паметите?

- Да е само една! Имало многу „бисери“! Но секогаш мора да делувате смирено пред камерите и да се снаоѓате, а снаодливоста дефинитивно доаѓа со годините искуство и особено кога текстот ќе ви „летне“ од пред екранот и мора да импровизирате (се смеe).

ЖМ: За еден презентер кој е пред екраните, важен е изгледот. Колку внимавате на тоа како ќе се појавите пред камера, но и приватно колку како жена се го негувате вашиот изглед?

- Во однос на изгледот пред камерите друг се грижи за изборот на гардеробата (иако имам слобода и самата да вметнувам некои модни детали), за шминката и фризурата. Стилот што се негува за овој проект е секако покласичен иако и во приватниот живот не негувам некој екстравагантен стил, сепак претпочитам покласичен стил којшто според мене е одраз на елеганција. Инаку по природа сум многу поспортски тип бидејќи почесто ќе ме сретнете во фармерки и патики со еден неизоставен детаљ а тоа е марамата (ги имам безброј во разни димензии, во разни дезени и квалитети). А во лето фустаните ми се најомилени и тоа во најшарени дезени.

ЖМ: Кои ваши особини ги сметате за маани, а кои за доблест?

- Веројатно маани имам повеќе со оглед на тоа што си имате работа со импулсивна и брзоплета личност (Овен и знак и подзнак). Роден „работохолик“ ништо не се остава за утре. мора денес и веднаш … кога можат другите, можам и јас … и бидејќи сум таква по природа тоа го очекувам и од другите … ама не е така.

Многу строга, најпрво кон самата себе па и кон другите особено кон синовите (мала дигресија: велат строг родител не значи и лош родител а тоа многу подоцна го сфаќате … сẻ во свое време!)

Доблест? Да оставам на луѓето што ме познаваат да кажат. Веројатно мојата емпатична природа. Ги сакам луѓето. Им верувам. Сакам да помагам (дури и кога не заслужуваат). Ги сакам многу и животните (а и самите ние ги имаме многу по дома).

ЖМ: Многу жени во некоја доба од нивниот живот се одлучуваат на минимални, но и на повидливи естетски корекции, а целта е прикривање на борите, затегнување на лицето. Па оттука и прашањето, дали се плашите од стареење или сметате дека е тоа сосема природен процес, но и кое е вашето мислење за модерните корекции кои се тренд помеѓу жените?

- Не ме плаши стареењето. Самиот процес на стареење некако постепено, на секоја деценија, полека нẻ подготвува на тоа. Отсекогаш сум била против какви било интервенции (освен од здравствена природа). Едноставно како не создала природата така треба да се прифатиме (како што веќе споменав дури и во негативното треба да најдеме позитивно) и во недостатокот треба да најдеме убавина. А што е убаво? А што не е убаво? Многу релативна работа. Кој како ја перципира убавината.

Навистина изминативе неколку децении таквите корекции се многу позастапени а и сẻ помлади се решаваат на такви интервенции (непотребни). Треба многу да се размислува за последиците од тие интервенции. Сите велат дека „не личам за годините“. Ова најмногу се должи на генетскиот фактор којшто (како што веќе споменав) го наследив од мајка ми а и целото нивно семејство.

Никогаш не сум посветувала посебна нега на лицето, ниту пак сум се шминкала, освен римел и сјај за усни (затоа изминатава деценија надокнадив со силна шминка и тоа за цел живот – се смее …).

Како тинејџерка повеќе внимание посветував на нега на косата и тоа исклучиво со нанесува природни козметики (бојадисување со к’на, миење со коприва или листови од ореви. Она што најмногу ми претставуваше проблем е справување со вишокот килограми (според мојата висина а и конститутиција) особено во периодот на пубертетот и менопаузата. Изминативе неколку години најдов начин некако да се справам со тоа, и тоа со пешачење и пливање.

ЖМ: Вашата животна приказна е навистина интересна. Како дете сте пораснале во Париз и скоро 20 години сте живееле таму. Колку животот во оваа европска земја ви го промени погледот кон светот, начинот на размислување и делување?

- Многу. Јас сум дете кое растело со два мајчини јазика и две култури истовремено. Во друштво секогаш се забележувало некаква разлика во однесувањето особено и во размислувањето. И покрај тоа што растев во едно многу „послободно“, (космополитско) општество сепак моите родители се трудеа да не израснат и воспитаат во духот на она по „патријархално“ општество од каде потекнуваме. И во тоа е предноста: кога од стекнатото богатство (од две дијаметрално спротивни култура) успевате да извлечете она што е најдоброто за да се изградите и да станете личност со препознатливи вредности.

ЖМ: Какво дете, тинејџер бевте, какви интереси имавте во тие години?

- Она убаво, најубаво што го паметам од детството, а и од тинејџерските години се летните распусти минати во Македонија со големото семејство кое ми недостаставуваше во текот на целата година (мината во странство). Можеби најубавите години се студентските години, кога останав сама да живеам во Париз. Тоа беше преоден период во животот кога веќе стануваш повозрасен, свесен за својата самосталност и одговорност кон животните предизвици.

ЖМ: Што е тоа толку посебно што го имаат Французинките како жени?

- Нивната нежност, какво нивните црти на лице така и нивната витка линија. Можеби Париз е град на модата но Французинките секогаш биле многу едноставни и нежни. Повеќе ми наликуваа како „спортски“ тип на жени со лесна облека во пастелни нијанси, повеќето со кратки коси (без некакви посебни фризури). Жени едноставни, а сепак со посебна елеганција.

ЖМ: Мајка сте на двајца синови, колку во ова што вие го работите ја имате нивната поддршка и поддршката на сопругот?

- Со оглед на тоа дека се навикнати да работам на многу и разновидни проекти (од различни области) и во овој проект ја имам нивната поддршка. Паметам дека постариот син тогаш беше на студии во странство и разбрал за моето појавување пред камери од негови другари (се смее) и веднаш ми се јави со неверување. Сопругот во некои моменти негодуваше околу станувањето толку рано но едноставно сфати дека навистина си ја сакам оваа работа и дека ништо не ми е тешко.

ЖМ: Дали имате планови за проширување на кариерата, можеби во новинарство или водителство на други формати?

- Никогаш за ништо не сум имала план во животот бидејќи сẻ што ми се случувало било различно од она што сум го планирала или барем замислувала. Среќна сум и задоволна што многу нешта ми доаѓале односно ми се случувале во животот онака сами по себе, непланирано … или можеби животот веќе однапред ги имал испланирано за мене … токму како што ми се случи и оваа улога на презентер (искрено ни во сон не сум замислувала дека еден ќе го работам ова). Многу верувам во тоа дека ништо во животот не е случајно туку се случува со причина. Она што можеби со сигурност можам да планирам е да ја проширам „својата кариера во улога на баба“ и да ја учам својата внука Анисија да го изучува францускиот јазик уште од најрана возраст.

ЖМ: Имате ли информации од дежурните синоптичари какво лето ќе нè очекува?

- Дааа … многу луѓе и одамна ми го имаат поставено ова прашање иако летото е далеку. Накусо би кажала дека нашиот професионален тим на метеолози нѝ најави долго и сушно лето.

Габриела Додевска Глигоровска
Фото: Приватна архива